Македонија
МВР не ја наведува причината за запирањето на Максим Димитриевски и најави истрага за случајот
Од Министерството за внатрешни работи по сопирањето на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, велат дека за случајот е вклучен Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди. Од таму не ја наведуваат причината поради која бил сопрен Димитриевски и наведуваат дека нема да дозволат каков било притисок и незаконско постапување.
Полицијата утрово го сопрела возилото во кое бил Димитриевски, кој е и кандидат за втор мандат, неофицијално, оти имало затемнети стакла. Возилото било испратено на техники преглед бидејќи тоа била стандардна процедура за оние кои возат со затемнети стакла кои се забранети.
Од МВР официјално не кажуваат која била причината поради која било сопрено возилото во кое бил градоначалникот, но најавуваат истрага за случајот.
„Во врска со денешниот случај во Куманово, кога е сопрено возило ‘рено’, управувано од Д.Д., ве известуваме дека Министерството за внатрешни веднаш го вклучи Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди за целосно расчистување на случајот. МВР нема да дозволи каков било притисок, незаконско постапување или злоупотреба на положбата“, велат од МВР.
Утрово градоначалникот Димитриевски со вклучување во живо на „Фејсбук“ се пожали дека полициско возило го следело неколку улици, а го сопрело кога дошол на улицата Лесковачка во Куманово. Во автомобил бил заедно со Дејан Димитриевски, а полицијата им ги зела документите и без објаснување ги држела петнаесетина минути, период во кој бил блокиран сообраќајот. Неколку минути по првото вклучување во живо, Димитриевски се вклучи и вторпат, со објаснување дека полицијата ги испратила на технички преглед иако знаеле дека возилото е ново.
Димитриевски во видеата порачува дека ваквите притисоци на министерот Оливер Спасовски, среде кампања пред вториот круг на изборите, нема да го поколебаат. Во првиот круг на изборите тој, како независен кандидат, освои 22 гласа повеќе од кандидатот за градоначалник од СДСМ, Оливер Илиевски. Следењето од полицијата и сопирањето Димитриевски смета дека се начин да му се изврши притисок поради изборниот резултат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

