Македонија
Мемов: ЗНАМ ги отвора вратите за сите членови на СДСМ

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска одржа прес-конференција, на која портпаролот Никола Мемов нагласи дека за македонската јавност е од исклучителна важност кој ќе раководи со Владата, но исто така битно е да има и силен коректор на полтиките на Владата, односно силна опозиција.
Мемов рече дека членовите на СДСМ избрале старо-нов претседател на своите внатрепартиски избори поради тоа што директорот на Фондацијата „Заев“ и негов близок бизнис-партнер е продолжена рака на кланот Заеви и, всушност, претседател на СДСМ е повторно Зоран Заев.
„Од вкупно 80.000 члена на СДСМ, за гласање се регистрирале речиси 23.000, а излегле околу 12.000 члена. Со 9.000 гласа за претседател е избран Венко Филипче. Само за потсетување, претходниот претседател, г. Ковачевски, беше избран со приближно 40.000 гласа. Самата постапка на регистрација, каде што системот за евиденција ненадејно крахира на неколку часа, и одѕивот на внатрепартиските избори на СДСМ говори за тоа во каква состојба се наоѓа СДСМ. Тоа е состојба на очај, раздор, подметнување, хипокризија, лицемерство и безидејност“, истакнуваат од оваа партија.
Портпаролот на ЗНАМ, Мемов, рече дека Движењето ЗНАМ – За наша Македонија му го честита изборот на Филипче, иако исходот на внатрепартиските избори во СДСМ го оценуваат како недемократски и нелегитимен.
Мемов ја потсети јавноста кој ќе ја претставува опозицијата во Македонија во ликот на Венко Филипче: „Поранешен советник на таканаречениот министер за смрт, НиколаТодоров, во владата на Никола Груевски.
Министер за здравство во владата на Заев. Осомничен дека преку неговата невладина организација обезбедувал инсулин со краток рок на траење. Човекот што два дена пред да си замине од функцијата министер префрли 2,5 милиона евра на грчка компанија, која ја гради болницата во Штип. Болницата не е ни почната, ставени се само темели, а се ветуваше дека ќе биде готова до 2018/2019. 2,5 милиона евра се платени на контото на компанијата „Интракомконстракшн – Интракат Грција“, која со години го гради Клиничкиот центар во Штип, инвестицијата што беше најавувана како гордост на владата на Зоран Заев. Интересно е дека ден по изборот на новата Влада и само два дена пред формално да ја предаде министерската фотелја, значи на 17 јануари 2022 година, Филипче префрлил 56 милиони денари на контото на „Интракат“. Претходно, на 3 и на 7 декември 2021 година Министерството за здравство на грчката фирма ѝ исплатило 100,4 милиони денари.
Тогашен министер за здраство за кого италијанскиот весник „Ла Верита“ ги објави писмата за набавка на вакцини од Кина во вредност од 7,5 милилони евра, кои се однесуваат на фирмата Starbi International во Хонг Конг за која весникот тврди дека е фантомска. Според регистарот во Хонг Конг, фирмата нема медицинско, ниту фармацевтско портфолио, а била регистрирана во 2017 година, пет месеци по формирањето на владата на Зоран Заев. Во неговиот мандат на 8 септември 2021 се случува пожар во тетовската модуларна болница со 14 жртви поради несоодветна електрична инсталација и несоодветен довод на кислород до пациентите. На крајот се откри виновникот: кабелот“, истакнуа Мемов.
Тој рече дека во СДСМ членуваат многу чесни и способни луѓе, членови што ја сакаат Македонија.
„Но, СДСМ е партија што повеќе не припаѓа на членството и максимата или си СДСМ или не си веќе нема никакво значење. Во последните 11 години раководството на СДСМ се откажа од асномските принципи и крушевските постулати како темели на македонската држава и македонскиот народ.
Поради неспособното и криминално владеење на раководството, СДСМ го доживеа најголемиот пораз од своето постоење, а денеска сме сведоци дека продолжува со истиот пристап и истите луѓе што ги водат кон нов изборен дебакл на следните локални избори.
На Македонија ѝ е потребна здрава, способна и чесна опозиција, која ќе биде коректор на власта. Вратите на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија се отворени за сите чесни луѓе што ја сакаат Македонија и сакаат да дадат свој придонес за успешен развој на државата. Отворена е поканата за прием на сите чесни членови на СДСМ. Движењето ЗНАМ – За наша Македонија со своето учество во Владата ќе биде гарантот дека никогаш повеќе работите немада бидат исти во Македонија“, рече Мемов.
Запрашан дали и понатаму ќе се реагира на употребата на знамињата и дали координацијата што ја најави Меџити ќе биде причина за напуштање на Владата, Мемов одговори дека одговорот се состои во три точки:
1. Во преговорите со владиниот партнер ВМРО-ДПМНЕ прифатени се политичката платформа, стратешките определби, политички начела, како и конкретните програмски определби на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, кои ќе бидат составен дел од владината програма;
2. Прифатени и усогласени се принципите и начинот на функционирање на идната влада врз рамноправни, автономни и партнерски односи, со ваемна одговорност во делот на имплементацијата на владината програма;
3. ЗНАМ ќе биде гарантот дека никогаш повеќе нема да може некој да го уценува со непристојни предлози партнерот во Владата, а кои ќе одат на штета на македонските национални и државни интереси.
Мемов исто така рече дека ЗНАМ ќе биде коректив во Владата и како во случајот со заклетвата на претседателот на Собранието ќе реагира и во сите други случаи кога ќе има нарушување на одредбите на Законот за употреба на јазиците и знамињата на етничките заедници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити: Буџетот на Чаир, Бујар би го потрошил за една недела, државниот ревизор му ги извади валканите алишта на виделина

Кандидатот за градоначалник на Чаир од коалицијата „Вреди“, Изет Меџити, денеска реагираше на начинот на кој поранешниот министер Бујар Османи ги менаџирал јавните пари, предупредувајќи дека злоупотребите и вештачки надуените цени во тендерите се директна опасност за секоја институција и за буџетот на граѓаните.
„Ако само замислиме дека со вакви цени, со вакви рекетирања, Бујар ќе ја косеше тревата во Чаир исто како во салата ‘Борис Трајковски’, тогаш е јасно дека буџетот на општината ќе се проголта за една недела. Со таков начин на лошо менаџирање, наставниците ќе останеа без плати, а граѓаните без основни услуги“, изјави Меџити.
Тој се повика на последниот извештај на Државниот завод за ревизија, кој како што оцени, констатирал сериозни злоупотреби при организацијата на дводневен самит, за кој биле потрошени околу два милиони евра државни пари.
„Овде не станува збор за мои зборови или политички обвинувања. Овде зборуваат фактите, документите и официјалните извештаи. А кога еден министер троши два милиони евра за дводневен самит, додека граѓаните се мачат со инфраструктура, образование и основни услови, тоа е непростливо“, нагласи Меџити.
Тој потсети и на времето кога Османи беше министер за здравство, споменувајќи дека во Гинеколошката болница во Чаир тогаш добил прекар „пациентот“ – што според него е симболичен показател за неуспешното раководење со институциите.
Меџити кој денес оствари посета на ОУ “Васил Главинов” порача дека Чаир заслужува транспарентно управување, реални инвестиции и грижа за граѓаните, а не злоупотреби и тендери со рекетирање.
„Граѓаните имаат право да знаат каде завршуваат нивните пари. Моја обврска како иден градоначалник е да ја вратам довербата и да го заштитам буџетот на Чаир од вакви злоупотреби“, заклучи тој.
Македонија
На Табановце се чека околу 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, поради летните одмори се бележи зголемена фрекфенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез од државата е околу 30 минути, додека на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре ќе се прска против комарци во Скопје

Од Градот Скопје известуваат дека утре (петок), во раните утрински часови ќе се изврши авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, ќе се прска првиот нареден ден, кога ќе бидат поволни временските услови, во истиот термин.
Се известуваат пчеларите навреме да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.