Македонија
Мерките засега да останат на сила, препорача Комисијата за заразни болести
Министерството за здравство информира дека денеска Комисијата за заразни болести одржа состанок на кој е разгледана можноста за олеснување на досегашните мерки за превенција и заштита од ширење на коронавирусот.
Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести одлучија да препорачаат до Владата, сите досега донесени мерки да останат на сила.
„Трендот на нови случаи со КОВИД-19 во следните два дена ќе биде разгледуван на состанокот на Комисијата за заразни болести во понеделник, по што ќе бидат дадени нови препораки до Владата за понатамошно постапување во однос на мерките“, велат од Министерството.
Министерството за здравство апелира до граѓаните доследно да се придржуваат до мерките, да ја почитуваат забраната за групи поголеми од две лица, да се држи дистанца од најмалку 2 метра и задолжително да се носи заштитна опрема за лице во случај кога просторот помеѓу граѓаните е помал од пропишаното.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Таравари: Формирана комисија, која треба да утврди дали родилката од Куманово почина од лекарска грешка или не
Формирана е комисија, која треба да утврди дали имало пропусти во случајот со починатата родилка во Куманово, а првичните информации ќе може да се очекуваат утре, најави министерот за здравство, Арбен Таравари.
Не би сакал да шпекулирам, да почекаме уште неколку дена и ќе видиме дали имало лекарска грешка или не, изјави Таравари.
Тој посочи и дека утре има прес-конференција поради 100 дена Влада и сигурно ќе имаме и првични информации.
„Комисијата работи, нам ни требаат осум дена. Чекаме и резултати од обдукцијата и ќе видиме. Не би сакал да шпекулирам, да почекаме уште неколку дена и ќе видиме дали имало лекарска грешка или не“, рече Таравари.
Македонија
Средба на министерот Муртезани со францускиот амбасадор: земјата останува цврсто на стратешката опредлеба за членство во Унијата
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денес оствари средба со новименуваниот амбасадор на Француската Република во Република Северна Македонија, Кристоф Ле Риголер; на која беа разгледани бројни аспекти на билатералната соработка, со акцент на развојните проекти, европските интеграции и инструментите за поддршка на реформските процеси.
Министерот Муртезани потврди дека земјата останува цврсто на стратешката опредлеба за членство во Унијата и спорведување на сите неопходни реформи особено во областите на владеење на правото, реформите на правосудниот сектор, борбата против корупцијата и организираниот криминал итн., особенo ако се има предвид фактот дека согласно новата методолгија за пристапни преговори напредокот во овие реформи ќе ја диктира динамиката на целиот преговорачки процес,
На средбата беше потврдена силната поддршка од Франција за евроинтегративните напори на Северна Македонија, особено преку програмите за билатерална соработка и развојни проекти. Министерот Муртезани посочи дека Француската агенција за развој (AFD), веќе присутна во земјата, игра клучна улога во поддршката на приоритетни инвестиции, особено во склоп нa Инвестициската рамка и Планот за раст на ЕК за Западен Балкан, кој го отвора патот за нови инфраструктурни и енергетски проекти.
Двете страни изразија надеж за продлабочување на билатералната развојна соработка по потпишувањето и ратификувањето на Спогодбата помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Француската Република за основање на Француската развојна агенција, PROPARKO и Expertise France во земјата. Оваа спогодба отвора нови можности за заеднички проекти и дополнителна техничка поддршка во рамките на националните развојни приоритети.
Во однос на програмите за техничка поддршка, Муртезани и Ле Риголер се согласија за продолжување на соработката преку ИПА инструментите, како што се TAIEX и TWINNING проектите. Во тој контекст, министерот Муртезани изрази благодарност за активната француска помош, како водечки партнер во неколку проекти поврзани со реформите на јавната администрација, зајакнувањето на демократијата и заштитата на основните права, како и развојот на образовни програми за возрасни. Тој оцени дека е особено значајно учеството на Франција во трите тековни TWINNING проекти во Северна Македонија, каде што ја демонстрира својата стручност и посветеност за успешно спроведување на реформите.
Муртезани и Ле Риголер разговараа и за вклучувањето на Северна Македонија како дел од географските приоритети на Франција во рамките на нејзината Евроазиска регионална стратегија 2020-2024, која се фокусира на приоритети како отпорност и урбана адаптација, поддршка на енергетската транзиција, како и создавање одржливи и инклузивни економски и политички модели.
Македонија
СДСМ: Мицкоски стана комедијант, задоволен бил дека во првите 100 дена нема афери и скандали
„Задоволен сум од работата на Владата во изминатите 100 дена без афери и скандали“ ја прогласуваме за досега накомична изјава на премиерот Христијан Мицкоски. Очигледно решил да се мајтапи со граѓаните или мисли дека никој не памти што се случуваше. Оваа Влада е влада која има продуцирано најмногу скандали за првите 100 дена од било која Влада во историјата, велат од СДСМ.
“Бидејќи не го држи помнењето еве да го потсетиме само неколку клучни скандали. Скандалот на скопскиот аеродром каде пиштолџијата на неговиот коалициски партнер Гаши се закануваше со пиштол, а Мицкоски се правеше на Тошо. Скандал со организрано пуштање на слобода на Блерим Рамадани од МВР и Наим Рамука, за кој повторно тој ништо не знаеше. Скандал е Силјановска да оди да се слика без знаме а потоа сите други да бидат криви освен таа и нејзиониот протокол. Скандал е и да се лаже дека се донела нова инвестиција а таа да била целосно на СДСМ па Мицкоски се пофали со неколку такви. Ова не само што е скандал туку потврдува колку Мицкоски е малодушен и не сака да признае ничив успех. Скандал е и да нема пари за повисоки плати за граѓаните, ама да има за бизнис карти од 20.000 кои се криеја од јавноста“, посочуваат од СДСМ и прашуваат:
„Дали Мицкоски исто не го виде скандалот со неговиот генерален секретар кој случјано на поклон доби 325.000 евра имот, или министерката Божиновска чија фирма должела 1 милион евра на Мепсо?
Дали случајно не знае дека неговиот телхранител кој тепаше полицајци на службена должност не само што е ослободен, туку ќе биде и командант на тигрите? Скандал е да се поставуваат лица со криминално минато на директорски позиции, скандал е да се поставуваат луѓе без лиценци за ревизори, скандал е да се поставуваат три директори во Царина за подобро да се краде на границите. Скандал е и професор по физичко да биде заменик министер во МВР, ама па за Мицкоски тоа е нормално ако може бивш затвореник да биде директор на затвор. И тоа за него не е скандал“.
Според СДСМ, Скандал е да нема одговорност за десетици нерасчистени убиства, скандал е да нема одговорност за 10% изгорена територија на државата.
„Скандал до скандал е Владата на Мицкоски, па можеби затоа не може да се сети, бидејќи скандалите за нив се секојдневие. Оваа комична интерпретација на Мицкоски повеќе делува несериозно или покажува дека тој не живее во реалноста. Секако аферите и скандалите нема да исчезнат од вицкастите изјави на Мицкоски“, завршуваат од СДСМ.