Македонија
Меџити – Агелер: соработка за заштита и одржлив развој на Охридското Езеро
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска оствари средба со амбасадорката на САД во Северна Македонија, Ангела Агелер.
За време на пријателската средба се дискутираше за техничка и научна соработка за заштита на Охридското Езеро, природно и културно богатство кое е заедничко за Северна Македонија и Албанија.
Целта на соработката е подобрување на квалитетот на водата, управување со рибниот фонд и развој на одржлив езерски туризам.
Во текот на 2024 година, двајца американски експерти спроведоа теренски посети и двонеделни средби во регионот на Охрид за да ја оценат актуелната состојба. Извештајот од таа посета содржи неколку конкретни препораки, меѓу кои: зајакнување на капацитетите на Хидробиолошкиот институт преку модернизација и поддршка на научниот кадар, создавање национална долгорочна програма за лимнолошки мониторинг и рибниот фонд, развој на заеднички прекуграничен план за управување со инкубаторите и заштита на охридската пастрмка, воспоставување механизми за рано откривање на инвазивни видови, како и развој на истражувачка програма за одржлив туризам и зајакнување на улогата на граѓанските организации.
Во рамки на денешниот состанок учествуваше и проф. Џејсон Стоквел, директор на Научната лабораторија за животна средина и природни ресурси при државниот универзитет во Вермонт, САД кој во наредните денови ќе престојува во Охрид по што ќе ги престави своите идеи за понатамошна соработка со Хидробиолошкиот институт – Охрид и другите релевантни иституции во земјата.
Меџити и Агелер се согласија дека заштитата на Охридското Езеро претставува национален и прекуграничен приоритет, а соработката со САД и меѓународните партнери ќе донесе неопходна експертиза за зачувување на ова уникатно природно и културно наследство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

