Македонија
Меџити: Пет нови ехо-апарати и друга опрема во Поликлиниката „Чаир“

Министерот за здравство, Фатмир Меџити, утрово, беше во посета на Поликлиниката „Чаир“ по повод набавена нова опрема од самата установа.
Станува збор за два нови ехо-колор доплер-апарати, едниот поставен во кабинетот за дојка во Поликлиниката „Чаир“, а вториот е планиран за одделот по интерна медицина, кој ќе биде со кардиолошка сонда.
„Станува збор за 5 нови дигитални ехо-колор доплери-апарати – инвестиција од самата установа наменета за Здравствениот дом Скопје. Едниот ехо-колор доплер-апарат е поставен во кабинетот за дојка во Поликлиниката ‘Чаир’, а вториот е планиран за одделот по интерна медицина, кој ќе биде со кардиолошка сонда.
Во Поликлиниката стариот апарат за гастроскопија е заменет со нов современ гастроскоп. Во тек е подготовка на нов кабинет за ортопедија, што ќе ги покрие потребите од ваквите здравствени услуги во овој дел од градот Скопје. Покрај ова, тука е поставен и нов генератор за производство на електрична енергија“, рече Меџити.
Информира дека во изминатиот месец е инсталиран и комплетно имплементиран пакс систем во сите рентген кабинети во Здравствниот дом Скопје. Со ова, како што рече, е овозможен полесен пристап на сите лекари радиолози до рендген-дијагностики што се изведуваат таму.
„Како Министерството за здравство сме силно посветено кон подобрување на условите во јавното здравство преку набавка на нова опрема, реконструкции и вложување во човечкиот капитал. Во текот на септември реализирани се 42 нови вработувања во Здравствениот дом Скопје. Од нив, 22 доктори на медицина се вработени во Службата за итна медицинска помош.
Исто така, во декември се реализирани и 26 нови вработувања за новата Поликлиника „Сарај“, која е комплетно опремена со нов мебел и набавена е нова медицинска апаратура“, додаде Меџити.
Според него, годинава се направени позитивни промени во здравствениот систем.
„Продолжуваме и во следниот период да вложуваме во здравствените работници и да се грижиме за нашите пациенти“, изјави Меџити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МВР со апел до граѓаните: да не отвораат линкови од СМС пораки, можат да бидат цел на криминални групи

Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи, ги информира граѓаните дека во изминатиот период се забележани зголемен број случаи на испраќање лажни SMS пораки кои лажно се претставуваат во име на телекомуникациски оператори.
„Овие пораки содржат линкови до лажно дизајнирани веб – страници со цел да ве наведат да внесете лични или финансиски податоци, кои потоа можат да бидат злоупотребени од страна на криминални групи.
Апелираме до сите граѓани да бидат крајно внимателни и да постапуваат одговорно: Не отворајте линкови од сомнителни испраќачи;
Не внесувајте лични податоци на непроверени страници;
Не одговарајте на вакви пораки;
Пријавете го случајот во најблиската полициска станица;
Блокирајте го бројот на испраќачот.
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи активно презема мерки и води постапки во врска со вакви измами“, се истакнува во соопштението.
Македонија
Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита

Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека денеска започна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за месец јуни 2025 година.
Корисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка ќе можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство од денеска, 04 Јули 2025 година.
Со цел да се избегне метеж пред и во банките при исплата на правата, за корисниците кои не користат картички, исплатата ќе се спроведе во 2 групи во сите отворени филијали и експозитури на банките, согласно со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето и тоа:
04.07.2025 – А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л, Љ
07.07.2025 – М, Н, Њ, О, П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.
Македонија
Тошковски и Дачиќ: One Stop систем за побрз проток и помалку чекање на граѓаните

Министрите за внатрешни работи на Македонија и Србија, Панче Тошковски и Ивица Дачиќ денеска на граничниот премин Табановце – Прешево го промовираа почетокот на One Stop системот на заеднички контроли на граничниот премин со што се овозможува побрз транспорт на луѓе, повеќе трговија, туризам и пријателство меѓу двете држави.
Почетокот на овој систем на заеднички контроли симболично беше означен со потпишување на Протоколот за извршување на гранични проверки на гранични премини кои го потпишаа двајцата министри на настанот. Воедно денес беше потпишан протокол за соработка за време на летната и зимската туристичка сезона кој го регулира меѓусебното испраќање на полициски службеници за помош на туристичките места и настани во зависност од потребите, што веќе функционира во годините наназад.
„Она што го ветивме го остваруваме на дело. На почетокот на оваа летна сезона, воведуваме заеднички систем на гранична контрола, кој што треба да овозможи побрз проток и помалку чекање на нашите граѓани. Денес официјално започнуваме со употребата на One Stop системот и сигурен сум значително ќе се намали времето на чекање и ќе се забрза трансферот на патници на нашите граници. Денес беше потпишан и протоколот за размена на полициски службеници во рамки на туристичките центри каде што имаме потреба во рамки на туристичките сезони“, потенцираше Тошковски.
„Целта на оваа соработка е поедноставување на комплетните процедури на граничните проверки така што полициските службеници на земјите ќе бидат овластени освен за граничните проверки на својата земја да ги извршат и проверките и за излезните гранични проверки. Едноставно воспоставуваме One Stop контрола и тоа на местото на влегувањето во државата. Со тоа едно застанување се избегнува непотребното задржување на патниците на излез. Ова е голем чекор напред посебно кога се однесува за големите празници или летната сезона која голем број луѓе ги минуваат границите“, образложи Дачиќ.
Воедно двата министри разговараа за дефинирање на соработка во вонредни ситуации како пожари за взаемно помагање и користење на ресурсите со кои располагаат двете страни при такви ситуации.