Македонија
Меџити: Се грижиме за зголемување на отпорноста од поплави на Полошкиот регион
Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити имаше обраќање на настанот за затворање на програмата „Подобрување на отпорноста по поплави во полошкиот регион“, што денес се одржа во Тетово.
Подобрување на инфраструктурата за заштита од поплави со уредување на речното корито во Боговиње, изградбата и чистењето на канализацијата во Тетово и Гостивар, чистењето и стабилизацијата на речното корито на Вардар во Гостивар и Јегуновце, се само дел од значајните инвестиции на проектот за подобрување на отпорноста кон поплавите во Полог. Во рамките на проектот беа стабилизирани и 7 критични свлечишта, а беа пошумени и 42 хектари во националниот парк Шар Планина, информираат од кабинетот на Меџити.
Според соопштиението, овој исклучително значаен повеќекомпонентен проект ја поттикна трансформациска промена во управувањето со ризикот од поплави во регионот, забрзувајќи ја промената од чисто реактивни одговори на поплави кон интегрирани системи за управување со опасностите, ранливостите и изложеноста на заедниците и добрата за да се спречат или ублажат загубите и да се олесни влијанието на идни поплави.
„Подобрувањето на отпорноста на поплави во полошкиот регион е многу важно прашање за зачувување на безбедноста, животната средина и одржливиот развој на овој регион“ изјави Меџити нагласувајќи дека проектот помогна да се изгради посилен и поодржлив систем за управување со ризик од поплави и создаде можности за понатамошен развој на заштитната инфраструктура во регионот.
„Министерството за животна средина и просторно планирање беше во тесна координација со локалните власти и другите агенции вклучени во управувањето со поплавите, а ова партнерство обезбеди координиран пристап за решавање на проблемите поврзани со поплавите и опасноста од водите“ додаде тој.
Покрај инфраструктурните интервенции, со проектот се зајакнаа и капацитетите на регионалните и националните тимови на Дирекцијата за заштита и спасување, противпожарните служби и спасувачите од Министерството за внатрешни работи. Се формираа и мрежата за заштитен и отпорен Полог како и заедничкото административно тело од сите градоначалници, чија главна задача е да се грижат за одржливоста на проектните интервенции.
Одржливоста на инвестициите финансирани од Владата на Швајцарија, беа во фокусот на обраќањето на амбасадорката Вероник Улман.
Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите Нации, Армен Григорјан во своето обраќање нагласи дека постигнатите резултати мора да се одржуваат и натаму и дека УНДП останува силен партнер на државата во зајакнувањето на отпорноста кон катастрофите.
Проектот „Подобрување на отпорноста кон поплавите во Полошкиот регион“ го финансираше владата на Швајцарија со 12 700 000 американски долари додека дополнителни 400 000 долари вложи Министерството за животна средина и просторно планирање и 130 000 долари општините во регионот.
Го имплементираше Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините во Полог.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

