Македонија
Меџити: Таравари треба да расчисти со дилемите, неприродно е и „Влен“ и соработка со ДУИ

Арбен Таравари треба да расчисти со дилемите, смета неговиот коалициски партнер, Изет Меџити.
За односите меѓу нив, во рамки на коалицијата „Влен“, оценката на Меџити е дека тие се добри, а и двајцата комуницираат. Сепак, тројца од четворицата лидери на политичките партии кои ја сочинуваат „Влен“ се согласни дека треба да настапат заедно на локалните избори, но Таравари размислува поинаку.
„Разговараме деновиве сите политички субјекти во коалицијата да се претопат во ‘Влен’, како политичка партија која ќе ги претставува Албанците на локалните избори. Единствениот кој има дилеми и гледа како можна опција и соработка со ДУИ е Таравари, за тоа него ќе го прашате. Таравари треба да расчисти со дилемите, неприродно е и „Влен“ и соработка со ДУИ“, рече Меџити.
Планот е коалицијата да настапи на изборите со заеднички кандидати, листи, штаб, програма и платформа. Меџити се осврна на листите, коментирајќи дека градоначалниците се избираат по мнозински модел, додека самите листи ги фаворизираат големите. Нема смисла, вели тој, ние сме кај големите и сега да одиме кај малите оти тоа ќе значи да се изберат гласови во прилог на ДУИ. Тогаш се поставува прашањето и за кого работиме, додаде Меџити.
Прашан дали се планира владина реконструкција пред изборите, Меџити одговори: Ќе видиме тоа, ќе процениме кои се аргументите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.