Македонија
МЖСПП: Опасниот отпад од ОХИС ќе биде изнесен од државата кога ќе дозволат временските услови
Винилхлоридмономерот од поранешната фабрика ОХИС ќе се преточи и ќе се транспортира од државата веднаш штом ќе дозволат временските услови потребни за безбедна работа со оваа хемикалија, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Во врска со дезинформациите што деновиве се шират на социјалинте мрежи за опасноста од цистерната во која е складиран отпаден винилхлоридмономер во кругот на поранешната фабрика ОХИС, Министерството за животна средина и простоено планирање ја информира јавноста дека таквите информации се сосема неточни. Имено, на 29 јули Држаниот инспекторат за животна средина објави целосен извештај од извршени инспекциски надзори во правниот субјект ‘Екоцентар 97’ – Скопје во врска со реализација на проектот за безбедно отстранување хемиски материи од локации и производни погони на АД ОХИС – Скопје, која и МЖСПП ја сподели на своите комуникациски канали“, се наведува во соопштението.
Во извештајот пишува дека е обезбеден висок степен на безбедност на цистерната со инсталирање систем за ладење, кој е поставен за да се одржува температурата на цистерната во согласност со правилниците за чување на ваквиот вид хемикалија во сад под притисок.
Исто така, велат од Министерството, за преточување и дислоцирање на винилхлоридмономерот фирмата „Екоцентар 97“ од Скопје има ангажирано повеќе подизведувачи, кои заедно работат на комплетно решавање на проблемот, и тоа со фирма од Германија за печка за палење отпад, со компанија специјализирана за преточување ваков тип опасен отпад од Франција и со транспортна компанија од Бугарија, која ги има сите потребни дозволи за транспорт на опасен отпад низ земјите на ЕУ.
Од МЖСПП велат дека планираната посета на инженерите од Франција и Италија, која требало да се реализира во март, била одложена поради коронавирусот.
Исто така, велат од таму, набавени се и веќе се пристигнати две цистерни со специјализирана намена за складирање и транспорт на винилхлоридмономерот, во кои ќе се преточува отпадниот винилхлоридмономер и ќе се транспортира до крајната дестинација – инсенераторот во Германија.
„Во моментот, во согласност со препораките добиени од страна на консултаните од нашата земја и од странство, како и од компанијата преточувач Curium S.A.S. од Франција, во наредните два-три месеци нема да има можност да биде направено преточувањето од безбедносен аспект поради високите температури, кои се актуелни во летниот период“, велат од Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Договорите за корупција треба да бидат многу поскапи, потешки и по неисплатливи – антикорупционерите со обука за полицајците
Регионалната иницијатива против корупција (РАИ) денес во Скопје организираше обука за претставници на полицијата и Министерството за внатрешни работи за проценка на ризикот од корупција и проверка на законодавството за спречување на корупција. Претседателот на Државната комисија за спречување корупција(ДКСК), Адем Чучуљ вели дека ќе настојуваат да најдат системски решенија против корупција и во секторот животна средина.
„Исклучително ни е драго што со нашите партнери од РАИ сме дел од овој проект кој опфаќа значајна системска активност за детектирање ризици од корупција во две значајни области, тоа се внатрешни работи и животната средина и исто така антикорупциска проверка на легислативата во овие две области. Целта е системски во овие области да се детектираат соодветните проблеми и да се изнајдат механизми за нивно надминување односно преку системски решенија да ја спречиме корупцијата во овие две области“, рече претседателот на ДКСК, Чучуљ.
Директорот на РАИ, Алберт Хани вели дека по секторите култура и образование, на кои веќе работеле, сега на ред се безбедноста и животната средина кои се идентификувани како ранливи кај нас, а тие се тука да помогнат на државата да развие механизми за справување со корупцијата.
„ Механизми постојат, затоа и постоиме ние, да им помогнеме на државите да развијат механизми со кои ќе се справуваат со корупцијата, механизми кои ќе значат едноставно да се креира состојба во која договорите за корупција ќе бидат многу поскапи, многу потешки, многу понеисплатливи и секако ненаградувачки договори“, рече директорот Хани.
Претседателот на ДКСК, Чучуљ, кажа дека во завршна фаза е носењето на новата национална стратегија за спречување корупција во која се детектирани ризици во седум сектори меѓу кои е и животната средина. Од новата стратегија тој очекува да биде поприменлива, да го зголеми надзорот, но и да детектира одговорност за нејзина непримена. Стратегијата треба да боде донесена до крајот на овој месец.
Македонија
Трендафилов: Пробуваат на мала врата да ја усогласат минималната плата за 1.600 денари, излегуваме повторно на улица
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, денеска ја напушти седницата на Економско – социјалниот совет, на која на дневен ред беше минималната плата. Тој обвини дека власта на мала врата пробува да утврди усогласување на минималната плата за околу 1.600 денари.
„Жалосно е тоа што Владата, работодавачите и другите синдикати се на истиот став, а тоа е минималната плата само законски да се усогласи и да не се зголеми“, вели Трендафилов.
Тој најави дека протестите ќе продолжат на средината на март. „За жал, борбата продолжува повторно на улица на средина на март“, објави Трендафилов.
Премиерот, Христијан Мицкоски, претходно информираше дека на денешната седница на Економско-социјалниот совет на дневен ред била Информација за висината на минималната плата.
„Денеска на дневен ред е информација за висината на минималната плата, која ќе биде во 2026 година согласно закон. Очекувам на следната владина седница да го поминеме ова и како Влада и потоа нормално согласно висината на минималната плата од април за март да почне истата да се исплатува“, истакна Мицкоски и додаде дека очекува бипартитниот дијалог меѓу работодавците и работниците да продолжи во иднина да се интензивира.
Македонија
(Видео) СДСМ бара одговорност од власта за шверцот со петте тони дрога
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на прес-конференција побара одговорност од актуелната власт во врска со, како што рече, најголемиот нарко скандал во регионот, по заплената на 5 тони дрога од Македонија во соседна Србија.
Таа посочи дека повеќе од еден месец нема одговори како толкава количина дрога ја поминала границата и кој од врвот на власта ќе понесе одговорност.
Според Кузеска, од досега достапните информации произлегува дека станува збор за високо организирана криминална група која, како што рече, не можела да функционира без поддршка од лица на највисоки позиции во власта.
Кузеска наведе три клучни аспекти за кои, според СДСМ, треба да се утврди одговорност.
Првиот се однесува на локации во околината на Свети Николе, каде што, како што тврдеше, се вршел претовар на дрогата. Таа рече дека од фабрика во кругот на ОХИС „Алфафарм“ дрогата била транспортирана без полициска придружба, прашувајќи кој го дозволил тоа и зошто не биле извршени контроли.
Вториот аспект се однесува на начинот на пренос преку граница, при што, според неа, дрогата била препакувана како перници. Таа праша како, и покрај скенерите и контролите, пратките ја поминале границата, посочувајќи дека одговорност треба да се бара и кај царинските служби.
Третиот аспект, според Кузеска, е поврзан со информациите дека пратката завршила во магацин на локални функционери на српската СНС, за која рече дека е сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ, при што посочи и на наводни блиски врски со српски функционери.
„СДСМ нема да дозволи овој случај да се заташка“, изјави Кузеска, додавајќи дека не смее одговорноста да заврши само кај магационери, превозници и сопственици на фирми, туку, како што рече, мора да се утврди кој од власта ќе одговара.

