Македонија
МЖСПП: Советничката Ирена Витина подобро да се информира пред да изнесува невистини во јавност

Министерството за животна средина и просторно планирање остро реагира на изјавата на советничката на Град Скопје, Ирена Витина, за обезбедувањето на шесте еколошки автобуси и ја оценува како тендециозна, навредлива и со цел да се намали кредибилитетот на институцијата и на министерот Изет Меџити.
„МЖСПП ја информира јавноста, а особено спомената советничка, која не е доволно информирана, дека набавката на овие автобуси е само една активност од акциската ЕУ-програма за еколошки стандарди и чист воздух и е дел од целосната програма за животна средина и климатска акација во рамките на ИПА 3-помошта од ЕУ.
Активностите од оваа програма се испрограмирани на предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање во координација со сите вклучени страни, меѓу кои е и Градот Скопје, одобрени од Владата на РСМ и прифатени од страна на ЕУ-комисијата за финасирање“, велат од Министерството.
„Програмата за чист воздух содржи повеќе компоненти за кои повеќепати сме информирале, се спроведува под директно управување од страна на Делегацијата на Европската Унија. Министерството за животна средина и просторно планирање е одговорно за следење на имплементацијата на програмата и е нејзин корисник, а конретно на оваа активност, Град Скопје е краен корисник.
Нагласуваме дека МЖСПП ги програмира сите активности што се финансираат од ЕУ-инструментот ИПА, ја следи имплеменатцијата и известува кон ЕУ-комисијата за постигнатите цели од реализацијата на ИПА-проектите.
Добро би било советничката на Град Скопје, Ирена Витина, подобро да се информира пред да излезе во јавност со вакви невистини. Дополнително за нејзино информирање, покрај грант-средставата од ЕУ, Владата на Република Северна Македонија обезбедува и национална контрибуција за целата програма“, соопшти Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Тошковски да не го заташкува случајот со постапувањето на полицијата во Демир Хисар

Социјалдеморкатскиот сојуз на Македонија (СДСМ) бара Обвинителството да постапи и да го испита постапувањето на полицијата во Демир Хисар за време на претресот во домот на директорката на СОУ „Крсте Петков Мисирков“, Маја Лозановска, конкретно за постапката на началникот кој барал таа да биде одведена на разговор во полициска станица иако за тоа не постоел обвинителен налог.
Партијата бара министерот Панче Тошковски да не го заташкува случајот со најавата дека постапувањето на полицијата е предмет на истрага на внатрешната контрола при МВР и бара началникот да биде разрешен, а МВР да му поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластувањето.
„Откако Обвинителството вчера јасно потврди дека немало наредба ниту налог за приведување на директорката, денес бараме Обвинителството итно да покрене постапка за кривична одговорност на партискиот послушник – началникот Роберт Мартиновски. Целиот случај со прогонот на Лозановска мора да биде санкциониран. Одговорност мора да понесе и Панче Тошковски затоа што тој е виновен за началниците кои ги назначува“, велат од СДСМ.
Опозиционерите обвинија дека началникот во Демир Хисар е човек на Тошковски и е поставен на оваа позиција од првиот ден на неговото доаѓање на министерската функција, и дека, како што велат, очигледно е ударната тупаница на ВМРО-ДПМНЕ за заплашување и малтретирање на граѓаните пред избори.
„Инспекторот Ѓорѓи Митревски, кој бил унапреден истиот ден кога се случил настанот, наместо да раководи со претресот, му дозволил на Мартиновски да го преземе водењето. Прашуваме – по чиј налог? Дали по налог на некој близок до Тошковски за да се врши терор? Што уште треба да се случи за Тошковски да понесе одговорност за распадот и злоупотребите што ги прави полицијата? Дали со тоа потврдува дека овој случај е под негов диктат? Дали ќе се огради директно од Мартиновски и ќе покрене кривична постапка против својот началник?“, додаваат од опозициската партија.
Македонија
Почит и слава за хероите од Љуботен, напиша Мицкоски на Фејсбук

По повод 24 години од загинувањето на македонските бранители, припадници на резервниот состав на Армијата кај месноста Љуботенски Бачила, премиерот Христијан Мицкоски објави порака дека „Македонија се потпира на влогот на овие луѓе и нивното дело“.
-Почит и слава за хероите од Љуботен. Само со вистина, почит и искрена желба за помирување можеме да изградиме општество каде вакви трагедии нема да се повторат. Нека е вечна нивната жртва за татковината. Македонија се потпира на влогот на овие луѓе и нивното дело, напиша претседателот на Владата на Фејсбук.
На 10 август 2001 година, на патот кон месноста Љуботенски Бачила со воено товарно возило, при активирање на мина животот го загубија осум припадници на резервниот состав на Армијата: Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски.
На овој ден му се оддава почит и на Ацо Ангеловски кој во 2000 година загина во Арачиново при оружен напад врз полициска патрола.
Македонија
За 8 часа само во Скопје регистрирани 99 сообраќајни прекршоци

Полициски службеници од СВР Скопје вчеравечер во периодот од 18.00 до 2.00 часот при зајакната акциска контрола во делот на сообраќајот, како и во насока на одржување на поволна безбедносна состојба на подрачје на град Скопје, констатирале 99 сообраќајки прекршоци.
Единаесет возила се подигнати со специјално возило „Пајак”, одземени се две возила поради предизвикување голема бучава, приведени се две малолетни лица за утврдување на идентитет, незастанување на даден знак Стоп и возење без возачка дозвола. Лишени од слобода се четири лица бидејќи при преглед кај нив биле пронајдени наркотични средства.
Како што информираат од МВР, во координација со инспектори за животна средина извршено е мерење на јачина на бучава на угостителски објекти, при што било констатирано дека два угостителски објекти во централно градско подрачје го нарушиле јавниот ред и мир со пуштање гласна музика и им се сочинети записници за констатирани прекршоци.
Во текот на изминатата вечер, исто така, контролирани се и угостителски објекти во координација со Државен пазарен инспекторат при што е извршена контрола на документацијата.