Македонија
МЖСПП: Швајцарија ќе ја поддржи Северна Македонија во управување, користење и заштита на подземните води

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, и директорот на Управата за хидрометеоролошки работи, Игор Лазаровски, со швајцарската амбасадорка Вероник Улман потпишаа меморандум за разбирање преку кој се договори заемна соработка на проектот „Програмата за управување, користење и заштита на подземните води на Република Северна Македонија“.
Оваа програма се воспоставува за долгорочна трансформација на управувањето на водните ресурси преку градење на капацитетите на сите вклучени страни, обезбедување неопходен механизам за соработка и подобрување на законодавството и рамката за планирање.
Водните ресурси, а особено подземните води во Република Северна Македонија се стратешки природен ресурс, но нивниот потенцијал не е доволно истражен, користен, следен, евидентиран, заштитен или управуван. Неоходно е зајакнување на капацитетите на одговорните институции доуредување на правната и доусогласување со правото на ЕУ. Дополнително, ниската свест за статусот на површинските и подземните води се рефлектира со низок јавен притисок и слаба мобилизација на јавноста и граѓанското општество за прашањата за управување со водните ресурси.
Програмата до крајот на 2027 година очекува: да ги зајакне капацитетите на клучните институции и засегнати страни за интегрирано и одржливо управување со водните ресурси, да ја усогласи и консолидира правната рамка, да го изработи нацрт-планот за управување со речниот слив на Вардар и да спроведе пилот-проекти со земјоделците, јавните комунални претпријатија, приватниот сектор и општините.
Главен корисник и носител на програмата е Министерството за животна средина и просторно планирање (вклучено во сите три компоненти), а во програмата (во две компоненти) се вклучени и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Управата за хидрометеоролошки работи.
Програмата е финансиски поддржана од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка во вкупен износ од 4.600.000 швајцарски франци до 2027 година, а Владата на Република Северна Македонија обезбедува домашно учество преку двете министерства, и тоа од Министерството за животна средина и просторно планирање 300.000 швајцарски франци (во три години) и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство 200.000 франци (во две години).
Програмата се спроведува од страна на конзорциумот Skat Consulting Ltd (Швајцарија) и PointPro Consulting (Северна Македонија) и е конципирана во 2 фази, и тоа: фаза 1, од јануари 2024 – декември 2027 година и се планира да продолжи со фаза 2, од 2028 до 2031 година.
Владата на Швајцарската Конфедерација е застапувана од Сојузното министерство за надворешни работи, кое дејствува преку Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC).
Меморандумот за разбирање содржи детален опис и динамички план на активностите и задачите и ќе биде основа за спроведување на „Програмата за управување, користење и заштита на подземните води на Република Северна Македонија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Мицкоски е скапо платен спроведувач на интересите на држави кои не ѝ мислат добро на Македонија

За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план, станавме држава заложник на туѓи интереси, кажа претседателот на Социјалдемокртаскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вечерашната трибина „Мугра на Слободата“, во Крушево.
Тој рече дека Владата на ВМРО ДПМНЕ од држава со јасна иднина напред, ја направи држава заложник на туѓи интереси.
„За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план. Од држава со јасна иднина напред, станавме држава заложник на туѓи интереси кои што ја раководат оваа власт преку финансиско заложништво. Мицкоски е скапо платен спроведувач на политики на држави кои не и мислат добро на Македонија, туку ја гледаат само како поле за своите геостратешки интереси“, рече Филипче.
Тој обвини дека Мицкоски со новите задолжувања направил вистинско предавство на интересите на државата.
„Долговите од 7 милијарди евра ќе бидат камен околу вратот за секој млад човек и за развојот на државата во следните 10 години. Ова е вистинско предавство на националните интереси, вистинско предавство на државата“, рече Филипче.
Во обраќањето пред присутните граѓани во Крушево, Филипче рече дека премиерот Мицкоски ја турка Македонија во амбисот на криминалот, корупцијата, самоволието, киднапирајќи ја европската иднина за државата.
Македонија
(Видео) Филипче: Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон

На вечерашната граѓанска трибина „Мугра на слободата“ која се одржа во Крушево, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање рече дека кумановскиот градоначалник Миксим Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон.
„Максим Димитриевски конечно се потврди за што е влезен во коалиција со Мицкоски и која беше неговата цел. Не била само поделбата на СДСМ. Негова цел била да се спаси од правен прогон. Скандалозно е и преседан е во судството на само еден ден од носење на пресуда обвинението против него да се повлекува. И ова е јасен знак дека тој е политички заштитен од Христијан Мицкоски и дека е сега негов вечен должник. Јасно е зошто тројанскиот коњ Димитриевски беше задолжен да го дели СДСМ. Сега повеќе никој не му верува“, рече Филипче.
Оценувајќи ги меѓупартиските релации, тој во своето обраќање партиите ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ги нарече колаборациоалисти.
„ВМРО-ДПМНЕ и нивниот привезок ЗНАМ се колаборационисти. Со години лажат и шират хистерија дека тие ќе се „бореле со Бугарите“, а впрочем тие се тоа. Нема кој нема бугарски пасош од нив и не е проблем да имаш бугарски пасош, од било која причина – економска, социјална или лична – но лицемерно е да се правиш патриот дека ќе се бориш против „бугарски диктат“ а да имаш фирми во Бугарија, државјанства, и разни други интереси. За нив може ЕУ, за другите не може“, рече Филипче.
Македонија
Мицкоски: Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок

Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок, најави премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната трибина во Струмица насловена „Една година ги градиме темелите на македонското земјоделство и храна“.
„Свесен сум дека мора да направиме и многу други работи. И работиме на тоа. Мора да се знае дека граѓаните ќе бидат на прво место. Затоа предвидуваме гаранција за услуга, во рок од 5 дена во сите општини и институции. Тоа нема да биде желба , туку закон. Секој граѓанин ќе добие одговор. Навреме, точно и без чекање. Ќе воведеме нова услуга каде администрацијата, за првпат, ќе биде таа што ќе го бара граѓанинот, а не спротивно. Ставаме крај на молкот, одложувањата и бирократската ароганција. Ќе обезбедиме гарантиран максимум на чекање во институциите. Ќе постојат јасни граници и секое прекршување ќе се казнува. Почит за времето на граѓанинот ќе биде основна вредност на новата јавна администрација. Ќе воведеме Јавна листа со времиња на чекање по сите здравствени установи. Транспарентноста ќе стане стандард, пациентите ќе знаат каде ќе добијат најбрза услуга“, кажа Мицкоски.
Тој истакна дека во образованието ќе се воведе предмет за изучување на вештачката интелигенција.
„Воведување предмет за изучување на вештачка интелигенција во образованието. Нема повеќе да учиме само за минатото, ќе ги подготвиме генерациите за иднината, за новата економија, за дигиталната ера што веќе тропа на вратата. Ова е визијата што ја градиме“, посочи Мицкоски.