Македонија
МЗШВ: Апелираме за поголема ангажираност во обезбедување на потребните документи на апликантите на ИПАРД програмата

Инвестиции и изградба на фарми, објекти за преработка, подигнување на долгогодишни насади, набавка на специјализирани возила и изградба на современа инфраструктура во руралните подрачја се само дел од инвестициите кој како можности ги нуди ИПАРД 3 програмата за развој на македонското земјоделство.
Општините имаат важна улога во реализирањето на ИПАРД програмата. Токму затоа апелираме на поголема ангажираност и вклученост од страна на општините, преку навремено издавање на градежни дозволи и подготовка на урбанистичките документи кои им се потребни на апликантите за користење на поддршка од ИПАРД програмата, велат од Министерството за земјоделство.
Дополнително, како што појаснуваат, важна улога имаат и добавувачите на земјоделска механизација, кои имаат обврска да доставуваат реални и фер понуди на земјоделците кои сакаат да набават механизација преку ИПАРД програмата.
Како држава по неколку основи сме земја лидер во реалзиацијата на ИПАРД програмата. Имаме најголема искористеност од 98% на средства од ИПАРД 2 програмата, со склучени 2369 договори, нула евра поврат на европски средства за поддршка и први во регионот започнуваме со реализација на ИПАРД 3 програмата. Првите 30 милиони евра, преку распишување на првиот јавен повик за мерките 1 и 7, се веќе ставени на располагање за инвестиции во македонскиот агросектор, се нагласува во соопштението.
Додаваат дека кај овој јавен повик расположливите средства се наменети за изградба и реконструкција на фарми, оранжерии, амбари, силоси, објекти за земјоделска механизација, објекти и опрема за постбербени активности, објекти и опрема за прерабтки, опрема за собирање, калибрирање, складирање, ладење, сушење, замрзнување. Инвестиции за подигнување на долгогодишни овошни, лозови и други насади, набавка на системи за наводнување, набавка на специјализирани транспортни возила.
„Поддршката од оваа мерка дава можност за јакнење на руралните подрачја преку инвестиции во подобрувањето на услугите за руралното население и инвестиции во руралниот туризам.
ИПАРД е наша успешна приказна, успех со кој треба сите да се гордееме. Затоа потребна е максимална посветеност од сите страни“, велат од ресорното министерство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.