Македонија
МЗШВ: Новите концесии гарантираат заштита на рибите во риболовните води
Новите концесии гарантираат заштита на рибите во риболовните води, велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство по одлуките на владината седница за започнување постапки за доделување на рибите по пат на концесија за повеќе риболовни води.
„Со доделувањето на концесиите на рибите од риболовните води се овозможува користење на рибите преку одржлив развој за стопански, рекреативен и спортски риболов, односно вршење стопански риболов“, смета МЗШВ.
Започнатите постапки за доделување концесии на рибите за органзирање рекреативен риболов се однесуваат на рекреативните зони на Охридското и Дојранското езеро, риболовните ревири Црна Река 1 –Демир Хисарски, Црн Дрим 2, Злетовска Река, Треска 1 – Кичевски и Акумулација Матка, а за вршење стопански риболов на риболовните подрачја Охридско и Дојранско езеро.
Стопанисувањето со рибите е детално уредено во Риболовните основи за одделните риболовни води кои преставуваат стручни судии за начинот на стопанисување со рибите и гарантираат одржливо користење и заштита на рибите.
„Риболовната основа за риболовнта вода Охридско Езеро во почетокот на 2018 година е изменета во правец на целосна заштита и одржливо користење на рибите во езерото. Конкретно, направени се измени во делот на утврдување на периодот на мрест и времето во кое е дозволен риболовот и детално се уредени специфичните локации на мрест на рибите, особено за охридската пастрмка, охридската белвица и крапот. Исто така, заради одржување на популацијата намалени се количините на дозволен улов на видот охридска белвица. Направени се измени кои ги задоволуваат потребите на рекреативните риболовци, а со тоа и развојот на риболовниот туризам. Значајно е тоа што во оваа постапка за доделување концесија на рибите од риболовната вода Охридско Езеро се доделуваат на користење според овие измени“, додаде преку соопштение Министерството.
Рибите од риболовните ревири и рекреативните зони за организирање рекреативен риболов, како и за вршење стопански риболов се доделуваат на концесија за период од шест години, по пат на јавен повик согласно Законот за рибарство и аквакултура и Законот за концесиии и јавно приватно партнерство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Преку проектот „ЕУ – Поддршка за владеењето на правото“, Јавното обвинителство ќе добие нов електронски систем за управување со предметите
Претставниците на проектот „ЕУ – Поддршка за владеењето на правото“ го информираа јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски, за планираните активности што треба да се реализираат во рамките на овој проект во следниот период.
Во рамките на активностите на овој проект поврзани со информатичката технологија фокусот на поддршката ќе биде насочен во изготвувањето на техничката спецификација за воспоставување нов електронски систем за управување со предметите во Јавното обвинителство. Средствата за овој голем и сложен проект, во кој, покрај Јавното обвинителство, се опфатени и неколку други институции, се обезбедени преку ИПА 3-програмата на Европската Унија. Јавниот обвинител на Република Северна Македонија ќе формира посебна работна група за дигитализација, која ќе работи на утврдување на функционалните каратеристики во новиот систем, кои се неопходни за функционирањето на Јавното обвинителство. Во поддршка на процесот на изградба на новиот електронски систем ќе се вклучи и Здружението на јавните обвинители, чиј претседател Елвин Вели беше исто така на денешната средба.
Од аспект на дигитализацијата, домашни и меѓународни ИТ-експерти од овој проект работат на надградба и на постојниот Лурис-систем за меѓународна правна помош. По завршување на надградбата, земјата ќе биде прва во регионот што ќе овозможи директно електронско поврзување на Лурис-системите во Јавното обвинителство и Министерството за правда.
Од другите активности, проектот „ЕУ – Поддршка за владеењето на правото“ работи на подобрување на законските и подзаконските акти за оценување, контрола и дисциплинска одговорност на јавните обвинители, помага во обука на истражителите во истражните центри, придонесува во подготовката на новата стратегија за комуникации и транспарентност на Јавното обвинителство, а врши анализа и на човечките ресурси со кои располага Обвинителството.
Обвинителот Коцевски ѝ се заблагодари на Европската Унија за помошта во сите области што ги опфаќа овој проект и најави поддршка на проектните активности, кои треба да овозможат Јавното обвинителство да ги достигне европските стандарди во работата.
Македонија
Јакимовски обвини дека им се украдени повеќе од 600 гласа, ќе поднесат кривична за Даштевски и тужба во Управниот суд
Коалицијата „Храбро за Македонија“ денес обвини за изборен инженеринг и кражба на гласови на парламентарните избори. Од изборните единици 1, 2 и 5 им биле украдени повеќе од 600 гласа, кои, како што обвинија лидерите на партиите во коалицијата, им биле префрлени на коалициите „Вреди“ и „Европскиот фронт“.
Коалицијата „Храбро за Македонија“ најави кривична пријава против претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, тужба во Управниот суд, а не ја исклучи можноста и за кривична против ДИК.
„Ова е голем срам за ДИК. Само од три места ни се скратени повеќе од 600 гласа и им се префрлени на други политички партии. Ова кажува колку голема беше кражбата на овие избори, но и дека овој начин на крадење гласови од помалите партии, кои немаат набљудувачи на гласачките места, е правен и во претходните изборни циклуси и се додавани пратеници на други партии. За оваа нечесна работа, ќе поднесеме тужба во Управниот суд и кривична пријава против претседателот на ДИК, Даштевски, кој дозволил на ваков начин да се крадат гласови од одредени партии и во исто време да се префрлуваат на други за да добијат повеќе пратеници“, рече претседателот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, од чие водство беше формирана коалицијата „Храбро за Македонија“.
Имаат забелешки дека во записниците било заведено оти имаат повеќе гласови, а во финалните резултати од ДИК бројките биле намалени.
„Станува збор за упад во изборните резултати, а делата против избори се кривични, не застаруваат. Група адвокати работи на процена на серија кривични дела. Кривичната пријава ќе биде против претседателот на ДИК, но не е исклучено да биде и против целата ДИК. Станува збор за упад во софтверот“, обвини лидерот на Интегра, Љупчо Ристовски.
Лидерот на ПЦЕР, Самка Ибраимовски, рече дека на коалицијата „Храбро за Македонија“ во Изборната единица пет ѝ се украдени 4.000-5.000 гласа.
„Нека ги остават еднаш Ромите сами да одлучат за кого ќе гласаат. Имаше невиден поткуп, имам и видеодокази за повици на граѓани да земаат пари. Замислете, чисто етнички македонски град купен по 200 евра од човек. Имам докази, но ќе им го оставиме тоа на адвокатите“, рече Ибраимовски.
Коалицијата „Храбро за Македонија“ не поднела приговори за изборните резултати оти сметаат дека кражабата ја направила Државната изборна комисија.
„Каде да поднесеме приговори кога ова е направено во самата ДИК? Приговори се поднесуваат за тоа што се случувало на гласачкото место. Од каде ќе претпоставите дека ќе ве украдат од ДИК? Некој за ова мора да заврши во затвор“, рече Јакимовски.
Од коалицијата јавно го повикаа Обвинителството да се вклучи и да направи истрага за украдените гласови.
Државната изборна комисија денес соопшти дека прифатиле седум приговори за седум избирачки места. Почна да тече рокот од 24 часа за тужби на Управен суд. Судот, пак, е обврзан да донесе одлука во рок од 48 часа по поднесување на тужбите. По одлуките на Управен суд, ДИК ќе направи симулација за да утврди дали бројот на гласови во избирачките места за кои се прифатени приговорите ќе влијае на резултатот од што зависи дали ќе има прегласување или ќе се објават конечните резултати од изборите.
Коалицијата „Храбро за Македонија“ , според податоците од ДИК, на парламентарните избори освои 4.522 гласа.
Македонија
Средба на претседателката Силјановска-Давкова со евроамбасадорот Гир: Нашата иднина несомнено е во Европската Унија
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова денеска го прими шефот на делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир.
На средбата претседателката Силјановска-Давкова се заблагодари за упатените честитки од челниците на Европската Унија по повод нејзиното стапување на функцијата и изрази подготвеност за целосна соработка со делегацијата на Европската Унија во Скопје во однос на пристапниот процес на државата истакнувајќи ја значајноста на делегацијата како своевиден координатор на активностите на ЕУ во земјата.
Претседателката Силјановска-Давкова посочи на потребата за напредок во процесот кон членство во Европската Унија како стратешка цел на државата и определба на мнозинството од македонските граѓани.
Нашата иднина, според претседателката Силјановска-Давкова, несомнено е во Европската Унија, а местото на нашата држава е на иста маса со европските земји, со кои нѐ обединуваат историски, културни и морални традиции и вредности.
Претседателката посочи на нејзината подготвеност да придонесе во градењето единство за прашања од национален и државен интерес и да придонесе кон обезбедувањето политички и општествен консензус во однос на реформската агенда и усвојувањето закони за кои е предвидено европско знаменце, со цел да се избегне неговата злоупотреба, што беше нотирано и од самата ЕУ во изминатиот период.
Претседателката Силјановска-Давкова истакна дека и покрај високото ниво на подготвеност на македонската администрација и насобраното искуство, напредокот во исполнувањето на критериумите трпи поради политички околности и потези за кои се одговорни и одредени земји членки на ЕУ.
Во тој контекст таа посочи на потребата од враќање на вербата во мериторен процес на интеграција, со фокус на исполнување на Копенхашките критериуми.