Македонија
МЗ: До крајот на годината ќе се отвори банка за ткива и коска
Освен софтверскиот систем Национална листа за бубрези, се работи и на ист таков софтверски систем за срце, црн дроб и коски и ткива во склоп на Мој Термин, изјави националната координаторка за трансплантација, д-р Маја Мојсова Мијовска
„Одлучивме да ги зголемиме тимовите за трансплантација и бројот на болничките координатори. Се започна и со проект за отворање на Банка за ткива и коски кој треба да се реализира до крајот на годината. Се работи за просторија во која може да чуваме коски и ткива во објектот на Мајчин дом, каде успеавме да најдеме соодветна опрема и лица кои ќе се грижат за истата“, истакна д-р Мојсова и додаде дека во наредниот период се планира почесто говорење на темата за трансплантација и подигнување на свеста кај истата за разбирање на целиот процес.
Заедно со неа, на прес-конференцијата, по повод одбележувањето на Европскиот ден на органодарителство – 10 Октомври, се обрати и министерот за здравство, Венко Филипче, кој истакна дека за првпат во нашата земја се направи трансплантација на срце, во услови на пандемија од ковид-19, а потоа се направија и две трансплантации на бубрези.
Трансплантацијата е процес којшто е многу сложен, комплексен. Вклучува активности на експерти од повеќе специјалности. Таков мултидисциплинарен, мултисекторски пристап е нешто што со години функционира во сферата на трансплантација на бубрезите, во сферата на трансплантација на коскена срцевина. Со интензивна работа во изминатиот период го надградивме системот и Програмата во Министерството за здравство. За трансплантацијата на бубрези се направи електронска листа на чекање и софтвер за избор на потенцијални приматели на органи во ситуација кога има кадавер во системот на Мој Термин. Тоа значи дека секој пациент којшто е кандидат за трансплантација на бубрег има направено ХЛА типизација. Се направи листа на чекање на пациенти на кои им е потребна трансплантација на црн дроб, понатаму на коски и сето тоа е дел од таа национална листа за чекање, заедно со Националната листа на потенцијални приматели на срце и педијатриската листа на срце. Ова сето бараше еден мултидисциплинарен пристап и соработка од сите лекари специјалисти, од сите сфери“, истакна министерот Филипче.
Тој информираше дека преку аплицирање за ЕРАЗМУС програма добивме едукација на наши кадри во еминентни европски центри.
„Секоја од клиниките номинираше по еден член од стручниот колегиум, којшто во периодот којшто е пред нас ќе биде упатен на едукација. Вкупно ќе трае две години, а започнува со три месечен престој во овие европски институции кои се дел од ЕРАЗМУС размената, првпат на ваков организиран начин. После тие месеци продолжува соработката со менторите од европските институции, со цел методите коишто не се работат кај нас да бидат имплементирани во нашите институции или доколку веќе нешто се спроведува да биде доусовршено согласно сознанијата и напредокот во различни специјалности во европските центри. Сметам дека трансплантацијата на срце што се случи во месец мај беше доказ дека ваков еден системски пристап дава резултати. Во изминатите две години наш кардиохирург од Универзитетската болница во Франкфурт доаѓаше секој месец или на два месеци и работеше со нашите колеги од Клиниката за кардиохирургија“, посочи Филипче.
На денот на одбележувањето, исто така, Филипче и д-р Мојсова им доделија благодарници на семејствата Диневи и Пиневи кои донираа органи од свој близок, на Медицинскиот факултет и на здравствените установи кои активно се вклучени во трансплантацијата со една единствена цел – спасување на човечки животи и шанса за втор живот на пациентите на кои им е неопходна трансплантација на орган.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

