Македонија
МЗ: 91% од хоспитализираните со ковид се невакцинирани

Министерството за здравство ја објавува двонеделната анализа на вакцинирани, од позитивни случаи со Ковид-19. За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.
Во период од 06.08 до 19.8.2021 на територија на државата 9881 граѓанин, се позитивни од тестирани на Ковид-19, од нив само 15% биле целосно вакцинирани, односно 1.507 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со Ковид-19. Според двонеделната статистика, 8.374 граѓани од позитивните на Ковид-19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 91%, додека само 9% од сите 724 моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.
Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од две седмици на територија на државата починало 101 лице со ковид, 92 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а само 9 односно (8%) примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе хронични заболувања.
Заразените и починатите се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање кај нас, како и вакцини на „Модерна“ и „Џонсон и Џонсон“, кои некои од пациентите ги примиле во странство.
Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација, секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход. Министерството за здравство апелира граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.