Македонија
Миграции, безбедност и хибридни закони на тинк-тенк форумот во рамки на Берлинскиот процес
Миграции, безбедност и хибридни закони, владеење на правото и иднината на Европа се теми кои ќе бидат дебатирани денеска на панелите на тинк-тенк форумот што се одржува во Скопје во рамки на заедничкото претседателство со Берлинскиот процес за 2020 година.
Заедничкото претседателство на Република Бугарија и Република Северна Македонија со Берлинскиот процес е силен сигнал за регионално сопствеништво и можност за претставување важни регионални теми во поширок европски контекст. За време на состанокот ќе биде најавена приоритетната агенда на Заедничкото претседателство која цели кон зајакната интеграција и конвергенција меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан на политички, правен и социо-економски план.
Состанокот ќе го отворат министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија – Никола Димитров, министерката за надворешни работи на Република Бугарија – Екатерина Захариева и министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија – Хајко Мас. Предвидено е поздравно обраќање од страна на претседателот на Владата на Република Северна Македонија – Оливер Спасовски.
„Министерскиот состанок е првиот настан во рамките на заедничкото претседателство со Берлинскиот процес од страна на Република Северна Македонија и Република Бугарија. Воедно, ова е и прво заедничко претседателство на Берлинскиот процес меѓу земја членка и земја кандидат за членство во ЕУ, што е потврда и поттик за зајакнатата регионална соработка во контекст на европските интеграции. Состанокот претставува одлична можност да се демонстрира силна политичка визија и да се упатат јасни, заеднички пораки во однос на регионалната соработка и европските перспективи на регионот пред претстојниот Европски совет и Самитот во Загреб“, изјави Димитров.
„Како ко-претседател заедно со Република Северна Македонија со Берлинскиот процес за Западен Балкан за 2020 година, Република Бугарија е одлучна да продолжи да работи на зголемувањето на позитивните примери на добрососедски односи помеѓу државите во регионот. Ова е начинот за да се загарантира регионалната стабилност и да се разрешат какви било отворени прашања. Состанокот на министрите за надворешни работи од Берлинскиот процес за Западен Балкан во Скопје е првиот од серијата на важни форуми кои ги планираме во рамките на нашето заедничко претседателство. Кулминацијата на нашите заеднички напори под оваа регионална иницијатива за поддршка на Европската перспектива на Западниот Балкан ќе биде Самитот во Софија, кој ќе се одржи оваа есен“, изјави Захариева.
Во рамки на заедничкото претседателство, помеѓу 8 и 10 март во Скопје се одржува и тинк-тенк форум организиран од страна на Институтот за демократија Социетас Цивилис – Скопје во соработка со Европскиот совет за надворешна политика (ECFR), од Софија. Во рамки на тинк-тенк форумот е предвидено поздравно обраќање од страна на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски. Согласно агендата, на 9 март на затворањето на настанот ќе говорат министрите Димитров и Захариева. На 10 март, на заедничките тематски панели ќе учествуваат министри за надворешни работи, претставници на Европската Унија, Советот за регионална соработка и тинк-тенк заедницата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

