Македонија
Милевски во Истанбул: Западен Балкан треба активно да ги решава локалните проблеми
Eкономскиот развој, стабилноста, владеењето на правото и одливот на младите се главните проблеми што ги засегаат земјите од Западен Балкан, порача министерот Горан Милевски на „Мармара урбан форум“ во Истанбул, Турција.
„Министерството ја поддржува иницијативата на Намас во Берлинскиот процес да бидат вклучени и единиците на локална самоуправа и нивните асоцијации. Наш предлог е работните средби на општините да станат интегрален дел на Берлинскиот процес и тие да се одржуваат постојано, како и да се организираат форуми на локалната самоуправа, на кои ќе дебатираат претставниците на општините и асоцијациите на локалната самоуправа.
Исто така, преку вмрежувањето на министерствата за локална самоуправа и регионален развој од регионот ќе овозможиме да се зголеми соработка помеѓу државите во насока на решавање на заедничките проблематики на земјите од Западен Балкан. Соработката преку поддршка на ИПА-програмите е задоволителна, но таа мора да се прошири во повеќе области“, истакна Горан Милевски, министер за локална самоуправа.
Македонија е копретседател со Берлинскиот процес и таа позиција треба да се искористи за наметнување теми и иницијативи што ќе бидат од интерес на сите граѓани. Министерот го поздрави и намалувањето на цените на роамингот до негово целосно укинување помеѓу земјите од Западен Балкан.
„Процесот за укинување на роамингот меѓу земјите што не се членки треба да продолжи со опфаќање и на земјите што веќе се во ЕУ. Рушењето на ценовните бариери за комуникација помеѓу граѓаните и бизнисот треба да биде почеток на надминување на сите пречки што стојат на патот на соработката помеѓу нашите земји“, додаде Милевски.
Тој по покана на „Мармара урбан форумот“ во Истанбул, со наслов „Градовите развиваат решенија“, престојува заедно со претседателите на советите на општините Липково и Центар, градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, како и пратеникот Енес Ибрахим. На Форумот учествуваат претставници на локалната самоуправа од општините во Турција, како и од општини од 25 други држави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

