Македонија
Милевски: Ги откриваме скриените атракции на Демир Хисар и Клос со поддршка на ЕУ

Со финансиска поддршка од ЕУ и Министерството за локална самоуправа, преку ИПА 2-програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија преку проектот „Откривање на скриените атракции“, комплетно се реконструира стариот Кооперативен дом во село Слоештица во Демир Хисар, кој ќе прерасне во мултифункционален центар со простор за настани, сместување, сувенирница и спомен-соба на великанот на македонскиот збор – Петре М. Андреевски, рече министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.
„Општина Демир Хисар во партнерство со Општина Клос од Албанија интензивно работи на откривање на своите скриени атракции пред домашните и странските туристи. Во Клос се гради етнографски и историски музеј, во кој ќе бидат трајно изложени дел од загубените артефакти од богата историја на овој регион низ кој поминувала и делница од Виа Игнација. Валавиците во Слоештица и глацијалните езера на Балѓат, покрај тоа што се фантастична можност за туризам, се дел од природното богатство на двете општини, на чија промоција исто така работи проектот во вредност од 455.000 евра во рамките на ИПА 2-програмата и финансиска поддршка од петнаесет проценти на Министерството“, појасни министерот Милевски.
Според него, и двата микрорегиони освојуваат со своите природни и културни атракции, кои се недопрени и сè уште неоткриени од туристите што патуваат за нови локални искуства и авантури во природа, а локалното население од двете страни на границата интензивно е вклучено во креирањето нови туристички атракции, како офроуд-авантури, планинарење низ нови предели, јавање коњи, велосипедизам, готвење заборавени локални специјалитети, собирање шумски плодови и подготовка на зимница во село заедно со тамошните жители.
Во моментот инфраструктурните зафати се во полн ек, а проектниот работи на план за менаџирање на прекуграничната дестинација Демир Хисар – Клос градејќи една авантуристичка дестинација во две земји. Со проектот ќе бидат креирани две патувања, тестирани за нивната атрактивност, по што ќе бидат понудени на европскиот пазар за авантуристички туризам.
„Нашите најголеми атракции се недопрените села и автентичноста на луѓето. Со поддршка на ЕУ и Министерството за локална самоуправа првпат имаме шанса за двоен успех, а тоа е истовремено да го промовираме регионот пред потенцијалните туристи и да го вклучиме локалното население во бизнис-активности поврзани со туризмот. Особено се гордеам со изградбата на мултифункционален центар во Слоештица, родното место на Петре М. Андреевски, каде што ќе биде поместена и спомен-соба во негова чест“, рече градоначалникот на Демир Хисар, Марјан Стојановски.
Организациите „Арт поинт Гумно“ од Слоештица и ФЛАГ од Тирана, кои се партнери на проектот, работат со локалното население од двете земји за да ги оправдаат очекувањата на туристите во руралните места, но и го подигнат квалитетот на сместувањето и активностите што луѓето ги нудат.
„Целта на прекуграничната програма е зближување на луѓето од двете страни на границата, креирање релации и активности за решавање заеднички проблеми. Овој проект, ‘Откривање на скриените атракции’, навистина ја погодува оваа цел бидејќи луѓето и од Демирхисарско и од Клос се жедни за знаење како својот начин на живеење да го презентираат пред туристите од урбаните центри и како да им понудат несекојдневна авантура во недопрените рурални предели. Нашата задача понатаму треба да биде фокусирана на оспособување на локалното население активно да се занимава со рурален туризам, со што директно ќе придонесеме кон нови работни места и задржување на младите во регионот“, вели менаџерката на проектот, Емилија Ѓероска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.