Македонија
Милевски: Проектот „За одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ е во интерес на подобар стандард за граѓаните

За одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој е проектот за кој министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, активно се вклучи на денешниот управен одбор на кој заседаваше комитетот во кој членуваат кабинетот на заменик-претседателот на Влада задолжен за економски прашања, Министерството за локална самоуправа и швајцарската амбасада.
„Заеднички водиме проект што е во вредност од 5 милиони швајцарски франци, од кои 3.320.000 се придонес од Швајцарија. Првата компонента е од кабинетот на заменик-претседателката, останатите компоненти се на Министерство на локална самоуправа, преку кои ги поддржуваме планските региони и центрите на планските региони, со иновативни проекти. Во изминативе две години се реализираа проекти што се во интерес на граѓаните, меѓутоа со Швајцарците не застанавме само тука, тие помогнаа и во изградбата на монтажната болница за Ковид-19, којашто е пред Клиниката за инфективни болести, во износ од 260 илјади швајцарски франци“, изјави министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.
Додаде дека главната цел на проектот е да се намалат разликите во развојот помеѓу и во рамките на планските региони, што ќе придонесе за подобри услови за живеење на сите граѓани. Процесот ја следи логиката на трите главни компоненти на проектот, секоја покривајќи соодветни активности.
„Денеска беше дискутирано дека во следниот период ќе ги подобриме условите на учениците во село во општина Долнени, така што ќе се реновира училиштето, како и ред други проекти кои се наменети за идните генерации. Очекуваните резултати од проектот се подобрена правна рамка за регионална политика и зајакнати капацитети на националните институции надлежни за спроведување на регионалната политика“, додаде Милевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Фрчкоски добил 200 илјади евра од Еразмус+, наместо младите

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека пари од програмата Еразмус+, наменети за образовни проекти за младите, завршувале кај поединци блиски до СДСМ.
Во денешното соопштение од партијата се наведува дека преку Агенцијата за европски образовни програми и мобилност, со која раководела Лидија Димова, биле доделени 200 илјади евра на проект на професорот Љубомир Фрчкоски.
„Димова и Зоран Заев со пари од Еразмус+ си ги плаќаа послушните и подобните кои требало да им завршат некоја работа или пак јавно да ги бранат. Покрај што со пари од агенцијата, преку Лазар Нанев, Заев си ја купуваше слободата исто така си ги плаќаше и неговите идеолози и јавни поддржувачи“ се наведува.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека Еразмус+ бил користен за „плаќање судии, професори и експерти блиски до власта“ и дека тоа е уште еден пример за, како што велат, злоупотреба на институциите за партиски интереси.
Македонија
Влен: Османи 20 години гради кариера, без проекти за Чаир

Коалицијата „Влен“ го критикуваше Бујар Османи, наведувајќи дека во изминатите 20 години тој градел лична политичка кариера, но не реализирал ниту еден проект за општина Чаир.
„Дваесет години Османи е во највисоките државни функции, а ниту еден човек од Чаир не почувствува поддршка или помош од него. Денес гледаме глума и празни зборови“, стои во соопштението.
Од ВЛЕН додаваат дека Османи не е кандидат за Чаир, туку за сопствена кариера и дека граѓаните на општината очекуваат посветеност, вистинска работа и конкретни резултати. Во реакцијата се наведува и дека младите во ДУИ се приклучуваат кон ВЛЕН, каде, како што велат, гледаат визија и перспектива.
Македонија
Повеќето пожари изгаснати, под контрола еден – ‘Јасен’ сè уште гори

До 8 часот утринава регистрирани се вкупно 27 пожари на отворен простор, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Од нив, активни се два пожари – во ПП „Јасен“ на подрачјето на општина Македонски Брод и во атарот на селата Лојане и Табановце во општините Куманово и Липково. Под контрола е еден пожар на територија на општина Јегуновце, меѓу селата Рогачево, Јажинце и Долно Орешје.
Во текот на изминатите часови изгаснати се 24 пожари на повеќе локации низ државата, меѓу кои во Долнени, Тетово, Врапчиште, Гостивар, Куманово, Штип, Струга, Кичево, Крушево, Кисела Вода, Шуто Оризари, Илинден, Боговиње, Охрид, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Бутел и Карпош.