Македонија
Милевски: Се грижиме за учениците и за жртвите на семејно насилство, зголемен капацитетот на Домот во Куманово

Целосно реконструиран и адаптиран е Ученичкиот дом во Куманово, со што се подобрија условите за живеење и учење на 120 ученици. Во рамките на проектот домот целосно се приспособи за учениците со лесна физичка попреченост и се направија пет апартмани за средношколци – со лесна физичка попреченост, како и за згрижување лица жртви на семејно насилство, пожари и поплави.
„Првпат овозможивме упис на максимум 6 ученици средношколци со лесна физичка попреченост. Вкупниот буџет е над 10 милиони денари, а главна цел на проектот е подобрување и осовременување на досегашните услуги и услови за целодневен престој на корисниците во Ученичкиот дом ‘Професор Мијалковиќ’ – Куманово, како и воведување нови услуги што не постојат во регионот, а се однесуваат на згрижување ученици со лесна физичка попреченост кои се во состојба да следат редовна средношколска настава и згрижување и целосен психофизички третман на жртви на семејно насилство и жртви од пожари и поплави, кои се повремени корисници на услугите на Ученичкиот дом“, рече министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.
Тој појасни дека за реализација на проектот направена е реконструкција и адаптација на Ученичкиот дом, која опфаќа инфраструктурно уредување на просторот, приспособување на пристап за лица со посебни потреби, поставување пристапна рампа и лифткар-гасеничар, приспособување на некои од собите, односно изведба на тоалети приспособени за користење на лицата со посебни потреби, промена на прозорци, врати и промена на фасада, преуредување на заеднички простории, сала за пинг-понг и приспособување за користење за повеќе намени што се во интерес на учениците, како што е простор за регионални состаноци, обуки, семинари, на кои ќе има инфраструктурна пристапност и за лица со физичка попреченост.
„Социјалната инклузија е една од темите што, за жал, често се занемарува. Сепак, тоа е една од клучните швајцарски вредности со мотото ‘Никого не оставајте изоставен’, што е една од целите на ООН за одржлив развој. Затоа, социјалната инклузија како тема е вклучена во сите проекти финансирани од Швајцарската агенција за развој и соработка, впрочем тоа беше тема на годинешниот повик за грантови за инвестиции во рамките на Проектот за одржлив и рамномерен регионален развој. Многу сум среќна што сум денеска во Ученичкиот дом ‘Професор Мијалковиќ’ и ја гледам посветеноста на тимот да ги отвори вратите за жртвите на семејно насилство и природни опасности, како и да го направи достапен за студентите со попреченост“, вели амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер.
Таа вели дека овој проект е само мал чекор кон постигнување кохезија во општеството, но сепак треба да послужи како пример за владата и локалните власти во подготовката на идните проекти и програми, секогаш да се земат предвид потребите на социјално исклучените луѓе.
„Задоволен сум од она што ни беше презентирано од страна на директорката на Домот, така што овие средства се успешно инвестирани во нашиот град за подобрување на условите за живеење на лицата што го завршуваат воспитно-образовниот процес во нашата општина, а живеат во целиот регион и конкретно учат во средните училишта во општина Куманово. Посакувам уште вакви успешни проекти и секако честитки до реализаторот на проектот, имплементаторот и изведувачот“, истакна градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Директорката на Домот им се заблагодари на сите што вложија напори за тој повторно да добие нов лик.
„Ова донација како на институција многу ни значи за да ги подобриме условите за живеење и вршење воспитно-образовна работа на учениците што доаѓаат од целиот Североисточен Регион. На овој начин учениците ќе може да се чувствуваат како дома, ќе имаат подобри услови и со тоа ќе се зголеми нивниот број, но и продуктивноста. Се надевам дека вакви проекти ќе има уште како за нашиот град така и за другите општини во републиката“, рече директорката на домот, Љубица Павловски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова во Њујорк: Време е кормилото на ОН да му го довериме на жена

Во рамки на учеството на 80. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на состанок на високо ниво по повод 30-годишнината од Четвртата светска конференција за жените.
Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова истакна дека иако Пекиншката декларација останува темел на борбата за родова еднаквост, напредокот е нееднаков, кревок и често реверзибилен.
„Насилството врз жените останува неказнето, фемицидот ја осквернува светоста на животот, а жените сè уште се соочуваат со бариери во пристапот до ресурси, лидерство и одлучување,“ рече таа.
Претседателката посочи и на кризата во Обединетите нации, институција основана за заштита на мирот, а денес исправена пред бројни конфликти низ светот. Таа апелираше на храбро лидерство од жени, велејќи:„Ако сме сериозни во врска со мирот, време е да го довериме кормилото на ОН на жена.“
Во нејзиниот говор таа подвлече дека родовата еднаквост не е феминистичка привилегија, туку хуманистички императив, потенцирајќи дека жените се носители на исцелување, сочувство и надеж.
Учесниците на состанокот ја потврдија потребата од посветеност, конкретни политики и ресурси за реализација на визијата од Пекинг и за создавање праведни и просперитетни општества.
Пекиншката декларација, како што потсети Сиљановска-Давкова, повикува на еднакви права и пристап за сите – жени и мажи, девојчиња и момчиња – и тој повик, рече таа, останува ургентен и денес.
Македонија
ДИК со податоци: Пет отфрлени листи за градоначалници

Според податоците добиени од Државната изборна комисија, за претстојните локални избори се потврдени вкупно 861 кандидатска листа – 303 за градоначалници и 558 за членови на советите на општините и на Град Скопје.
Во тек е постапка за отстранување на неправилности кај дел од листите во општините Куманово, Аеродром, Карпош и во Град Скопје.
Според податоците, 8 листи за градоначалници и 20 советнички листи се во постапка на дополнување и корекција по добиени забелешки од општинските изборни комисии.
Досега, се отфрлени 5 листи за градоначалници, по една во општините Бутел, Центар, Куманово, Аеродром и Град Скопје.
По завршувањето на процесот на потврдување, ќе следува ждрепка за утврдување на редоследот на кандидатите на гласачкото ливче. Ждрепката ќе се одржи на 25 септември 2025 година.
Македонија
Градоначалниците од Западен Балкан ја основаа алијансата Green mayors во Драч

Градоначалниците од 19 општини од Западен Балкан потпишаа заедничка декларација со која ја формираа Алијансата на „зелени“ градоначалници – регионална платформа за забрзување на зелената транзиција преку општинско лидерство и прекугранична соработка.
Потпишувањето се одржа во рамки на Форумот на „зелени“ градоначалници во Драч, организиран од OSF–WB (Фондација Отворено Општество – Западен Балкан). Настанот собра над 100 учесници – градоначалници, претставници на училишта, граѓански организации и експерти за енергетика.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, на панел-дискусијата истакна:
„Проектот ‘Сончеви училишта’ и слични иницијативи покажуваат како промените можат да започнат на локално ниво. Општината работи на повеќе зелени решенија, како воведување електричен јавен превоз и изолација на стари згради. Нашата цел е да ги подготвиме граѓаните за праведна и одржлива иднина.“
На конференцијата беше посочено дека Битола е меѓу водечките општини во регионот според бројот и квалитетот на реализирани проекти за енергетска ефикасност и зелени решенија.