Македонија
Милевски: Фер е новите градоначалници да го почнат мандатот со проширени надлежности и извори на финансирање
Оваа година треба да се одржат локалните избори и фер е новите градоначалници да го почнат својот мандат со веќе дефинирани правила на игра во смисла на надлежностите и средствата со коишто ќе располагаат за нивно извршување, веќе од наредната буџетска година, истакна министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.
„Во однос на нормативната и стратешката рамка мислам дека обезбедивме услови за побрз и одржлив развој на локално и на регионално ниво. Со максимално ангажирање на централната и на локалните власти, но и со поголеми средства за развојни проекти можеме заедно побрзо да ги менуваме условите за живеење во сите општини“, додаде Милевски на консултативниот настан со градоначалниците и други претставници од општините.
Според него, трите најважни документи коишто го определуваат развојот во наредниот период, се Стратегијата и Законот и Програмата, кои Министерството за локална самоуправа ги подготвуваше во консултација со сите засегнати страни, со ЗЕЛС, со општините, со Центрите за развој, со експертската јавност и со граѓаните. Важно е сите вклучени страни да бидат информирани и да го дадат својот придонес за да може да обезбедиме квалитетна имплементација и на Законот и на Програмата.
Милевски посочи дека новина е што со овој закон се воведува нова категорија – урбани подрачја, а тоа се општините и Градот Скопје.
„Тоа значи дека покрај проектите за развој на планските региони, за развој на селата и за развој на подрачјата со специфични развојни потреби ќе се финансираат и проекти за развој на урбани подрачја за коишто ќе можат да аплицираат општините со седиште во град. Овие општини за разлика од руралните имаа свои специфичности, коишто согласно и со ЕУ-регулативата треба дополнително да бидат подржани. Во изборот на проекти коишто ќе бидат финансирани со средства од буџетот на Министерството и на Бирото задолжително ќе бидат вклучени и граѓаните преку организирање на Форуми во заедниците. Благодарение на предлозите на граѓаните, реализиравме многу корисни инвестициски и иновативни проекти во сите осум плански региони. Нудиме и уште едно ново решение, тоа е можноста да се аплицира со поголеми проекти чија имплементација нема да биде ограничена на само една година. Програмата за одржлив локален развој и децентрализација е амбициозна, се фокусираме на подобрување на нормативната рамка, продолжување со децентрализацијата, продлабочување на фискалната децентрализација, дигитализација на административните услуги, подобрување на социјалните и комуналните услуги, поттикнување на локалниот економски развој, поголема транспарентност и отчетност“, рече Милевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

