Македонија
Милена од Скопје е тримилионитиот патник што доби авионски билети за дестинација по избор и награди
TАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на АДП Групацијата, денес го прослави 3 милионитиот патник во една година на Меѓународниот Аеродром Скопје.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт и вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски ја изненадија 3 милионитата патничка додека се пријавуваше на летот Скопје – Бари, информирајќи ја дека токму таа го одбележува значајниот момент за скопскиот аеродром и дека ќе добие награда.
Среќната добитничка е Милена Таскова од Скопје.
TАВ Македонија и сестринските компании БТА, АТУ и ТАВ МОС ја наградија среќната патничка со бесплатни услуги на аеродромот и производи од бизнис – салонот, рестораните и продавницата за безцаринска продажба, додека Вие ер додели две повратни авионски билети од Скопје до дестинација на авиокомпанијата по избор на патничката.
„ До крајот на годината, според нашите пресметки, очекуваме Меѓународниот Аеродром Скопје да достигне вкупно 3,2 милиони патници, а аеродромот во Охрид да достигне 262 илјади патници, што во целост во споредба со 2010 година претставува 5 кратен раст.
За споредба, првата година на нашето работење, 2010 година, заврши со 684.905 патници на Меѓународниот аеродром Скопје, така што во 2014 година достигнавме 1 милионтиот патник, во 2018 година 2 милионтиот, а денес прославуваме 3 милионтиот патник, што јасно го покажува нашиот визионерски пристап, стратегија и заедничката работа со Владата како наш партнер“, изјави Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Тој посочи дека овој успех докажува дека секој чекор направен со визија, труд и посветеност води до резултати што ја менуваат реалноста.
„Она што некогаш изгледаше како далечна цел, денес е реализирана задача што го отвора патот за уште поголеми можности. Овој момент е доказ дека ТАВ Македонија и целиот тим продолжуваат да растат, напредуваат и да поставуваат нови стандарди во воздушниот сообраќај во земјата. Со иста енергија и одговорност ќе продолжиме да создаваме нови успеси, нови причини за гордост и подобро искуство за секој патник кој поминува низ нашите врати“, потенцираше Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Бројот на патници на двата македонски аеродроми продолжува да расте од почетокот на годината. Последните статистики покажуваат дека Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид опслужиле 3.180.521 патник од јануари до ноември оваа година, што е зголемување од 8% во споредба со истиот период минатата година. Во исто време, реализирани се вкупно 24.481 лет, што претставува раст од 4% во споредба со 2024. Моментално, вкупно 15 авиокомпании летаат кон 47 дестинации од Меѓународниот Аеродром Скопје.
Од 15 декември, Виз ер ќе воведе 2 нови линии од Скопје до Прага и Келн, со што вкупниот број рути од македонската престолнина ќе се зголеми на 49.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

