Македонија
Миле Јанакиески бара полиграф за него и за Александар Василевски-Нинџа за настаните од 27 април

Поранешниот министер за транспорт и врски и обвинет во случајот „Организатори на 27 април“, Миле Јанакиески, побара полиграфско тестирање за да докаже дека ја говори вистината и да ги увери судот и јавноста дека не е виновен за крвавите инциденти.
Јанакиески посочи дека полиграфско тестирање ќе докаже и дека сведокот Александар Василевски-Нинџа излажал кога го посочил како организатор и како некои од лицата што давале насоки од штабот на ВМРО-ДПМНЕ кон лицата што влегоа во Собранието.
Прашан дали го познава Нинџа, обвинетиот Јанакиески рече дека првпат го видел во судската сала, а никогаш претходно не комуницирал со него.
„Александар Василевски има дадено пет различни изјави за овој кривично-правен настан и доколку цените, почитуван суде, спремен сум на полиграф паралелно да сведочиме со Александар Василевски-Нинџа за настаните од 27 април и тогаш судот и целокупната јавност ќе се увери кој ја говори вистината. Дека Нинџа не ја говори вистината во овој изминат период, сведочеа голем број авторитети, меѓу кои и актуелен и поранешен претседател на Владата, актуелен лидер на опозицијата, поранешен претседател на државата, голем број пратеници и функционери, но и самото мислење од техничкиот советник, кој е доктор на науки, го потврди истото тоа. Јас за овој немил настан, кој никогаш не смее да се повтори, пред Бога, пред себеси и пред семејството сум чист. И ќе потенцирам дека со ништо немам придонесено да се случат немилите настани од 27 април“, рече Јанакиески.
Наспроти тврдењата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција дека Јанакиески контактирал со Трајко Вељановски, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски поврзано со протестите на „За заедничка Македонија“ и за организацијата на 27 април, обвинетиот негира. Тој посочи и дека од денот на објавувањето на бомбите до сега неговиот живот е радикално променет на негативно.
„Со Трајко Вељановски контактирав додека бев министер. По оставката во мај 2015 година, воопшто немав контакт. Со Спиро Ристовски имав честа комуникација додека бевме министри. Потоа таа се намали. Во 2016 и 2017 година против мене имаше отворено 3 истраги, а едно судење беше во тек, и најчесто контактирав со адвокати, каде што се среќавав со сообвинети и градевме одбрана. Спиро немаше истраги до СЈО и затоа овој период немав некаква комуникација. Од денот кога почна објавувањето на бомбите радикално на негативно се смени мојот живот и од 2015 до ден-денес сум под мерки, а веќе 2 години и 8 месеци сум во притвор. Со Владимир воопшто немав никакви контакти во тој период, но ни на 27 април. Со него, единствено, сум имал контакти и тоа не директен, кога ќе дојдеше на седница на владата како директор на Финансовата полиција. Тоа беше многу претходно пред да се случи овој настан. Ниту лицето Никола Бошковски не го познавам, ниту сум имал каков било контакт со него“, додаде Јанакиески.
Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељановски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.
Тие се товарат дека сториле кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.