Македонија
Милошоски: Аферата со пасошите може да го загрози безвизното патување во земјите на ЕУ

Настрана од внатрешните политички импликации, случајот „Мафија“ со издадени 215 македонски пасоши со лажен идентитет на меѓународни наркошверцери, на Македонија може да и создаде сериозни проблеми по однос на безвизниот режим кон земјите членки на ЕУ, предупреди во објава на социјалните мрежи, претеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
Според него, доколку нема сериозна истрага на Интерпол и ЕУ за овој скандал, се ризикува безвизниот режим да биде ограничен, или да биде суспендиран.
?Настрана од внатрешните политички импликации случајот “Мафија”, со издадени 215 македонски пасоши со лажен идентитет на…
Posted by Antonio Miloshoski on Петок, 09 април 2021
„Да се потсетиме на реакцијата на Холандија која во мај 2019 побара укинување на безвизниот режим за албанските пасоши со образложение дека ‘криминални организации преку Албанија ја злоупотребуваат можноста да патуваат без визи низ Европа и ја шират мрежата за криумчарење’, за што холандскиот парламент усвои и резолуцијата“, посочува Милошоски.
Тој додава дека од сите 215 лажни пасоши кои македонското МВР ги издало на меѓународни наркобосови, најмногу се издвојува оној издаден на Валид Иса Камајс, кој како што нагласува опозицискиот пратеник, е вториот човек на италијанската мафија Ндрангета, кој бил задолжен за логистика на пратките со кокаин од Бразил до Западна Европа.
„Овој наркобос од 2017 година е еден од најбараните нарко-мафијаши од страна на Италија, но и од целата ЕУ, преку Интерпол. И додека вториот човек на мафијата во Италија, заради меѓународната потерница не смеел и не можел да влезе ни во Хрватска, ни во Србија, ни во Бугарија, успеал во јануари 2019 година да влезе во Македонија, а самиот негов влез во земјава отвара сериозна дилема за нефункционалниот систем на контрола на границите од страна на МВР. Со влезот во земјава и издавањето на македонски пасош на Валид Иса Камајс, Македонија не само што им направила проблем на истражните органи во Италија, туку станала и сива зона за мафијашите по кои трага Интерпол“, објаснува Милошоски.
Според него, ќе мора многу темелно и заеднички со ЕУ да се истражи случајот „Мафија“, се со цел да не се загуби стекнатата привилегија за безвизно патување со македонски пасош во земјите на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.