Македонија
Милошоски: Би било наивно да се прават уставни измени за да ни се случи уште едно неисполнето ветување
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски оценува дека во Македонија постои оправдана разочараност од односот на ЕУ во поглед на нејзиното интегрирање.
На прашањето какви гаранции би можел да бара премиерот Мицкоски од Софија, Брисел и од Вашингтон во однос на евроинтегртацијата, Милошоски нагласи дека не е само како ќе се започне процесот на преговори туку многу се битни крајот и целта на тој процес.
„Превземената обврска на претходната влада, доколку има можност да се менаџира, би било рационално истата да се менаџира со предвидливост на патот до конечната цел а тоа се европските интеграции. Во Македонија постои реално оправдана разочараност од односот на ЕУ. Веќе еднаш имавме уставни измени за името, и лошите искуства се доволно силни аргументи, Македонија со право да побара одредена извесност за патот кон ЕУ, бидејќи гледаме дека ЕУ не говори со еден глас. Нема сериозна визија за Западниот Балкан и времетраењето на зачленувањето и проширувањето на овие земји“.
Според него би било наивно, како што рече, да се прават уставни измени за да ни се случи уште едно неисполнето ветување.
„Македонија неколкупати има направено уставни измени а ЕУ ветувала дека тие ќе ја приближат Македонија кон преговорите за членство, но очигледно е дека не ги исполнила своите ветувања. Сметам дека одложеното дејство е рационален аргумент кој би можел да биде поттик за Македонија да се интегрира, Бугарија да не блокира а ЕУ да го менаџира тој процес до конечната цел“.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ нагласува дека ЕУ во последните десет години нема сериозна визија за проширувањето. Тоа, како што истакнува, стана фраза која често се повторува а на дело нема сериозни геополитички одлуки што би значеле проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан.
Потсетувајќи на изјавата на еврокомесарката за проширување Марта Кос во однос на зајакнувањето на процесот на проширување на земјите од Западен Балкан во ЕУ, Милошоски додаде: „Ако ја гледате нејзината изјава внимателно, таа спомна дека би можеле една, две или три членки да бидат завршени со преговорите, но не спомна дека тие би можеле да станат полноправни земји членки на ЕУ , што е индикатор дека во самата ЕУ нема консензус за тоа дали, кога и до кое ниво ќе се случи следното проширување и дали воопшто ќе има нови полноправни членки“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Зелениково и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, дел од корисниците од улиците Самоилова и Јоаким Крчовски, како и објектот на Музејот на Современа Уметност, општина Центар;
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од селата Зелениково, Ново Село, Страхојадица и Смесница, општина Зелениково;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците лоцирани околу ул. Австралиска бр. 5 во населба Даме Груев, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Променливо облачно, претпладне со повремен локален дожд
Променливо облачно, претпладне со повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Утре во претпладневните часови ќе има локални врнежи од дожд, кои во текот на денот насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен северен ветер. Потоа до крајот на неделата времето ќе биде стабилно и суво со пониска утринска температура.
Македонија
Ѓорѓиевски отпушти 500 вработени
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека се отпуштени 500 вработени од претпријатијата на Скопје затоа што се месеци, дури и години, не оделе на работа.
„500 лица до денес, се отстранети од работа од претпријатијата во градот Скопје. Тоа се лица кои се платени од парите на скопјани, но не оделе на работа со месеци, дури и години“, објави Ѓорѓиевски.
Тој најави дека секој кој чесно си ја работи работата, ќе биде награден, а оној што не работи ќе биде казнет.
„Тука, нема да има толеранција, а ќе има и одговорност! Секој оној што чесно си ја работи својата работа ќе биде награден, а оној што не работи – ќе биде санкциониран. Ред во Скопје, мора да има! Она што е платено со парите на граѓаните јас мора да го заштитам“, напиша Ѓорѓиевски на „Фејсбук“.

