Македонија
Милошоски: Венко предлага, црвени линии за заштита од францускиот предлог, кој пред една година го прогласи за победа

Венко предлага ,,црвени линии“ за заштита од францускиот предлог, кој пред една година го прогласи за победа, изјави Антонијо Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Денес темата на оваа прес-конференција е ставот на Венко Филипче, претседателот на СДСМ за францускиот предлог и за резолуцијата која што тој ја нуди, со наводно патриотски црвени линии. Првата констатација е дека Венко Филипче ја менува својата политика и позиции во зависност од потребите на својот финансиски и политички ментор, Зоран Заев, а се во нивен заеднички интерес да се задржат на чело на СДСМ. На прес-конференција на 1 октомври 2024 година, Венко Филипче изјави дека францускиот предлог е победа и голем успех на нашата дипломатија. Парадоксот е толку голем, што денес една година потоа, Филипче изјавува дека се потребни црвени линии и резолуција за заштита од оваа негова во наводници прогласена дипломатска победа. Дали Венко Филипче лажеше 2024 година кога кажа дека дипломатијата победила со прифаќањето на францускиот предлог или лаже денес кога нуди предлог резолуција со црвени линии за заштита од истиот француски предлог којшто е целосно во корист на источниот сосед“, праша Милошоски.
Според него, ваквите изјави и изменети ставови на Филипче, не се порака до македонските граѓани, туку се порака до соседна Бугарија, бидејќи, како што кажа, Венко Филипче се надева дека источниот сосед или некој меѓународен актер ќе му помогне да дојде на власт, или барем да ја задржи водечката позиција во СДСМ, бидејќи знае дека нема поддршка од македонските граѓани, а нема поддршка ниту од најголемиот дел од симпатизерите или членовите на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Економијата е во пад, ништо од балканскиот економски тигар на Мицкоски

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“, што се одржа во Струга, упати критика за економската политика на ВМРО-ДПМНЕ, која, како што рече, доведе до секојдневни негативни економски показатели.
Филипче посочи дека Владата на ВМРО ДПМНЕ не исполни ниту едно ветување за подобрување на економијата и на животниот стандард на граѓаните.
„Христијан Мицкоски ветуваше дека македонската економија ќе била „балкански тигар“, ветуваше повисоки плати, повисоки пензии, нови вработувања. Што гледаме денес? Платите се топат, сметките за струја, за парно растат. Животот на граѓаните е претворен во секојдневни калкулации што да купат, дали да купат или да платат сметките, односно како да го преживеат месецот“, рече Филипче.
Тој додаде дека инфлацијата и натаму ја јаде куповната моќ, а ветената минимална плата од 500 евра сè уште не е реалност.
„Барањата за минимална плата од 500 евра остануваат неисполнети. Само за Мицкоски платите биле доволно високи. За неговиот пулен Трајко Славески оваа сегашна плата и таа била многу. Регионот веќе оди напред, државите преземаат мерки за да си ги заштитат граѓаните. Албанија најави минимална плата од 520 евра, ние останавме на 400 евра“, рече Филипче.
Посочи дека секојдневно економските параметри поради лошите политики на власта се негативни. „Странските инвестиции се преполовени, статистиката регистрира пад на индустриското производство, за 2,6% е намален бројот на вработени во индустријата. Сето ова, како што кажа Филипче е доказ дека ВМРО ДПМНЕ ја доведе економијата до колапс, што е далеку од нивните ветувања. Со ВМРО-ДПМНЕ и на локално и на централно ниво, државата нема иднина, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Николоски: Автопатот Прилеп-Битола многу ќе значи за општина Могила, затоа што ќе се зголеми протокот на возила и ќе се подобрат условите за бизнис

Можам да најавам дека веќе во текот на овој месец, доколку временските услови не послужат, започнуваме со целосна реконструкција на улица АСНОМ, инвестиција вредна 170 илјади евра, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски од денешниот народен митинг во Могила.
Тој додаде дека веќе се работи на водоснабдување на неколку населени места како Беранци, Долно Српци, Ивањевци, Попадинци и други коишто се приклучуваат на регионалниот водовод во Битола, која е инвестиција вредна 18 милиони денари.
Во однос на патната инфраструктура, Николоски ги наброја проекти вредни неколку милиони денари за кои веќе се потпишани договори со изведувачи на улици кои треба да се градат и реконструираат, каде што е предвидено изградба и на атмосферска канализација.
„Потпишани се веќе договори со изведувачи на улици коишто треба да се градат, како ул. Пелагонија во вредност од 12,3 милиони евра, којашто оди заедно со атмосферска канализација. Договор со изведувач е потпишан за реконструкција на улица Гоце Делчев и изградба на атмосферска канализација, во вредност од 8,1 милион денари. И исто во тек е рехабилитација на дел од парот Долно Српци до село Беранци во вредност од 5,4 милиони денари“, рече Николоски.
Посочи дека и во следниот период Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе продолжи да дава поддршка и за бројни други проекти кои ќе се работат во општина Могила и во другите населени места.
„Тоа се доказ дека сакаме да инвестираме, дека сакаме да работиме. А, доказ дека знаеме да завршуваме проекти се и завршените улици во цело Трновци, завршената реконструкција на улица Шемница и бројни други проекти кои заедно со градоначалникот ги работевме и ќе ги работиме. А тука е најкрупниот проект, изградбата на автопатот од Прилеп до Битола, најголема поединечна инвестиција во моментов во државата, 40 километри автопат, којшто многу ќе значи за општина Могила, затоа што ќе се зголеми протокот на возила, ќе се подобрат условите за бизнис. Сите оние коишто имаат имот покрај автопатот ќе добијат поголема вредност на имотот, а ќе се зголеми и протокот на туристи коишто ќе поминуваат оттука“, истакна Николоски.
Ги повика граѓаните на 19 октомври масовно да гласаат за број 9 и за ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Филипче: Да се избориме за држава што не е ничија приватна сопственост, туку заеднички дом со правила што важат за сите

Претседателот на СДСМ Венко Филипче вечерва во Струга рече дека богатството на Македонија е во соживотот, а вистински пример за соживот е Струга. Тој под слоганот „Се бориме за нашиот дом“ испрати пораки дека верува дека стружани знаат да ја изберат вистинската страна и да покажат дека подеднакво треба да се негуваат различните култури и традиции и дека секој човек заслужува убав и достоинствен живот.
„Нашиот дом не е само куќата во која живееме. Нашиот дом е нашата улица, нашето маало, нашиот град, нашата Македонија. И кога велиме „се бориме за нашиот дом“, тоа значи дека се бориме за достоинствен живот за секој граѓанин, за секое семејство, за секое дете. Нашата сила е во единството и заедно можеме да направиме промени. Денес повеќе од било кога, иднината е во рацете на вас граѓаните“ рече Филипче.
Тој на трибината зборуваше за состојбата на државата во која, како што беше речено, владата не понуди решенија за скапиот живот на граѓаните туку ги остави сами да се снаоѓаат како знаат и умеат. Држава без проекти и влада без резултати, затоа тој порача дека промени се неопходни, а сега е вистинското време тие да се случат.
„Да се избориме за држава што не е ничија приватна сопственост, туку заеднички дом со правила што важат за сите“, им порача Филипче на стружани.