Македонија
Милошоски: Наместо да ургира кај производителите на вакцини, Заев вршел притисоци за 33 милионска зделка

Пратеникот од ВМРО-ДМНЕ Антонио Милошоски на вечерашната собраниска дебата за предлог-законот за решавање на спорот меѓу Владата и „Макпетрол“ АД по пат на спогодба, рече дека ваков случај немало никаде во регионот.
„Вакво нешто не се случило никаде во регионот, никаде нема случај влада да предлага закон во кој субјект е владата од една и приватен стопанственик од друга страна. Закон се носи за општа норма и ако приватен субјект треба да реши проблем има закони кои тоа го регулираат, а ако не може да се најде договор, има судови кои одлучуваат по тоа. Мислам парите ќе се делат по онаа едно евро за црквата, една за Вицето и многу пари за Андреја Јосифовски, телевизија ‘Телма’ и ‘Макпетрол’. И ова се случува во период на криза кога се одбиваат амандмани за да се помогне на граѓани и на правни лица“, рече Милошоски.
Тој додаде дека државниот правобранител и неговите соработници како институција биле под голем притисок во 2019 година и почетокот на 2020 година.
„Имало до оваа институција многу дописи, дури и со заклучок од Влада дека државното правобранителство треба да го прифати овој договор. И покрај сите дописи и ургенции од Влада правобранителството го почитува законот и не подлегнало на притисоци“, рече Милошоски.
Пратеникот преку цитати на државното правобранителство кажа дека се гледа дека имотната штета е констатирана и истата тежи 33 милиони евра.
Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ посочи и свое толкување зошто нема вакцина против корона во Македонија, додека има во земјите од регионот.
„Цела година Заев нема писмо напишано до фирмите производители на вакцината, ама има напишано осум писма до државната правобранителство. Заев не му е грижа за вакцините, туку му е гајле за 33 милиони евра. Тоа е зделка од 33 милиони евра која треба да ја делат со ‘Телма’ и ‘Макпетрол’ и знае Заев дека не му е легална, па сака да ја гласаат пратениците од СДСМ и да му ја изгласаат, но истата порано или подоцна ќе падне бидејќи е штетна за имотните интереси на државата и за граѓаните“, кажа Милошоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Денес и утре облачно, од вторник сонце

Времето во Македонија денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени локални врнежи од дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и услови за изолирана појава на град.
Во Скопје, променливо облачно, попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на град.
Утре времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремен локален дожд, претежно во западните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од источен правец. Минималната температура ќе се движи од 5 до 11, а максимална од 15 до 22 целзиусови степени.
Од вторник ќе имаме сончево време со мала локална облачност. Максималните температури ќе се движат од 18 до 25 целзиусови степени.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче тргнал по стапките на Заев, на Македонија не ѝ требаат нови предавства

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ жестоко реагираше на денешното интервју на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во кое тој зборуваше со гордост за поранешниот премиер Зоран Заев.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Филипче покажал „безрезервна лојалност“ кон Заев, кого го нарече пример од кого треба да се учи.
Од партијата обвинуваат дека Филипче го велича човекот кој, според нив, извршил најголемо предавство на националните интереси.
„За какво искуство и учење зборува Филипче? Единственото наследство на Заев е предавството и распродавањето на националните интереси“, стои во реакцијата.
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека со вакви ставови, Филипче покажува дека е „верна сенка и продолжена рака на Заев“, и оти тргнал по истиот пат, барајќи попустливост во односите со Бугарија.
Реакцијата уследи по изјавите на Филипче во кои тој повика на продолжување на преговорите со Бугарија, додека истовремено, поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, призна дека во минатото преговарал со Бугарија за етнички прашања со дозвола на СДСМ.
„Дали за Филипче храброст значи прифаќање на сите барања што водат кон распродажба и нарушување на националниот идентитет?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата потенцираат дека вистинска храброст и државничко однесување е заштита на етничките, културните, историските и јазичните интереси на Македонија, а не попуштање под странски притисоци.
Македонија
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ ја носи државата во економска и општествена бездна! СДСМ ќе се бори за враќање на довербата

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во гостувањето во „Тема на денот“ на Сител Телевизија порача дека судот за тоа дали тој ќе успее да ја направи СДСМ повторно победничка партија ќе го дадат граѓаните. Тој нагласи дека неговата задача е да ја консолидира партијата и да продолжи по започнатиот пат на обнова.
„Сè уште има многу простор за работа, а ние сме решени да продолжиме, не само во пресрет на локалните избори, туку и во следните години“, истакна Филипче.
Тој потенцира дека СДСМ никогаш не се борела за власт по секоја цена, туку за доверба што ќе им овозможи да работат во интерес на граѓаните.
Филипче упати сериозни критики кон актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, укажувајќи на неконтролираниот раст на цените, стагнацијата на платите, намалениот животен стандард и доцнењата во исплатата на плати и ДДВ за компаниите.
„Живееме во време на тешка економска и општествена криза. Владата е неспособна да ги реши проблемите што граѓаните секојдневно ги чувствуваат. Платите не се зголемуваат, а во многу институции дури и не се исплаќаат навреме“, рече Филипче.
Дополнително, тој ја обвини власта за груба партизација на институциите, каде, како што тврди, неподобните кадри се казнуваат со прераспоредување на работни места далеку од своите домови.
„Ако не сте член на ВМРО-ДПМНЕ или партија од владејачката коалиција, бидете сигурни дека ќе ве преместат да работите 100 километри подалеку“, предупреди лидерот на СДСМ.
Според него, владата ја прикрива тешката состојба преку силна пропаганда, но реалноста на граѓаните е сурова.
„Од плата до плата се живее максимум до 10–15-ти во месецот, потоа почнува вистинската борба за опстанок“, подвлече Филипче.
Тој порача дека токму поради оваа состојба, СДСМ има уште поголема обврска да работи, да ја зацврсти својата структура и да ја врати довербата на граѓаните.
Како што истакна Филипче во интервјуто, општините под раководство на СДСМ се запоседнати од инспекции.
„Ние имаме 17 градоначалници и сите можни инспекции се во општините во пресрет на локалните избори. Од Управата за јавни приходи, организиран криминал, различни други институции коишто се под Министерството за внатрешни работи”, потенцира Филипче.
Како што додаде тој, тоа се случува исклучиво во општините кои се раководени од луѓе од СДСМ, а не и во другите општини каде што има градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ.