Македонија
Милошоски: Османи лаже дека Собранието има мандат да одлучува за протоколот
Лага е дека Собранието има мандат да одлучува за протоколот. Ова е ставот на пратеникот Антонијо Милошоски на изјавата на министерот Бујар Османи кој рече дека треба насоки од Собранието пред го објават протоколот. Тој посочува дека Владата до Собранието доставила еден лист хартија. Милошоски го повика Османи да го достави протоколот до Комисијата за надворешна доколку сака да добие забелешки.
„Министерот Османи и премиерот Ковачевски прво почнаа со нетранспарентност и манипулации, за сега да влезат во зоната на лаги. Чиста лага е дека Собранието има мандат да одлучува за протоколот, особено не во ситуација кога протоколот никој го нема. Бујар Османи изјави дека протоколот е усогласен. Министерката од Бугарија, Генчовска, потврди дека е заеднички усогласен за после тоа, министерот Маричиќ да каже дека истиот сè уште не е формализиран. Во Собранието стигна само еден лист хартија како сублимирана информација за францускиот предлог од кој што ништо не може да се види ниту да се утврди, а камоли да се расправа. Но доколку министерот Османи сака да добие од Собранието став за македонско-бугарскиот протокол, за кој сигурни сме дека е усогласен, нека ни го достави и Комисијата за надворешна политика веднаш ќе закаже седница и ќе му дадеме сто забелешки“, вели Милошоски.
Пратеникот е дециден дека Владата го третира Собранието како место каде ќе може да ги оправда веќе донесените одлуки и да ги формализира.
„Затоа сметам дека одлучувачка улога во овој процес можат да имаат помалите коалициски партии како ЛДП, ДОМ, ДК, кои доколку се одважат и посериозно го разберат овој народен револт и го искажат своето мислење, јасно и гласно, дека не треба да дозволиме Македонија да биде земја во која уште еднаш ќе се прават преседани со ЕУ и нашето зачленување кое во овој случај е сведено на она што го кажа амбасадорот Фуере, еден бугарски уценувачки предлог за кој клучот го има официјална Софија“, додава Милошоски.
Тој гледа загриженост кај Владата, за која смета дека чека народот да отиде по одмори, па да го протурка протоколот и францускиот предлог со прифаќање.
„Моето мислење е дека Владата калкулира со францускиот предлог и македонско-бугарскиот протокол. Загрижени се поради отпорот на кај јавноста, кај граѓаните, кој е оправдан и станува сè помасовен. Сметам дека играат на картата време, летото да го направи своето, градот да биде попразен и така на тој начин во некое поповолно за нив време, со помалку присутни граѓани во главниот град и во цела Македонија да го протуркаат протоколот и францускиот предлог кој го имаат со Бугарија“, посочува Милошоски.
За извештајот објавен на бугарски медиум во кој се наведува дека нема да ги почне преговорите додека не ги смени учебниците и написите на спомениците, но и да ги исполни другите услови од протоколот, Милошоски кажа дека е жално што информации добиваме од Бугарија.
„Ние, за жал, во Македонија добиваме повеќе информации од Бугарија за тоа што одлучила нашата Влада во некои преговори отколку од македонската влада. И денеска гледаме дека во Бугарија поради нивни внатрешнополитички дискусии протече извештај од бугарското МНР во кој се тврди дека доколку се прифати францускиот предлог, реално Албанија ќе започне преговори за членство со ЕУ, Македонија ќе има само една фотосесија, но нема да ги започне преговорите, туку ќе започне една тешка сизифовска процедура за менување на Устав и исполнување на уцените кои ги наметнува Бугарија во билатералниот протокол кој е сè уште таен за македонската јавност“, додава Милошоски.
ВМРО-ДПМНЕ, нема притисоци од странство да го прифати францускиот предлог.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиева: Со измените на Кривичниот закон се враќа правдата во државата
Весна Ѓорѓиева, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, се обрати денес на 80-та седница во Собранието на која се расправаше и Предлог на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, при што истакна дека измените се однесуваат на суштинското прашање, а тоа е да ја вратат правдата и функционалноста на системот преку појасни одредби. Според неа, без функционален и праведен систем не може да постои ниту стабилна држава, ниту сигурност за граѓаните.
,,Нашите граѓани ќе ја гледаат сигурноста кога ќе биде сигурен правниот систем во државата“, рече Ѓорѓиева.
Таа се осврна на членот 353 од предлог законот, со кој како што посочи, се враќа суштината на кривичното дело злоупотреба на службена положба.
,,Се враќа суштината на злоупотреба на службена положба, пречекорување на овластувањата или неизвршување на службена положба. Со овој закон се распушта претходниот закон во 2023 година кој беше донесен од СДС и ДУИ, каде што беше разводенет, односно каде што казните беа намалени, дејствијата беа потешко докажливи, а роковите за застареност беа скратени“, истакна Ѓорѓиева.
Според неа, законот не е наосочен против оние кои работат чесно, туку против корупцијата и злоупотребата на службената положба.
,,Држава без кривичен закон е како држава без рбтет. А држава без рбет секој може да ја скрши. Почитувани граѓани, овој закон е порака до секој што мисли дека државата е приватен бизнис, овој закон е порака дека времето на неказнивост завршува и да, можеби на некому тоа не му одговора, но на народот тоа му одговара, и тоа го бара од нас“, вели Ѓорѓиева.
Македонија
Ангелова: Измените на Кривичниот законик се клучни за посилна заштита на жените од насилство и зголемување на сообраќајната безбедност
На денешната собраниска седница се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова која истакна дека измените во Кривичниот законик претставуваат суштински чекор за враќање на довербата на граѓаните за правна држава каде криминалот и корупцијата нема да бидат толерирани, туку ќе бидат соодветно санкционирани.
„Овој предлог-закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик претставува неопходен и одговорен чекор кон враќање на правната сигурност, владеењето на правото и довербата на граѓаните во институциите. Со него државата јасно ја испраќа пораката дека корупцијата, злоупотребата на службената положба, организираниот криминал и насилството нема да бидат толерирани, ниту релативизирани преку законски празнини и непропорционално благи санкции“, рече Ангелова.
Пратеничката посочи дека ќе се постигне подобра заштита на приватноста на граѓаните, безбедност во сообраќајот, посилна заштита на жените од семејно насилство како и јасна правна рамка за гонење на злоупотреби во јавните набавки.
„Со предложеното решение ќе се постигне враќање на превентивната и репресивната функција на казненото право особено кај делата злоупотреба на службена положба, организиран криминал и корупција. Јасна и ефикасна правна рамка за гонење на злоупотреби во јавните набавки, подобра заштита на приватноста и достоинството на граѓаните, посилна заштита на жената од насилство,семејно насилство со гонење по службена должност во согласност со Истанбулската конвенција, подигнување на безбедноста во сообраќајот преку поостри санкции. Се зголемува и јавната безбедност на патиштата“, вели Ангелова.
Пратеничката Ангеловска се осврна на клучните поенти за жените истакнувајќи дека со овој предлог-закон жената е заштитена од дигитално насилство, од семејно насилство, а со тоа постигнување на реална заштита и сигурност на жената во државата.
„Посилна институционална заштита од насилство врз жените и семејно насилство со гонење по службена должност државата ја трга одговорноста од жртвата и јасно застанува на страната на жената. Заштита на приватноста и телесниот интегритет на жените, инкриминирање на злоупотребата на интимни снимки директно ги штити жените од уцени дигитално насилство и јавно понижување. Европски стандарди, европска заштита за жените законот директно ги имплементира европските и меѓународните обврски и ја позиционира како партнер во борбата за еднакви можности и човекови права“, рече Ангелова.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 7 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе дува умерен западен ветер, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -12 до -3, а максималната ќе достигне од 0 до 7 степени.
Во Скопје, променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до -9, а максималната ќе достигне до 3 степени.
До крајот на седмицата ќе се задржи стабилно и суво време. Од среда по котлините ќе има услови за појава на магла, а температурата ќе биде во благ пораст.

