Македонија
„Минималната плата оди на 26.400 денари, почнува новата економска ера“, велат од „Влен“
„По плебисцитната победа на локалните избори, каде што граѓаните албанци во секоја општина јасно ја искажаа својата доверба во ВЛЕН, веднаш ја претвораме оваа доверба во конкретна работа и опипливи резултати“, велат од „Влен“.
„Денес, коалицијата ВЛЕН објавува вест што директно влијае на илјадници семејства: Минималната плата ќе се зголеми за околу 2.000 денари во март 2026 година, достигнувајќи 26.400 денари нето. Ова е благодарение на максималната посветеност на министерот за економија, Бесар Дурмиши, и ова е само почеток на реформите што ги носиме во економијата на земјата.
Ова зголемување е најсилниот доказ дека владата на ВЛЕН не познава чекање, одложувања и изговори. Нашите ветувања се претвораат во одлуки, а одлуките се претвораат во опипливи придобивки за граѓаните.
Животниот стандард на работниците е наш приоритет. Достоинството на секое семејство е наша одговорност. Градиме економија каде што трудот е праведно награден, каде што младите луѓе гледаат перспектива и каде што секој се чувствува заштитен.
ВЛЕН ќе продолжи со смели одлуки и јасни политики во служба на граѓаните, бидејќи довербата што ни ја дадовте на 19 октомври се претвора во работа, развој и достоинство. Ова е владењето што се чувствува во животите на граѓаните“, се наведува во соопштението на „Влен“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Цвета Ристовска поднесе оставка од Антикорупциската комисија: „Никогаш немав намера да прикријам информација“
Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, поднесе неотповиклива оставка од функцијата, која ја доставила до претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Во писмото, Ристовска наведува дека одлуката ја донела по „неделни јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со нејзината работа“ во Комисијата. Таа вели дека целата своја професионална кариера, вклучително и работењето во ДКСК, ја извршувала „законито, совесно и со најдобра намера“.
„Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста“, наведува Ристовска во оставката.
Таа потенцира дека во секоја ситуација во која постоела можност за судир на интереси, побарала изземање согласно законот, и отфрла дека имала намера да прикрие информации.
„Напротив, ги почитував законските обврски. Убедена сум дека секој што извршува јавна функција, мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет“, додава таа.
Претходно, ДКСК отвори два предмети за Ристовска, за проверка на судир на интереси и непријавување имот.
Ова е нов случај на оставка во Антикорупциската комисија за помалку од една година. Во 2025 година, оставка поднесе и тогашната претседателка Татјана Димитровска, откако против неа беше поднесен обвинителен предлог за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат, поврзани со случајот „Адитив“.
Македонија
МЗШВ: Исплатени се 481.127.667 денари кон 12.458 лозари
Во пресрет на празникот Св. Трифун, заштитникот на лозарите, реализирани се средства во износ од 481.127.667 денари кон 12.458 корисници, соопшти Министерството за земјоделство.
Средствата се исплатени по Мерка 1.8 – Директни плаќања по обработлива земјоделска површина за одржување на постоечки лозови насади.
„Се потврдува посветеноста и приоритетите на институциите во развојот на оваа земјоделска гранка. Министерството продолжува со реализација на мерки и политики насочени кон одржливост и унапредување на земјоделското производство“.
Македонија
Утре врнежи од дожд а на планините снег
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса утре попладне, во текот на ноќта и во недела ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 25 l/m²). Локално ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во понеделник во текот на ноќта и во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Утре ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен, а во недела од северозападен правец.
Во Скопје, од утре од попладневните часови до недела ќе има повремени врнежи од дожд, со услови за појава на грмежи. Утре ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен, а во недела од северозападен правец. Во вторник се очекуваат нови врнежи од дожд, кои на повисоките делови од котлината ќе преминуваат во снег.

