Македонија
Министерката Шахпаска на онлајн-форумот за Западен Балкан, повика на еднакво општетсво за сите

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска учествуваше на онлајн-форумот за Западен Балкан: „Дијалог на високо ниво за социо-економското влијание на пандемијата врз ранливите Роми во Западен Балкан и Турција“, во коорганизација на Европската комисија, Светската банка, Советот на Европа и УНДП и на која учество зедоа претставници на овие институции и министри од земјите од Западен Балкан.
Министерката Шахпаска посочи дека Владата и Министерство за труд и социјална политика имаат заедничка цел – еднакво општество за сите. Сите мерки и секоја политика, додаде таа, е креирана во насока на овозможување еднаква шанса за сите, со посебен акцент на најранливите категории граѓани, како што се Ромите, со цел да добијат еднаква можност за напредок и интеграција во општеството.
„Ромите се дел од сите владини мерки што беа донесени со цел справување со кризата предизвикана од пандемијата на Ковид-19. Конкретно, со последниот петти пакет антикризни мерки се предвидува финансиска поддршка за Ромите претприемачи преку креирање „мечинг-фонд за претприемаштво за Ромите“. Вредноста за оваа мерка е 123 милиони денари за 2021 година, а пред сѐ, е наменета за микро и малите компании, кои имаат ризици во работењето. Исто така, намерата е голем дел од оваа ранлива категорија граѓани да добие финансиска поддршка со цел формализирање на нивната дејност“, истакна Шахпаска.
Таа посочи дека Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија презема низа активности за зголемување на вработувањето на невработените лица Роми како една од ранливите категории на пазарот на трудот.
Притоа била истакната соработката со УНДП како клучна и била посочена програмата „Ацедер“, која се реализира втора година по ред, а е фокусирана на поддршка на припадниците на ромската заедница за пристап до вработување со главна цел да се подобри социјалната инклузија и еднаквоста на Ромите во земјата.
„Досега постигнавме одлични резултати, од 2007 година со поддршка на УНДП над 210 нови бизниси се основани од ромски претприемачи во рамките на програмата за самовработување, заеднички спроведена со УНДП и националните партнери“, рече Шахпаска.
Притоа таа ја истакна важноста од активното и рано ангажирање на локалните власти и локалните невладини организации во кодизајнирање на локалните програми, имплементирање на интервенциите на локално ниво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.