Македонија
Министерот за здравство без магичен стап: Тоа нема да се случи преку ноќ, но се стремиме да ги изградиме болниците

Министерот за здравство, Фатмир Меџити, во ново јавно појавување одново се жалеше од состојбите во секторот со кој раководи. Пред јавноста зборуваше за лошите состојби, па упати барање: „Пак повикувам, дајте сите заедно да градиме едно здраво здравство“. Меџити ова го правеше и во претходни изјави, а откога беше цел на критики дека ништо не променува во секторот откако стана министер.
„Ова би го крстил како голем ден ‘национален форум за здравство’ заедно со претставничката колешка и докторка Ане Јохансен денес во овие простори да ги кажеме сите наши дефекти што јас како министер речиси веќе три месеци ги детектирав. Работиме заедно со Ане Јохансен и многу сме благодарни за поддршката и за соработката на СЗО што ја покажува за нашата држава и ние сме спремни и ќе се стремиме заедно. Јас цело време апелирам што не е во ред, какви проблеми има, како може да ги детектираме и како може најбргу да најдеме решение. Јас многу сум одлучен како министер, а исто и мојот кабинет, моите советници и сите здравствени работници ги повикувам, ние го знаеме нашето здравство, во многу лоша состојба е, дајте заедно да придонесеме за еднаш засекогаш да поставиме некои здрави основи постулати со цел нашите пациенти да добијат подобри здравствени услуги и да имаме поздраво население“, рече Меџити.
Тој додаде дека е намалена смртноста кај новороденчињата, што е големо достигнување.
„Но, не само со оваа проблематика, тука сме да се занимаваме и да ги решиме сите проблеми што ги има во здравството. Знаеме дека немаме магичен стап, тоа нема да се случи преку ноќ, но со сите наши пријатели, со сите здравствени меѓународни институции, особено со СЗО, која е тука за нас, да се стремиме заедно да поставиме добра здравствена основа, да ги изградиме болниците, кои се оставени, знаеме кичевската 30 години, штипската има правен проблем, го решаваме денеска, напорно работиме на тоа, работиме на ‘Мој термин’, работиме, не знам ни јас веќе кај сè не работиме. Работиме во сите правци во здравството, што навистина има многу проблеми, здравството е жива материја, пак повикувам – дајте сите заедно да градиме едно здраво здравство“, додаде Меџити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.
Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.