Македонија
Министерот Муцунски во работна посета на Хрватска
Mинистерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес и утре, на покана на министерот за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ Радман, ќе престојува во работна посета на Република Хрватска.
Во рамките на посетата, министерот Муцунски ќе има одвоена средба со својот домаќин, министерот Радман, а ќе биде и гостин на посебна сесија на Годишната конференција на амбасадори, генерални конзули и воени претставници на Хрватска во странство, каде ќе се обрати на тема „Европската Унија по новиот изборен циклус, Европа-локално и глобално и состојби во ЈИЕ: Од македонско гледиште“, известува Министерството.
Во фокусот на разговорите на двајцата министри ќе биде процесот на ЕУ интеграцијата, како и предизвиците на патот кон целосно интегрирање на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.
Министрите Муцунски и Радман ќе разговараат и за можностите за натамошно интензивирање и унапредување на одличните односи меѓу Северна Македонија и Хрватска и продлабочување на билатералната соработка во сите области од заемен интерес.
Во рамки на посетата на Загреб, министерот Муцунски како член на државната делегација предводена од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ќе се вклучи во програмата на неговата прва официјална посета на Република Хрватска која се реализира на покана на хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, се наведува во соопштението на Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски на средба со НДИ – Борбата против корупцијата е приоритет
Во просториите на општина Кисела Вода, градоначалникот и претседател на ЗЕЛС, одржа состанок со претставници на НДИ, кои го раководат проектот за борба против корупција на локално ниво.
Проектот е финансиран од Швајцарската амбасада и треба да трае 8 години. Основната цел на проектот е да се изнајдат механизми со помош на кои максимално ќе се намали корупцијата на локално, општинско ниво.
За таа цел, тие на средбата сакаа да слушнат што се основните цели во поглед на децентрализација на ЗЕЛС, како се одвиваат процесите на дигитализација на локално ниво, но и каква е соработката на ЗЕЛС со централните власти, односно што очекуваме брзо да се реализира при преговорите со Владата, информираат од кабинетот на Ѓорѓиевски.
„Ѓорѓиевски ги извести за меморандумот што пред месец дена го склучија ЗЕЛС и Владата, но и за систематизираните ставови, кои ги подготвуваме секоја година и после консултација со членките и усвојување на седница на Управен одбор на ЗЕЛС, ги доставуваме како најитни барања до Владата.
Стана збор и за лошата состојба со финансиите со кои се соочува, речиси секоја општина и нашите барања до Владата, тоа да се промени во позитивна смисла.
Претставниците на НДИ пак, не известија дека поминала подготвителната фаза на нивниот проект и дека очекуваат во ноември да го потпишат договорот за почеток на реализацијата на проектот, кој треба да трае 8 години. Известија дека, по потпишување на нивниот договор со Швајцарската амбасада, сакаат да потпишат договор со ЗЕЛС, за соработка и заедничка реализација на истиот“, се истакнува во дописот.
Македонија
Од пазарот се повлекуваат бисквити поради можност од присуство на надворешно тело, соопшти АХВ
Од македонскиот пазар се повлекуват производите на „Атлантик Штарк“: Кексичи како перелив 220 гр. серија 1507482842 и Најлепше жеље кукис 145 гр. ноисет, серија 1507483391, двата со рок на траење до 11.05.2025 година, поради можност за присуство на надворешно тело, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.
„Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) вчера, од компанијата „Атлантик траде Скопје Доо“ Илинден доби известување дека поради можност за присуство на надворешно тело, од пазарот ги повлекува следниве производи:
– 280766 Кексичи како перелив 220 гр. серија 1507482842 со рок на траење 11.05.2025
– 281061 Најлепше жеље кукис 145 гр. ноисет, серија 1507483391 со рок на траење 11.05.2025.
Производител на производите кои се повлекуваат според известувањето е „Атлантик Штарк доо Белград“, Република Србија“, се нагласува во информацијата од АХВ.
Агенцијата како одговорна институција за безбеднста на храната согласно законските надлежности, како што додаваат од таму, ја следи состојбата со повлекувањето на производите.
„До потрошувачите како и компанијата увозник, упатуваме апел доколку ги купиле посочените производи со сериските броеви и рокови на употреба истите да не ги консумираат или да ги вратат на продажното место од каде ги купиле“, истакнуваат од Агенцијата за храна.
Македонија
Меџити на средба со словенечкиот амбасадор Прескер: Словенија за нас е пример во делот на заштитата на природата, инвестирањето во зелена економија и зелениот развој
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска, оствари средба со амбасадорот на Република Словенија Грегор Прескер.
На средбата се разговараше за досегашната соработка меѓу двете држави, кои имаат потпишано спогодба за развојна соработка помеѓу владите на Република Северна Македонија и Република Словенија и имаат формирано заедничка мешовита комисија за билатерална соработка.
Вицепремиерот Меџити истакна дека Словенија за нас е пример во делот на заштитата на природата, инвестирањето во зелена економија и зелениот развој.
Амбасадорот Прескер ја потврди подготвеноста на Словенија да ја поддржи нашата држава на патот кон ЕУ-интеграцијата и на имплементација на активностите со кои ќе се забрза зелениот развој на државата.
Меѓу другото, Меџити и Прескер разговараа и за тековните политички прашања.