Македонија
Министерот Филипче: Од февруари платата на лекарите специјалисти со дежурства на клиниките ќе надминува 100.000 денари

Од февруари ново зголемување на платите во здравството најави министерот за здравство, Венко Филипче, на прес-конференција.
Тој рече дека со новите зголемувања ќе бидат достигнати историски рекордно високи примања на здравствените работници.
„Би сакал да истакнам дека, платата на еден лекар специјалист на некои клиники веќе сега достигнува 100.000 денари. Од февруари платата на лекарите специјалисти со дежурства на клиниките ќе надминува 100.000 денари, а во општите болници ќе биде приближно 100.000 денари“, нагласи министерот.
Тој додаде дека се зголемени и процентите за исплата на дежурства на здравствените работници.
„Дежурствата во работен ден и дежурствата за викенд и празник се зголемени два, односно до три пати, а од февруари ќе бидат четири односно пет пати, со што дежурствата кои што порано се плаќаа 2.500 денари ќе се плаќаат помеѓу 8.000 и 10.000 денари. Исто така, за 15% или 8 денари го зголемивме и капитациониот бод на матични лекари од општа пракса, гинекологија и стоматологија. Реформата на примарната здравствена заштита е важна за лекарите и пациентите. Примарните лекари кои што имаат 1.000 пациенти примаат околу 8.000 денари повеќе, а лекарите со 3.000 пациенти примаат 16.000 денари повеќе. Тоа значајно ја олеснува нивната работа и го зголемува квалитетот на здравствената услуга кон пациентите“, рече министерот.
Во изминативе две години, додаде Филипче, дадовме и повеќе од 5000 согласности за вработување во здравствените установи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.