Македонија
Министерски состанок на процесот СЕДМ во Сараево, Мисајловски го истакна значењето на регионалните иницијативи за безбедноста на Југоисточна Европа
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска во Сараево, Босна и Херцеговина, заедно со министри за одбрана од земјите од регионот учествуваше на министерскиот состанок на процесот СЕДМ чија основна цел е унапредување на стабилноста и безбедноста во регионот преку развој на воено-политичката соработка меѓу земјите членки.
За време на првата сесија на министерскиот состанок, Мисајловски се осврна на неколку клучни безбедносни предизвици на глобално ниво – руската агресија врз Украина и ескалацијата на насилствата на Блискиот Исток, при што истакна дека иако географски оддалечен, регионот е под силно влијание на безбедносната несигурност и дека единственото одржливо решение е почитувањето на принципите на меѓународното право, дијалогот и мирното решавање на сите несогласувања.
„Одржливиот мир побарува сеопфатен пристап, кој вклучува многу повеќе од воени мерки, односно вклучува дипломатија, одговорност и отчетност, хуманитарна поддршка и долгорочен развој“, рече Мисајловски. Додаде дека „наша заедничка обврска e следното поглавје во меѓународните односи да не биде обликувано од конфликти и екстремизам, туку од дијалог, солидарност и почит кон меѓународните норми кои ќе овозможат безбеден и праведен свет за сите.“
Во однос на иднината на процесот СЕДМ, министерот даде полна поддршка на експертската работна група која работи на концептен документ за зацврстување на релевантноста на Бригадата на Југоисточна Европа – SEEBRIG.
„Бригадата е исклучително значајна во зајакнувањето на регионалната безбедност и стабилност и јас сум убеден дека таа ќе продолжи да ги развива целите на процесот СЕДМ“, рече тој. Како земја-домаќин на главниот штаб на Бригадата, рече министерот, јасно беше изразена нашата поддршка за овој процес, за кој истакна дека „инструмент за единство и кохезија“ помеѓу земјите од регионот.
На состанокот, министрите беа информирани за активностите реализирани од последниот министерски состанок во ноември 2024 година во Тирана, при што беше потенцирано дека еден од најзначајните проекти на СЕДМ е Бригадата на Југоисточна Европа – SEEBRIG, чија команда до 2026 година е сместена во Куманово.
Министерскиот состанок беше ко-организиран од министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, Зукан Хелез, заедно со заменик-министерот за одбрана на Грција, Атанасиос Давакис, и претседавачот на СЕДМ Секретаријатот, амбасадорот Елефтериос Ангелопулос.
Иницијативата СЕДМ, формирана во 1996 година, ги обединува нашата држава, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грузија, Грција, Италија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија, Турција, Украина, САД и Молдавија. Според воспоставениот редослед, Грција ќе претседава со СЕДМ до првата половина на 2027 година, по што претседателството го презема нашата држава.
Во рамките на иницијативата функционираат и други важни проекти: SEESIM – проект за симулациски вежби, проектот „Жени лидери во одбраната и безбедноста“, проектот за интерконекција на воените болници, како и СЕДМ порталот за брза и ефикасна размена на информации меѓу земјите членки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

