Македонија
Министерствата, Владата и општините со мало подобрување во транспарентноста
Активната транспарентност на министерствата, Владата и на општините за 2021 година во однос на минатата година е подобрена за 5 процентни поени, односно од 58 % на 63 %, објави Центарот за граѓански комуникаци во редовното годишно рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност.
Како што се наведува, министерствата и Владата просечно објавуваат 79 % од потребните информации, што е минимално подобрување од ланските 77 % активна транспарентност, додека општините, петта година по ред, имаат помала активна транспарентност од министерствата, објавувајќи 60 % од потребните информации, но во однос на лани бележат пораст од 5,5 процентни поени.
За првпат откако се изработува индексот (од 2016 година наваму), дури две институции добиле максимални 100 %, односно ги објавуваат сите предвидени информации. Станува збор за Министерството за одбрана, кое и лани беше на првото место, и Општина Карпош, која лани беше трета.
Рангирањето покажува дека меѓу регионите, и годинава на прво место е Источниот Регион (со 74 % активна транспарентност), додека на последно останува Скопскиот Регион (со 49 %).
Најмалку информации министерствата објавуваат за финансиите (само 60 % од можни 100%), а општините за прашањата од нивна надлежност (42 % од можни 100 %).
„На барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер што им беа испратени на сите во ист ден и со исто прашање, општините одговорија во просек за 17 дена (лани за 24 дена), а министерствата одговорија за 16 дена (лани за 26 дена). 39 % од институциите одговорија подоцна од законскиот рок, прекршувајќи го законот“, покажува извештајот.
Рангирањето е изработено во март 2021 година, во кое се вклучени 98 институции, односно Владата и сите министерства и општини.
Индексот на активна транспарентност се реализира во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

