Македонија
Министерството за здравство го демантира Милошоски: Постапката за томографите не е завршена
На прес-конференцијата на Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, на која зборуваше за наводната сомнителна набавка на томографи за болниците во Кавадарци и Гевгелија, со брз демант реагираа од Министерството за здравство, од каде што велат дека процесот е во фаза на евалуација, а постапката не е завршена.
Од Министерството појаснуваат дека била спореведена постапка за јавна набавка на компјутерски томографи за потребите на oпштите болници во Гевгелија и Кавадарци, врз основа на претходни добиени барања од наведените установи во кои е образложена потребата за ваков вид опрема.
„Во самата постапка беа поднесени понуди од страна на 8 понудувачи. Во согласност со извештајот доставен од стручните лица, како и врз основа на евалуацијата на преостанатата документација со која се утврдува способноста на понудувачите, Комисијата за јавни набавки, со цел ниеден понудувач да не биде ставен во понеповолна положба или неосновано да биде отфрлен од евалација, до сите понудувачи, во чии понуди недостигаше или беше недоволно објаснета документацијата, преку ЕЈСН достави барање за дополнување/појаснување на документацијата. Во законски утврдениот рок сите понудувачи доставија или дадоа појаснување на бараната документација, која Комисијата ја утврди како валидна и ги оцени понудите на понудувачите како прифатливи по што тие беа поканети на е-аукција“, стои во соопштението од Министерството за здравство.
Во него се додава дека по спроведената е-аукција, во согласност со спроведената евалуација на Комисијата за јавни набавки, како и стручните лица ангажирани во постапката, Комисијата изготвила и до одговорно лице во Министерството доставила извештај за спроведена постапка, во кој дала образложение и предлог за избор на најповолна понуда, врз основа на што одговорното лице донело одлука за избор на најповолната понуда.
Но, пред доставувањето на таа одлуката до сите понудувачи, Бирото за јавни набавки спровело управна контрола, во која биле утврдени недостатоци при спроведување на постапката, при што било наложено да се спроведе повторна евалуација на понудите.
„Договорниот орган, не сомневајќи се во стручноста и објективноста на Бирото за јавни набавки, одлучи да ги прифати забелешките и да постапи според нив. Напоменуваме дека при повторна евалуација Комисијата за јавни набавки во целост постапи по препораките дадени во записникот од управната контрола и врз основа на нив беше извршена повторната евалуација“, појаснуваат од Министерството за здравство.
Од таму додаваат дека потоа бил изготвен извештај од спроведената постапка и врз основа на него одговорното лице донело одлука за избор, врз основа на што од страна на три понудувачи била поднесена жалба.
„Од страна на Државната комисија за жалби по јавните набавки беа донесени решенија со кои постапката ја враќаат на повторна евалуација. Повторната евалуација на понудите сè уште е во тек и од страна на Министерството за здравство нема донесено никаква одлука за избор или поништување, што значи постапката сè уште не е завршена, однсоно е во тек“, се нагласува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ледени зрна на одделни патни правци: ЦУК апелира на зголемена внимателност поради заледување на патиштата
Центарот за управување со кризи известува дека денес, во попладневните часови, на одделни патни правци е евидентирана појава на врнежи од ледени зрна, кои предизвикуваат брзо и ненадејно заледување на коловозите, особено во повисоките и планинските предели.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да одржуваат поголемо безбедно растојание и задолжително да користат соодветна зимска опрема.
Македонија
Градоначалникот на Битола им се придружи на младите бадникари во изработката на бадниковите ѕвезди
Пред дестина дена започнаа подготовките за годинашната Бадникова поворкa која ќе се одржи годинава и во Битола, како и во многу други градови и населени места во Македонија.
На младите бадникари-деца од различни возрасти во подготовката, односно изработката на бадниковите ѕвезди, вечерва им се приклучи и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Организаторите на поворката велат дека вредните детски раце неуморно и со љубов и верба во традицијата ги изработуваат овие ѕвезди, подготвувајќи се за Бадник.
На 6 јануари на големиот верски празник Бадник, собирно место ќе биде плоштадот „Магнолија“ од каде ќе се упатат кон Соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, а потоа и низ Широк Сокак до Офицерскиот дом каде ќе биде завршниот дел на поворката, велат од Општина Битола.
Организаторите упатуваат повик до сите оние кои што сакаат да бидат дел од Бадниковата поворка на големиот празник да им се приклучат.
Македонија
МВР со посебен план за безбедност и сообраќај во Маврово за зимската туристичка сезона, најави Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на Полициското одделение Маврово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица за граничен надзор Жировница, при што се запозна со тековните активности, условите за работа и конкретните предизвици со кои се соочуваат полициските службеници на терен.
„Во ПО Маврово ќе се изготви посебен план за претстојната зимска туристичка сезона, со цел овозможување подобар проток на сообраќајот, навремено управување со зголемениот број посетители и распоредување на соодветен број полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир.“, потенцираше Тошковски.
При посетата на Полициското одделение Ростуше беше разгледана можноста за обука на полициски службеници за вршење увиди на сообраќајни незгоди, што ќе овозможи побрзо и поефикасно завршување на постапките на лице место. Оваа мерка ќе придонесе за намалување на времето на чекање, избегнување подолготрајни блокади на сообраќајниците и зголемување на функционалноста на системот, имајќи предвид дека досега овие увиди ги вршеа екипи од Гостивар.
Во Полициската станица за граничен надзор Жировница беше отворено и прашањето за можност дел од просторот во рамки на станицата да биде отстапен на општината, со цел обезбедување паркинг простор за жителите, како практично и рационално решение во интерес на локалната заедница.

