Македонија
Министерството за здравство со итни мерки поради зголемениот ризик за здравјето на луѓето од отпадот во Скопје
Министерството за здравство усвои препораки и мерки во врска со актуелната состојба со отпадот во Скопје.
Препораки до населението:
Да се одржува лична хигиена (користење на ракавици, маска, миење раце, користење дезинфициенс за раце после фрлање на отпад);
Совесно одлагање на отпадот (во контејнерите, кабастиот отпад на соодветен начин а не во контејнерите и сл.)
Внимателно ракување, селектирање, собирање и фрлање на отпадот:
Затварање на капаците на кантите при фрлање на отпадот;
Да се избегнува физички незаштитен контакт со отпадот;
Да се избегнува стагнирана (застоена) вода и исцедок од отпадот;
Внимание при излегување со домашни миленици да не дојдат во допир со отпадот и исцедок од истиот;
Да не се фрла отпад надвор од одбележаните места за собирање на истиот;
Да не се фрла отпад на нелегални депонии;
Заштита и намалување на штетната изложеност на сите работници кои доаѓаат во контакт со отпадот (опрема за лична заштита).
МЕРКИ
Непосредни, брзи и акутни
Итно и неодложно отстранување на одложениот и расфрлан отпад во и надвор од контејнерите со сите расположиви технички, човечки и финансиски ресурси;
Итна мобилизација за собирање и отстранување на најголемите купишта во населени места со најголема изложеност; приоритет: болници, домови за стари лица, основни и средни училишта, паркови и игралишта;
Итно, вонредно испирање, дератизација, дезинфекција и дезинсекција на местата со расфрлан отпад и контејнерите;
Каде не е можно ова, да се постават физички времени бариери (мрежи) за да се спречи пристапот на глодари и улични животни;
Дислокација на контејнерите – подалеку од почести патики на движење на луѓето и особено подалеку од детски игралишта, училишта, градински или здравствени институции;
Редовен транспорт и празнење на контејнерите (минимум еднаш дневно во погусто населените делови од градот);
Задолжително затворање на капаците на контејнерите;
Итна набавка на потребната опрема особено соодветен број на контејнери (механизација во континуитет);
Заштита и намалување на штетната изложеност на сите работници кои доаѓаат во контакт со отпадот (опрема за лична заштита) вклучително и задолжителна вакцинација; тренинг за правилно ракување и известување за повреди;
Интензивен надзор за заразни заболувања: засилено пријавување со епидемиолошко истражување (фокус на дијареи, случаи на лептоспироза, хоспитализирани пациенти со зоонози и слично);
Едукација на населението за здравствените ризици поврзани со овој проблем и препознавање на симптомите поврзани со истото;
Јавна комуникација: предупредувања и практични совети до граѓаните (лична и колективна хигиена, како да ја чуваат храната, да избегнуваат стагнирана вода, да избегнуваат физички контакт со отпадот или исцедокот, како да пријавуваат нелегални депонии).
Долгорочни мерки
Интегриран систем за управување со комунален отпад (редовно отстранување, навремена набавка на потребна опрема, контејнери и механизација);
Имплементација на систем за управување со цврст отпад преку смалување, повторна употреба, рециклирање и регенерација;
Постојана едукација на населението за примарна селекција на отпадот, во најмала рака на органски и неоргански отпад и совесно одлагање на отпадот (во контејнерите, кабастиот отпад на соодветен начин а не во контејнерите и сл.);
Образовни програми за граѓаните и вклучување на локалните заедници во решавање на проблемот (на пример, механизми наградување за селекција/откуп).
Контролни и регулаторни политики – казнување за несовесно одлагање на отпадот, чести локални инспекции, програми за често и редовно чистење на јавните простори и улици (прво механичко отстранување на отпадот со метење, потоа миење).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре наутро постудено, во текот на денот сончево време
Утре наутро ќе биде постудено со услови за појава на магла по одделни котлини. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од југозападен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 15 до 19 степени.
Во Скопје, наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во недела ќе се задржи сончево и тивко време со мала до умерена облачност. Во утринските часови по одделни котлини ќе има појава на магла. Во понеделник облачноста ќе се зголеми, а од вторник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат пообилни. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h)
Македонија
Ивана Ѓорѓиевска претседателка на Советот на Општина Куманово
На првата конститутивна седница на Советот на Општина Куманово, советниците за претседателка ја избраа Ивана Ѓорѓиевска.
Советот на Општина Куманово, за мандатниот период 2025 – 2029 година, е составен од 31 член, од следните политички партии (субјекти): ЗНАМ – 7 члена, ВМРО ДПМНЕ – 6 члена, ДУИ – 5 члена СДСМ – 4 члена, ДПСМ – 3 члена, ВЛЕН – 3 члена, група избирачи ИП (Иван Петковски) – 2 члена и Левица – 1 член.
На конститутивната седница присуствуваа градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, секретарот Емилија Сларидис Јаневска, претставници од општинската администрација, претставници од општинските јавни претпријатија и установи, претставници од Собранието и Владата и од ОБСЕ.
Македонија
Началникот на Генералштабот на АРМ во посета на контингентите распоредени во Романија и Бугарија
Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, кој претстојува во тридневна работна посета на Романија и Република Бугарија, ги посети припадниците на македонскиот контингент распоредени во рамките на НАТО активноста „Forward Land Forces – FLF“.
Во рамки на посетата во Романија, на покана на началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Романија, генерал Ѓеорѓита Влад, вчера, 13 ноември, присуствуваше на Денот за високи гости на мултинационалната вежба „Dacian Fall 2025“, која се одржа на полигонот за обука во Чинку.
Мултинационалната вежба „Dacian Fall 2025“, која се реализира во период од 20 октомври до 13 ноември, обедини околу 5000 војници од 10 земји членки на НАТО, при што беше потврдена подготвеноста, соработката и единството на Алијансата.
Генералот Лафчиски, за време на престојот во Романија, оствари средби и со командантот на Мултинационалниот корпус југоисток, генерал-потполковник Кристијан Дан и командантот на Мултинационалната дивизија југоисток, генерал-мајор Дорин Тома, на кои беше истакнат професионализмот и придонесот на македонските војници кои се распоредени во рамките на НАТО активноста „Forward Land Forces – FLF“.
Во рамки на посетата на Република Бугарија, армиската делегација предводена од генерал-мајор Лафчиски оствари средби со командантот на Здружените сили на Република Бугарија, генерал-мајор Станимир Христов, командантот на бригада „Пинероло“, бригаден генерал Паоло Ведове и со командантот на Мултинационалната борбена група во Република Бугарија, полковник Матиа Широко. На средбите беше потврдена целосната интероперабилност на македонскиот контингент со останатите сили од НАТО армиите во овој состав, по што ги посети припадниците на Армијата, како дел од Мултинационалната борбена група на НАТО во Ново Село, при што им оддаде признание за нивното залагање и посветеност во извршувањето на задачите .
Придонесот на Армијата во НАТО активностите во Романија и Република Бугарија започна на крајот на 2022 година со испраќање на два свои состави во овие земји, каде заедно со припадниците на Вооружените сојузнички сили се составен дел од колективниот систем за одвраќање и одбрана.

