Македонија
Министерството за здравство: 446 нови вработувања во текот на пандемијата
Од Министерството за здравство информираат дека минатата година биле реализирани 446 нови вработувања во јавно-здравствени установи во државата. Од почетокот 2020 година 164 доктори, 247 медицински сестри и 35 специјалисти добиле статус на вработени на неопределено време.
„Вложувањата во човечки капитал во здравството не застанаа, дури ни во време на пандемија. Пандемијата покажа колку се значајни здравствените работници, тие се столбот на нашето здравство. Со нови вработувања и зголемувањата на платите создаваме услови секој млад здравствен работник својата иднина и кариера да ги гледа во својата земја. Се залагаме за подобрување на условите во кои тие работат и ги слушаме нивните потреби. Отворени сме за соработка со младите како никогаш досега“, истакнува министерот Венко Филипче.
Според него, во изминатите 3 години дадени се повеќе од 5.000 согласности за вработување во јавно-здравствените установи и првпат се платени приватните специјализанти во висина од просечна плата на општ лекар, со што тие се изедначуваат со статусот на своите колеги.
„Во септември 2018 година на 19.123 вработени во јавно-здравствените установи им се зголеми основицата за плата 5 %. Во јануари 2019 година следуваше дополнително зголемување на платите на здравствените работници – доктори, медицински сестри, болничари, техничари. 5 % за медицинските сестри, 8 % на медицинските сестри на клиниките и 10 % за докторите специјалисти“, информираат од Министерството за здравство.
Според нивните анализи, во септември 2019 година 5 % е зголемена платата на администрацијата во здравството. Од февруари 2020 година платите на лекарите специјалисти се зголемуваат 25 %, а на медицинските сестри 10 %.
„Кумулативно, заедно со сите зголемувања досега, вклучително и зголемувањата во февруари 2020 година, основната плата на лекарот специјалист е зголемена 40 %, на медицинските сестри помеѓу 20 и 23 %, на општите лекари 25 %, а на здравствените соработници 15 %“, велат од Министерството за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

