Македонија
Министерство за одбрана: Објавени се конкурси за питомци и студенти за прв и втор циклус на студии на Воената Академија

Воената Академија „Генерал Михаило Апостолски“ објави Конкурс за запишување питомци и студенти на прв циклус студии и Конкурс за запишување на студенти на втор циклус на студии во студиската 2025 /2026 година.
Според соопштението, конкурсот за запишување питомци и студенти на прв циклус студии, се објавува за потребите на Министерството и Армијата, како и за потребите за управување со кризи и заштита и спасување.
„Ги повикуваме сите заинтересирани млади лица кои својата иднина ја гледаат како дел од институцијата со најголема доверба кај граѓаните, идни офицери во македонската Армија, кои имаат завршено (4 годишно) средно образование и не се постари од 21 година, да ги достават своите пријави заедно со потребната документацијата наведена во Конкурсот, во деловодството на Воената академија или електронски на следниов меил: [email protected] најдоцна до 20.06.2025 година.
Додека сите заинтересирани кандидати за Конкурсот за втор циклус на студии, можат да се пријават најдоцна до 12.09.2025 година на следните магистерски студиски програми: Безбедност и одбрана; Управување со кризи и заштита и спасување; Сајбер безбедност и дигитална форензика.
Подетални информации може да пронајдете во самите конкурси кои се објавени на веб страната на Воената Академија“, е наведено во официјалната информација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски со честитка за Курбан Бајрам: Борбата за подобра иднина да бидат нашата заедничка водилка

Премиерот, Христијан Мицкоски, упати честитка до пoглаварот на Исламска Верска Заедница, Реис Ул Улема Шакир ефенди Фетаху, по повод денешниот празник Курбан Бајрам.
„Дозволете ми од мое лично име и од името на Владата да Ви го честитам муслиманскиот празник Курбан Бајрам, Вам и на сите граѓани припадници на исламската заедница и да Ви посакам празникот да го поминете во добро здравје, мир, благосостојба и спокој во Вашите срца и домови.
Празникот Курбан Бајрам не потсетува на вистинските вредности и принципи во животот, а тоа е да правиме добри дела, да помагаме и да сме хумани бидејќи хуманоста и солидарноста се најголемите човечки особини.
Исламската заедница и сите нејзини верници се дел од оваа држава, затоа потребно е да си подадеме рака и да ги почитуваме различностите, бидејќи само така ќе изградиме држава на среќни и задоволни граѓани.
Нашата заложба е државата да ја градиме во меѓусебно разбирање, почитување, доверба и толеранција. Тоа ќе го постигнеме само доколку сме обединети заедно.
Како Влада за краток период успеавме да ја трансформираме државата, преку дијалог и соработка да реализираме проекти од кои најголеми придобивки ќе имаат сите граѓани без разлика на нивната етничка или верска припадност.
Но, потребни се крупни чекори за остварување на заедничките цели и затоа нека борбата за подобра иднина, надеж и поквалитетен живот бидат нашата заедничка водилка за успешна и победничка Македонија, држава дом за секој граѓанин и Македонија држава на промените“, пишува во честитката.
Македонија
Православните верници денеска ја одбележуваат Задушница

Во спомен на починатите, православните верници денеска ја одбележуваат Задушница во пресрет на големиот празник кој доаѓа во недела – Духовден.
Сеќавајќи се на покојните претци, верниците на овој ден се молат за простување на гревовите. Во црквата се служи парастос, а по службата се посетуваат гробовите на најблиските, се пали свеќа, се чита молитва и се принесува жртва за спасение на починатите. Наспроти обичаите на гробовите да се носи и раздава огромно количество храна, од Македонската православна црква апелираат дека смислата на овој ден е во молитвата, а жртвата треба да се ограничи на варена пченица, вино и леб.
Спомнувањето на сите починати благочестиви христијани во саботата пред Педесетница е востановено затоа што со собитието на слегувањето на Светиот Дух се завршило домостроителството на спасението на човекот, а во тоа спасение учествуваат и упокоените.
Затоа, Црквата која на Педесетница упатува молитви за оживотворување со Светиот Дух на сите живи, на самиот ден на празникот, ја проси и за упокоените благодатта на сесветиот и сеосветуваштиот Дух-Утешител, којашто тие уште во својот живот се уподобиле да ја имаат за извор на блаженства, бидејќи преку Светиот Дух „живее секоја душа“.
Оние кои не се во можност да одат на гробиштата поради оддалеченоста, треба да одат во најблискиот храм и да извршат помен за своите покојни.
Духовден, пак, го означува слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, или како што го нарекуваат светите отци „Роденденот на Црквата“.
На 10-тиот ден од Христовото вознесение, а на 50-тиот од Неговото воскресение, на еврејскиот празник Педесетница, Светиот Дух слезе врз апостолите во вид на пламени јазици, а тие се исполнија со сила и добија дар да зборуваат на разни јазици.
За црквата овој настан има посебно значење затоа што Светиот Дух од тоа време, па се до денес не ја напушта и непрестано слегува врз црквата на литургијата, во молитвите, во сите дела. Тој е оној Дух по кој христијанскиот живот се нарекува духовен.
Македонија
Сончево и многу топло време, попладне локално невреме

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Попладне ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, наместа во форма на невреме со засилен ветер и услови за појава на град, информира УХРМ.
Максималната температура ќе биде во интервал од 29 до 36 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Максималната температура ќе достигне до 36 степени.