Македонија
Министрите на СДСМ и ДУИ владиниот авион го користеле и за летови до Ниш, а Заев со хеликоптер одеше на настани во Македонија, потсети ВМРО-ДПМНЕ
По обвинувањата од СДСМ дека премиерот Христијан Мицкоски и министрите се луксузирале и со бизнис класа патувале во Вашингтон на сметка на граѓаните, партијата ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение до медиумите вели дека празни зборови и неспособноста нема да ја покријат корупцијата на СДСМ. Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека Зоран Заев, како премиер, со хеликоптер одеше на настани во Македонија, а трошоците за кои зборуваат СДСМ се далеку помали од трошоците направени додека тие биле на власт.
„Од 30 дена, владиниот авион министрите на ДУИ и СДС го користеле 25 дена. Меѓудругото и за летови до Ниш. Ваквата искористеност на владиниот авион сега допринесе за сервис кој чини 1 милион евра кои ќе биде платен од буџетот на граѓаните. Воедно да не се заборави дека Заев на настани во Македонија одеше со државен хеликоптер. СДС повторно покажува дека нема никаква визија или идеја за иднината на Македонија. Нивните празни зборови и бесмислени обвинувања не можат да ја прикријат нивната неспособност и корупција. Заради ваквиот однос на СДС, оваа партија доживеа историски пораз и забрзано тоне кон целосна нерелевантност. Во периодот кога тие беа на власт, Македонија беше сведок на невидена економска стагнација, масовно иселување на младите и континуирани скандали. Што се однесува до трошоците за кои СДС зборува, тие се далеку помали од оние кои беа направени во нивното време на власт. Нема да дозволиме криминалците преку лажни обвинувања да го сведат ВМРО-ДПМНЕ на нивно ниво’, велат од владејачката партија.
На СДСМ им порачуваат наместо да критикуваат да понудат конкретни решенија за проблемите кои самите ги создадоа.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека најдобриот одговор на демагогијата на СДСМ е посветена работа и резултати за кои како партија ќе продолжат да се борат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

