Македонија
Минчев: Европеизацијата не почнува во Брисел, почнува овде, во секоја општина, на секој шалтер, во секој службеник кој работи со чест и со интегритет
Министерството за јавна администрација денес го започна вториот циклус на генерички обуки за административните службеници во Полошкиот регион, со што продолжува реализацијата на реформската агенда за професионална, ефикасна и современа јавна администрација.
На настанот присуствуваа претставници од институциите, административни службеници, како и експерти и обучувачи вклучени во обуката.
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во своето обраќање истакна дека овие обуки се дел од континуираниот процес на градење нова култура на работа и нов дух во јавниот сектор:
„Реформите во јавната администрација не се само ветувања или празни зборови во уште една владина програма, туку вистински дела што се гледаат, чувствуваат и го менуваат секојдневието на граѓаните. Нема модерна држава без модерна администрација. Нема доверба без професионални, одговорни и мотивирани службеници.“
Министерот нагласи дека со овие обуки државата поставува нов стандард во начинот на кој се грижи за своите службеници, со повеќе од 600 обучени лица од претходниот циклус, а новиот циклус продолжува со уште поголем интензитет и покриеност низ сите региони.
„Овие обуки се практични, современи, инспирирани од најдобрите европски примери и имаат за цел не само да пренесат знаење, туку и да ја менуваат културата на работење – да создадат службеници кои не работат затоа што мораат, туку затоа што сакаат да направат разлика,“ рече Минчев.
Тој потсети дека во изминатата година министерството направи сериозни чекори во реформите на јавната администрација – со нови законски решенија што ја зајакнуваат отчетноста и транспарентноста, модернизација на системот за човечки ресурси ИСУЧР, развивање на ЛМС системот за онлајн обуки и воведување на нови практики за професионализација и ефикасност.
Дополнително, тој ја нагласи важноста на јавната администрација како темел на државноста и двигател на европската интеграција:
„Европеизацијата не почнува во Брисел – таа почнува овде, во секоја општина, на секој шалтер, во секој службеник кој ја работи својата работа со чест, со почит и со интегритет.“
Како што истакна, јавната администрација не е трошок туку таа е инвестиција.
„Инвестиција во стабилност, доверба и државност. Денес градиме систем што ќе биде транспарентен, човечки и европски по дух. Сега е моментот да покажеме дека државата може да функционира поинаку – со ред, со принципи и со резултати.“
Со вториот циклус на генерички обуки, Министерството за јавна администрација продолжува да ја гради визијата за професионална, етичка и европска администрација – администрација која ќе биде гордост на државата и вистински сервис на граѓаните, нагласуваат од оваа институција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Карпош и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 10.00 часот, корисниците од улицата Марко Крале лоцирани околу објектот бр. 51, општина Бутел;
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, корисниците од улицата Козле лоцирани позади фабриката Реплек, општина Карпош;
– во периодот од 08.35 до 11.00 часот, корисниците од улицата Радишанска, општина Бутел;
– во периодот од 12.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од улицата 1439 во населба Пинтија, општина Кисела Вода.
Македонија
Без вода денеска дел од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување водоводен приклучок од ф – 100 мм – во близина на Макпетрол, без вода ќе останат корисниците од улицата Христо Татарчев лоцирани на потегот од улицата Народни Херои до улицата Франк Харкорд-Манинг, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата
Македонија
Следува период на стабилно време, дневната температура ќе биде во пораст
Времето денеска ќе биде сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 2, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно време, освен во вторник кога кон крајот на денот претежно во североисточните делови ќе има услови за повремен локален дожд. Утрата ќе бидат постудени, а дневната температура ќе биде во пораст.

