Македонија
Мисајловски – Бардуани: Остануваме посветени на регионалната безбедност и стабилност

Денеска во Министерството за одбрана, министерот Владо Мисајловски се сретна со командантот на НАТО мисијата на Косово, КФОР, генерал-мајор Енрико Бардуани со кого разговараше за значајната улога на оваа мисија во зацврстувањето на безбедноста и стабилноста на Косово, а со тоа и на целиот регион.
„Оваа НАТО мисија е исклучително значајна за уште постабилен и побезбеден регион. Остануваме посветени на нашиот придонес кон КФОР и логистичката поддршка која ја даваме на оваа мисија и во иднина“, рече министерот на средбата.
Мисајловски порача дека во време на сериозни геополитички промени и нестабилност, сигурен и безбеден регион е од приоритетно значење за нас, додавајќи дека земјата ќе продолжи да биде столб на безбедноста на Балканот.
Имајќи предвид дека мандатот на генералот Бардуани како командант на КФОР завршува наскоро, министерот Мисајловски му се заблагодари за одличната соработка и координација поврзана со македонскиот контингент во оваа мисија.
Генералот Бардуани, пак, посочи дека македонските војници секојдневно покажуваат врвен професионализам и целосна посветеност на своите задачи и обврски. Тој изрази благодарност за континуираниот придонес на нашата држава во мисијата КФОР, нагласувајќи ја важноста на соработката во одржувањето на мирот и безбедноста во регионот.
Во рамки на посетата, генералот Бардуани се сретна и со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Македонската Армија во оваа мисија придонесува од 2020 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) „Не умираме од несреќи, умираме од корупција“, „Шест месеци без правда за Кочани“: на плоштадот во Скопје одбележани шест месеци од трагедијата во „Пулс“

Вечерва во 20:16 часот, на плоштадот „Македонија“ во Скопје, со ѕвездено небо и молк, како симбол на солидарност и граѓанска одговорност, се одбележаа шест месеци од трагедијата во дискотеката во Кочани, каде загинаа 62 жртви, а над 200 беа повредени.
„Не умираме од несреќи, умираме од корупција“, „Шест месеци без правда за Кочани“, се дел од пораките што беа упатени од скопскоот плоштад.
„Ова не беше несреќа. Не беше трагедија. Беше масакр. Свирепо убиство од страна на дисфункционалните институции и партискиот картел. Не смееме да отрпнеме. Болката мора да ја почувствуваме сите заедно . таа болка треба да не разбесни и да не поттикне на акција. Вистинската борба за живот или смрт е токму борбата за Кочани“, велат организаторите.
Обвинението, поднесено во јуни, сè уште не е оценето од надлежниот суд, поради обемноста на предметот и бројните приговори од страна на обвинетите. Вкупно 34 физички и три правни лица се соочуваат со обвиненија.
Семејствата на загинатите преку „Марш на ангелите“ во Кочани секоја сабота веќе шест месеци бараат одговорност и правда за нивните деца, а протести се организира и во други градови.
фото: „Кој е следен“ – Инстаграм
Македонија
ИЈЗ смирува: Нема тешки метали во почвата и водата не е радиоактивна

Институтот за јавно здравје изврши вонредно испитување во засегнатото подрачје, и во неделата беа земени примероци, мостри од страна на професионален експертски тим од ИЈЗ за испитување на радиоактивност во вода, почва, и воздух како и примероци за испитување на тешки метали во почва, земја и испитување на тешки метали во вода.
Во текот на вчерашниот ден, ИЈЗ извести дека според резултатите и направените анализи, во земените примероци не е утврдено присуство на радиоактивност во воздух и почва, исто така не е утврдено присуство на тешки метали во вода.
Во текот на денешниот ден ИЈЗ ги заврши анализите и испитувањата на примероците за испитување на тешки метали во почва како и испитувањата за радиокативност во вода.
Од добиените денешени резултати, ИЈЗ информира за следното. Земени се мостри од повеќе локации од засегенатото подрачје за испитување на тешки метали во почва, и тоа: Pb, Cd, As, Ni, Hg Cr, Cu, Zn, Sn, Ba, Be, Co, V, Tl, Mo, Sb.
По анализата на резултатите од сите земени примероци, може да се заклучи дека нема отстаптување од референтните вредности за сите испитани 16 тешки метали (Pb, Cd, As, Ni, Hg Cr, Cu, Zn, Sn, Ba, Be, Co, V, Tl, Mo, Sb). Се забалежува зголемување на 2 параметри Cu (бакар) и Zn (цинк) само од едно испитано место, а тоа е површинскиот слој каде што гореле литиумски батерии и истото е во рамките на очекувањата, соопштуваат од ИЈЗ.
Во сите останатите места нема отстапување од референтните вредности за испитаните 16 тешки метали.
Исто така, во текот на денешниот ден, ИЈЗ информира дека е испитана и радиоактивноста во примероците од вода и според добиените резултати, нема радиоактивност на земени примероци од вода.
Институтот за јавно здравје во најкус можен рок успеа да ги направи потребните анализи. Истите ќе бидат повторени согласно протоколите во времето предвидено за тоа.
ИЈЗ останува во понатамошна координација со Министерството за здравство и со сите надлежни државни институции, и за секоја наредна активност јавноста ќе биде соодветно информирана.
Македонија
Муртезани на ГАК во Брисел: „Механизмот за владеење на правото претставува огледало на нашата демократска совест“

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска во Брисел учествуваше на состанокот на Советот за општи работи на Европската Унија, кој се одржа на покана на Данското претседателство со Советот на ЕУ и беше посветен на владеењето на правото. Ова беше второ учество на министри од земјите-кандидатки да бидат на иста маса на формален состанок на ГАК, заедно со земјите членки, во рамки на европскиот Механизам за владеење на правото.
Состанокот беше фокусиран на Извештајот на Европската комисија за 2025 година и на состојбите во четири области: судскиот систем, антикорупцискиот рамковен механизам, медиумската слобода и плурализам и институционалните прашања поврзани со контролните механизми.
Во своето обраќање, министерот Муртезани нагласи дека вклучувањето на Северна Македонија во Механизмот за владеење на правото е силна потврда за европската перспектива на земјата и признание за нејзиниот напредок. Тој посочи дека учеството во формалниот Совет за општи работи, втора година по ред, претставува јасна порака дека земјите кандидати се дел од заедничките напори за унапредување на владеењето на правото во цела Европа.
Муртезани исто така посочи дека Извештајот за владеење на правото 2025 за Северна Македонија потврдува реален напредок, но и дека истовремено остануваат предизвици кои не смеат да се игнорираат. Во продолжение, тој нагласи дека владеењето на правото не е само услов за членство, туку основа врз која се гради довербата меѓу институциите и граѓаните. Според него, реформите во оваа област се од заеднички интерес, бидејќи посилните институции и поголемата доверба во правдата придонесуваат кон стабилност и развој не само во Северна Македонија, туку и во целиот регион.
Муртезани потсети на неодамнешното обраќање на претседателката на Европската комисија во Стразбур, дека Европската Унија нема да биде целосна без Западен Балкан и дека проширувањето е стратешки интерес на цела Европа. Тој истакна дека Северна Македонија учествува во Советот не како набљудувач, туку како партнер кој активно придонесува во заедничките напори за унапредување на демократијата и владеењето на правото.
Муртезани заврши со порака дека зајакнувајќи ја правната држава дома, Северна Македонија ја зајакнува и Европската Унија и дека овој процес не е само национален приоритет, туку заедничка инвестиција во стабилноста, сигурноста и иднината на целата Европа.