Македонија
Мисајловски најави вработувања: В година ќе има оглас за 300 нови професионални војници и 60 луѓе со цивилни факултети
В година Армијата ќе вработи нови професионални војници, граѓани со цивилни факултети, но и администрација потребна на Министерството за одбрана, најави денес министерот за одбрана, Владо Мисајловски. Стабилното буџетирање, инвестирањето во модернизацијата и опремување во човечкиот капацитет се трите столба од приоритетно значење на Министерството за одбрана и Армијата за в година.
„Сакам да најавам дека в година почнуваме постапка за прием на нови 300 професионални војници и тогаш ќе ги објавиме сите овие податоци, 300 нови професионални војници и секој оној што сака да биде дел од Армијата, се разбира, ќе го види огласот и ќе се пријави. Со овој начин ги зголемуваме припадниците во Армијата, но и ја подобруваме нашата борбена готовност. Исто така, продолжуваме со прием на 60 граѓани со цивилни факултети, ќе завршиме и со постапката за прием на питомци и она што се дополнителни вработувања за оние категории најпотребни во Министерството за одбрана“, најави министерот Мисајловски.
Освен нови вработувања, министерот Мисајловски извести дека в година тековно ќе се исплаќаат сите обврски кон вработените. Последните шест месеци Министерството исплатило 99 проценти од наталожените обврски кон вработените.
„Како Министерство издвоивме речиси 14 милиони евра директно да им се исплатат на сите вработени за изминатите години. Тоа е навистина огромна заслуга на сите од раководството. Зборувам за 14 милини евра, кои од 2014 година по разни основи не биле исплаќани и навистина се гордеам што можам да кажам дека 99 проценти се исплатени оваа година. Ова значи многу за сите вработени бидејќи во минатото и сега имаме огромни тужби по разни основи. Само оваа година над 6 милиони евра поради неисплатени обврски кон вработените. Сакаме в година да почнеме со сите средства што ги имаме во буџетот постојано и редовно да се исплаќа. Тоа е многу важно бидејќи на тој начин ќе заштедиме многу средства и ќе го заштедиме буџетот, а ќе нема и трошоци за извршители и судски постапки“, рече министерот Мисајловски.
Министерството за одбрана в година ќе располага со буџет од 329 милиони евра, од кои 32 отсто, односно 106 милиони се наменете за модернизација и опремување на Армијата. Гледано во однос на 2024 година тоа се 18 милиони евра повеќе. Модернизацијата во Армијата и инвестирањето значителни средства министерот Мисајловски смета дека е гарант дека со секој изминат ден македонската Армија се менува и ја зголемува борбената готовност.
В година ќе пристигне значителен дел од новата опрема за Армијата, а министерот најави и реконструкција на голем дел од капацитетите со кои располагаат оти се во лоша состојба. Меѓу капацитетите што ќе се реновираат најави дека е и Домот на АРМ, чија обнова ќе оди етапно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

