Македонија
Митева: Најавеното покачување во образованието се реализира, октомвриската плата зголемена 5 отсто, продолжува растот на платите до минимум 46 проценти
Според владината портпаролка Марија Митева, со новата Влада, наставниците почнуваат да се чувствуваат сигурни и помотивирани продолжуваат да ја извршуваат својата работа. Тоа, како што кажа, е особено важно за подигнување на квалитетот на наставата и за континуитет во создавање нови и добро подготвени генерации.
Митева најави дека првото најавено покачување почнува да се реализира.
„Октомвриската плата, која се исплаќа овој месец, зголемена е за 5%. Расте нивната економска стабилност, како резултат на постигната спогодба помеѓу Владата и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура, од минатиот месец, која предвидува кумулативно покачување на платите на наставниците помеѓу 46 и 60% во следните 4 години, а истото ќе зависи од степенот на инфлацијата.
Од март следната година ќе има ново покачување за 7%, за што, во буџетот на Министерството за образование и наука за 2025 година се предвидени зголемени блок дотации кон општините за 1 милијарда и 500-тини милиони денари, споредбено со блок дотации од тековна година. Во апсолутен износ блок дотациите за 2025 година ќе изнесуваат речиси 24 милијарди денари“, икстакна Митева.
Потсети дека годинава, со самиот ребаланс на Буџетот се обезбедени дополнителни 900 милиони денари за да може нормално да продолжи исплатата на платите во образованието. според неа, претходното раководство целосно го имало потрошено буџетот за оваа намена.
„Но, тоа е зад нас. Состојбите се менуваат и постепено се враќа дигнитетот на наставникот и неговата вредност во општеството. Следува уште поголема грижа не само за економскиот стандард, туку и за подобри услови за работа и континуиран кариерен и професионален развој“, нагласи Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

