Македонија
Митева: Шилегов спровел јавна набавка за промоција на кампањи во вредност од речиси 8 милиони денари
Шилегов спровел јавна набавка за промоција на кампањи за посебни проекти на Град Скопје во вредност од речиси 8 милиони денари, обвини денеска Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Имено, на 11.2.2021 година склучен е договор за подготовка и имплементација на промоција на кампањи за посебни проекти за активностите на Град Скопје за 2020/2021 година. Подетално, станува збор за изработка на медиа план за закуп на рекламен простор, односно билборди и светлечки реклами, план за закуп на рекламен простор на веб-портали и социјални мрежи, како и дистрибуција на рекламни материјали. Од друга страна, станува збор за нетранспарентен процес во кој не се наведени оние посебни проекти кои Шилегов сака да ги промовира“, рече Митева.
Партијата праша дали станува збор за предизборна кампања на Шилегов која е финансирана од буџетот на Град Скопје во вредност од 130.000 евра. Додаде дека никаде нема образложение за кои проекти ќе се користи оваа кампања.
„По фрапантните цени на јавните набавки за клупи, чешми, садници, противпожарно возило, сега Шилегов реализира јавна набавка за кампања во изборна година, повторувам во вредност од 130.000 евра! Внимавајте, целта дефинирана во техничката спецификација е да ја зголеми општата свест кај граѓаните за посебните проекти и активности на градот и да ги информира и едуцира соодветните целни групи преку зголемување на видливоста на посебните проекти и активности на градот. Целта е погрешна, ниедна кампања не може да го претстави Шилегов во поразлично светло. Делата говорат за неспособноста и неработењето на Шилегов. Скопје изгуби 4 години. Да запреме тука, да запрат скандалозните јавни набавки во општините проследени со енормно високи цени, а да продолжиме со работа и реални заложби за нашиот град“, додаде Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

