Македонија
Мицевски: Денес паднаа маските, ДУИ и СДС го штитат Коцевски за да им го штити криминалот
Што значи пораката која што СДСМ денес ја упати кон јавниот обвинител Коцевски: „ Од тебе зависи дали ќе бидеш со штитот или на него“. Денес, пратеникот на СДСМ, Јован Митрески, јавно му порача на јавниот обвинител Коцевски дека „од него зависи дали ќе биде со штитот или на него“! Ова не е обична и наивна политичка изјава, ова е опасна и директна порака до Коцевски да остане таму каде што е и да продолжи да ја брани позицијата на СДСМ и ДУИ, наместо да преземе одговорност и да постапува професионално и независно, објави на социјалните мрежи координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Ова, како што вели, е порака со која што СДСМ му става на знаење на Љупчо Коцевски дека не смее да помисли да се повлече, не смее да излезе од улогата на „заштитник“ и дека мора да продолжи да ги штити нивните криминали со непостапување, молчење и блокирање на секоја правна акција што би ја погодила нивната мрежа.
„Љупчо Коцевски, со оваа политичка „поддршка“ која што ја добива од двоецот СДСМ-ДУИ, се става во позиција да биде симбол на одбраната на криминалните структури и коруптивните шеми кои ја уништија Македонија и ја урнисаа довербата на граѓаните во правосудниот систем.
Од друга страна, се поставува прашањето:
Дали оваа „лозинка“ на СДСМ е порака на поддршка или порака на закана кон Коцевски?
Едно е јасно и кристално чисто.
Денес маските паднаа, а граѓаните ја дознаа вистината!
СДСМ и ДУИ се во очаен и последен обид да го спасат Коцевски, бидејќи само така можат да го заштитат својот криминал“.
СДСМ изминатиов период, додава Мицевски, глумеше и манипулираше, но затоа денес не гласше „За“ интерпелацијата на Коцевски.
„И токму тука лежи одговорот, зошто ниту еден функционер на СДСМ не е гонет од обвинителството со кое што раководи Коцевски, дури и по една година откако тие во се опозиција.
Но веќе нема “како до сега”!
Нема да дозволиме јавниот обвинител како институција да биде нечија алатка за спас од одговорност, ниту на СДСМ, ниту на ДУИ, ниту на било кој друг политички центар на моќ“.
Мицевски нагласува дека правдата и правичноста ќе победат, а криминалците ќе го добијат заслуженото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Заклетвата на младите питомци не е само збир на патриотски зборови, туку и израз на решеност и истрајност
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на свечената заклетва на питомците од 29. класа и слушателите на Курсот за офицери и штабни службеници на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“.
Таа истакна дека со денешниот чин младите питомци стануваат чувари и гаранти на македонската слобода, сигурност и безбедност. За неа, заклетвата е не само збир на патриотски зборови, туку и израз на решеност, истрајност, одлучност и верност.
Во своето обраќање, претседателката се осврна на современите безбедносни предизвици, нагласувајќи дека идните офицери, како дел од македонската, но и од НАТО-армијата, имаат обврска да ги негуваат највисоките професионални и морални стандарди во справувањето со сите видови закани: традиционални, асиметрични и хибридни.
Сиљановска-Давкова потсети дека униформата е симбол на одговорност и доверба, додавајќи дека да се биде дел од македонската армија е посебна привилегија што обврзува на чесна и посветена служба и порарвен
Според неа, Воената академија е водечка образовна институција од областа на одбраната, а ликот и делото на генерал Михаило Апостолски се симбол на знаење, скромност, храброст и посветеност, извонредност.
На претседателката и беше врачена плакета во знак на признание за нејзината посветеност во развојот и афирмацијата на Воената академија.
Македонија
Николовски: Мега-скандалот со ИПАРД се потврди, ќе поднесе ли сега конечно Трипуновски оставка?
Пратеникот од СДСМ и поранешен министер за земјоделство, Љупчо Николовски, укажува на сериозноста на состојбата со ИПАРД програмата, по официјалната потврда дека е донесена одлука за суспендирање на сите исплати од ИПАРД 3 програмата, истакнувајќи дека Владата со денови ја држела јавноста во незнаење.
„Се потврдува она што го говорам неколку дена – дека е донесена одлука за суспендирање на ИПАРД, а Владата и Министерството за земјоделство се обидуваа да ја сокријат. Суспензија имало два пати и тоа само кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, во 2011 и сега во 2025 година“, вели Николовски.
Тој оценува дека ова е тежок удар врз македонското земјоделство и доказ дека партизацијата, клиентелизмот и корупцијата ја разориле довербата во институциите.
„Суспензијата е, пред сè, срам за Владата и доказ дека партизацијата, корупцијата и девијантните појави се широко распространети во Агенцијата – нешто на што укажував од самиот почеток“, порача Николовски.
Според него, ИПАРД програмата во времето на СДСМ била најуспешната европска приказна во земјоделството, со рекордни 2.369 реализирани и контролирани инвестиции и целосна искористеност на европските пари. Николовски бара одговорност од актуелната власт.
„Сега Владата треба да одговори: Кој ќе понесе политичка одговорност за овој мега-скандал? Кој ќе одговара за штетите што ќе ги претрпат земјоделците и инвеститорите? Ќе поднесе ли конечно Цветан Трипуновски оставка или ќе продолжи да се преправа дека ништо не се случило? Со кој кредибилитет ќе излезе пред земјоделците?“, вели тој.
Николовски посочува дека оние кои се гонат за корупција се луѓе директно поставени од Владата и блиски соработници на Трипуновски, што дополнително ја потврдува политичката одговорност на ВМРО-ДПМНЕ за овој случај.
„Време е конечно со чесни, посветени и професионални луѓе, а не со партиски поставени кадри, да се изгради системот и да се врати довербата“, нагласи Николовски.
Македонија
Утре променливо облачно време, претпладне со повремен локален дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно, претпладне со повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Утре во претпладневните часови ќе има локални врнежи од дожд, кои во текот на денот насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен северен ветер. Потоа до крајот на неделата времето ќе биде стабилно и суво со пониска утринска температура.

