Македонија
Мицевски: На пратениците во Собранието им е скратено правото да поставуваат пратенички прашања

Според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на пратениците во Собранието им е скратено правото да поставуваат пратенички прашања. Во Собранието на Република Македонија, посочи тој, последен пат седница за поставување пратенички прашања имаше на 30 јули оваа година.
„Дури пет месеци, ако го броиме и декември, на пратениците им е скратено правото да поставуваат пратенички прашања. Од 17 месеци Влада, 8 пати имало поставување пратенички прашања“, нагласи Мицевски.
„Денес, Владата повторно сака да избега од одговорност, сака да избега од соочување со проблемите што ги мачат граѓаните, сакаат да избегаат од скандалите и аферите за кои станаа рекордери. Иако Владата е во оставка, според Уставот, нема никаква пречка да се одржи седницата за пратенички прашања и владините функционери да дадат одговори на прашањата од пратениците. Денес, Зоран Заев и неговите министри избегаа од одговори што треба да ѝ ги дадат на јавноста, а се однесуваа за криминал, корупција, надворешна политика, енергетска криза, како и локални проблеми што ги мачат граѓаните“, истакна Мицевски.
Како пример, рече тој, денес Заев избегал од одговор за прашањето за 5+1 пакетот одговори, што македонската страна го прати до Бугарија.
„Никој не знае што содржи овој пакет, никој не знае дали Владата повторно се согласила на некои отстапки кои се однесуваат на идентитетот и јазикот и дали ги прифатила условите на бугарската страна за деблокирање на патот на Македонија кон ЕУ“, додаде координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Реновирани два оддела на Клиниката за токсикологија

Министерот за здравство,Фатмир Меџити, заедно со заменик министерката, Маја Манолева, денеска ја посетија Универзитетската клиника за токсикологија, каде се комплетно реновирани одделите за токсикологија и детоксикација.
Инвестицијата е во вредност од 9,5 милиони денари.
Станува збор за комплетно реновирање на болничките соби, опремување со нови кревети и мебел, 24-часовен централен надзор и мониторинг на сите витални параметри на сите хоспитализирани пациенти, како и комплетно реновирање на сите тоалети на овој кат.
Од Министерството за здравство велат дека оваа инвестиција значи унапредување на условите за третман и успешно лекување на пациентите.
Во претстојниот период е предвидено да се реновира и приземниот амбулантски простор, со што ќе се заокружи реновирањето на комплетниот амбулантско-стационарен дел на клиниката, а предвидена е и нова токсиколошка лабораторија, што ќе значи третман на акутните интоксикации по најсовремените светски протоколи.
Македонија
Петровска во Брисел: Одвојуваме повеќе од 30 отсто од буџетот на Министерството за модернизација на Армијата

Средба Петровска – Џоана: Северна Македонија и сојузниците во НАТО се обединети и јасни во целта – безбедност на територијата на НАТО и осуда на руската агресија врз Украина.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во седиштето на НАТО во Брисел се сретна со Мирчеа Џоана заменик генералниот секретар на Алијансата.
На средбата Петровска и Џоана заклучија дека земјите – членки се обединети и посветени на безбедноста на Алијансата како никогаш досега и дека тоа е јасно видливо преку чекорите кои ги презема НАТО во зацврстување на процесите за трансформација.
Во контекст на трансформација на македонската одбрана, министерката Петровска подвлече дека Северна Македонија од самиот почеток јасно и недвосмислено се насочи кон исполнување на доделените Цели за способности преку соодветно одделување на финансиските средства. Напомена дека оваа година Министерството за одбрана одвојува повеќе од 30 отсто за модернизација што ја искажува и политичката волја за исполнување на нашите обврски.
Заменикот генерален секретар на НАТО, Џоана порача дека ставот на Северна Македонија е ист како и ставот на сите сојузници и изрази благодарност за улогата на земјата во зацврстувањето на колективната безбедност на НАТО.
Во седиштето на НАТО, министерката се сретна и со претседавачот на Воениот комитет на Алијансата, адмиралот Роберт Бауер со кого разговараше за придонесот на земјава во мултинационалните сили во рамките на Зајакнатото истурено присуство во источното крило на НАТО. Дополнително се запозна и со процесите на воената трансформација на Северноатлантската алијанса.
Македонија
Отчукува часовникот до застарување на делото на Мијлаков – остануваат 16 дена до слобода

Преостануваат 16 дена во кои Апелација треба да донесе одлука за предметот „Титаник 2“, а за на обвинетиот Сашо Мијалков да не му застари делото. Предметот што Кривичниот суд предвреме го прати до Апелација, па беше вратен назад и повторно пратен – сега е во Вишото јавно обвинителство. Таму обвинител треба да даде мислење во однос на жалбите.
„Предметот денеска ни стигна од Апелација. Го дадеме на обвинител да го проучи предметот. Мислам дека утре или задутре ќе има одлука од страна на Обвинителството“, вели Мустафа Хајрулахи за „Макфакс“.
Ако предметот биде вратен задутре со мислење, ќе останат уште 14 дена за закажување јавна седница. По нејзиното одржување, ќе може да се донесе и одлука.
За овој предмет двапати се изрекува пресуда. Првата беше укината од Апелација во декември 2019 година. Од тогаш до јануари 2023 година предметот се судеше во Кривичниот суд. Судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани одново ги прогласија обвинетите за виновни. На повтореното судење ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, е осуден на казна затвор од две години. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, исто така доби казна затвор од две години.