Македонија
Мицкоски: МВР издава фалсификувани пасоши на криминалци
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвинува дека МВР издава фалсификувани пасоши на криминалци. Тој вели дека издадените пасоши се легални, но со лажен идентитет. Според него, Зоран Заев и Оливер Спасовски ја имаат ставено државата на тацна на балкански криминалци.
„Кога пред неколку месеци кажав дека со државата владее мафија, ми беше кажано дека сум престрог во моите квалификации. Тогаш иако знаев за што станува збор имав само индиции, а денес имам и докази за тесна поврзаност на мафијата со највисоките структури на власта во Македонија. Заев и Спасовски ја имаат ставено на тацна државата на балканските криминални структури, кои важат за најсилни во источна Европа. Аферата ‘Мафија’ потврдува дека државата станала гнездо, таа е закрила и соработувала со балканските наркобосови, барани за убиства, насилство. Државата станала услужен центар. Свиркач достави информации дека постои организирана мрежа за издавање и изработка патни исправи, кои се давале на високи мафијашки структури и тоа директно во МВР. Најскапото се добивало најевтино. Се работи за легални пасоши, одобрени, изработени од МВР, но со украден идентитет. Нашите информации говорат дека овие пасоши се стотици. Истите биле посакувани од сериозно криминални структури, бидејќи добиле ретка можност со легални пасоши и фалсификуван идентитет да патуваат и да ги завршат своите криминални бизниси”, рече Мицкоски.
Според него, лицата кои ги поседувале пасошите со украден идентитет, а за кои кажа дека се легално издадени од МВР, можеле да перат пари со отворање сметки во разни држави.
„Ваков пасош има и лицето Јован Вукотиќ, кој медиумите го посочуваат како водач на ‘Шкаљарски клан’. Пасошот бил на име Андонов Ѓорѓи. Вукотиќ пред белградскиот суд сам признава дека добил пасош со легален идентитет. Истиот е уапсен во Турција и депортиран во Србија, каде има осудителна пресуда поради поседување фалсификувана патна исправа. Тој кажал дека дошол во Македонија, дал отпечаток, дека на патната исправа е со негова слика, но името не е негово туку на Ѓорѓи Андонов. Вториот е Седат Пекер на име Џадин Адемовски, кој доколку се провери фигурира и во Избирачкиот список, има право на глас. Може да се претпостави дека ова лице и гласало на некои избори”, објасни Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.

