Македонија
Мицкоски: Би било лудо ако како Влада прифатиме изградба на тунел без излез, а притоа истиот да чини 800 милиони евра
„Ние не зборуваме за било каква промена на интерес, ние едноставно зборуваме како треба работите да бидат поставени на правилна патека. Вака како што се оставени би било лудо да се сложиме како Влада на проект којшто завршува на пола тунел во слепа улица, и да потрошиме половина милијарда евра народни пари“, вели премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање и додаде дека проектот е над пола милијарда евра.
„Зошто половина милијарда евра? Затоа што вредноста на проектот е 560 милиони евра. Од тие 360 се кредит, а 200 милиони се заем, односно се грант, се извинувам. Станува збор во прва фаза 360 милиони евра пари на македонските даночни обврзници и 200 милиони евра пари на европските даночни обврзници. Во тендерската документација стои дека принципот на изработка на проектот е по жолт фидик. Чисто да знаете што е жолт фидик, за јавноста што не знае. Тоа значи дека сумата, Буџетот којшто е определен е Буџет за реализација на овој проект. Дека не се предвидува дополнителни пенали или дополнителни работи. Но тоа не е така, бидејќи во две страни во тендерската документација стои дека изведувачот има право на пенали и на дополнителни работи. Што значи дека е црвен фидик, бидејќи е така многу лесно проектот може да дојде до 750, 800 милиони евра. Јас ова ви го кажувам ова како инженер. Не ви го кажувам како претседател на Владата“, истакна Мицкоски.
Мицкоски подвлече дека Владата сака да го направи Коридорот 8, ама и да се заврши да не се создава од сè авантура. Нагласи и дека државата треба да се поддржува со бугарскиот сосед и дека не треба од сè да се прават политички теми.
„Тоа ќе подразбира минимум 500 милиони евра пари како кредит или од Буџетот, практично од граѓаните и 200 милиони евра пари на европските даночни обврзници, за 24 километра, 22 тунели коишто ќе завршат на пола тунел во слепа улица. Без да знаеме што ќе се случува од бугарска страна, бидејќи таму нема јасен проект. Дали тунелот ќе продолжи? Ние сега велиме дајте луѓе да го направиме ова како треба, да не потоа лечиме наместо да превенираме“, дециден е тој.
„Среќа што се случи промената па можеме сѐ уште да превенираме. Па велиме, дајте да го водиме проектот од бугарска страна. Нема таков. Дајте тој да го направиме. Зошто на пола тунел да завршуваме? Дајте да завршиме да биде навистина континуитет до Црното Море како што навистина предвидува стратешкиот Коридор и на НАТО Алијансата. Од Црното Море преку Бугарија, од кај нас, Албанија до Италија. Ајде да биде како што треба и мислам дека ќе наидеме на разбирање. Јас не правам политика од ова како што тоа го прават кај нашиот источен сосед. Жалам што за нивни внатрешно политички потреби тие прават политика од сето ова. Ова е инженерски проблем. Ова нема врска со политика. Сакаме да го направиме Коридорот 8, дај боже да го направиме Коридорот 8, прв сум за тоа да го направиме, но, да биде како што треба. Не можеме да влеземе, неодговорно е да влеземе во авантура во којашто не се знае дали ќе има крај или кога ќе биде крајот. Не сакаме да ни се случи новиот Кичево-Охрид автопат, само сега да биде во овие 24 километри. Жалам повторно ќе кажам нашиот источен сосед за сѐ прават тема политичка. Нема потреба, нема потреба. Тоа е исто како сега ние да кажеме граничниот премин во Берово е направен, поврзан е тој граничен премин со нов пат пропаѓа веќе години, години, затоа што од бугарска страна не се направени 20 километри и не е направен граничниот премин. На крајот на денот и не треба да се прават гранични премини. Ако мене ме прашате. Можам да кажам зошто ние го направивме експресниот пат село Жидилово од бугарска страна го нема, ама не сакам да влезам во таква игра кој е виновникот. Ние сме соседи, треба да се поддржуваме и не треба од сѐ да правиме политички теми“, изјави Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

