Македонија
Мицкоски: Бремените жени да се ослободат од работа поради загадувањето и пандемијата
Поради високата загаденост на воздухот, паралелно со пандемијата на Ковид-19, апелирам бремените жени да се ослободат од работа, и во приватен и во државен сектор, предложи денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Вчера предложив истото тоа да се случи и со хронично болните, чие здравје е со ризик“, додава тој.
Како што вели Мицкоски, бројот на починати и на заразени на дневна основа кажува колку е алармантна состојбата и затоа мора бремените жени да се заштитат од овој ризик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче изрази сочувство до семејствата на загинатите во несреќата во Нови Сад
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче изрази сочувство до семејствата на загинатите во трагичната несреќа што се случи во Нови Сад, Република Србија.
-Со голема тага ја примив веста за страшната несреќа во Нови Сад која остави зад себе загубени животи. Во овие моменти на болка нашите мисли се со семејствата кои ги изгубија своите сакани и со целиот српски народ.
Упатувам најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите во оваа трагедија а на повредените им посакувам брзо и целосно закрепнување. Им даваме силна поддршка на медицински тимови и сите кои што се борат да ги извлечат и спасат настраданите под урнатините.
Овој трагичен настан не потсетува на кревкоста на животот, но и на тоа колку е важно да се поддржуваме меѓусебно како соседи, како пријатели, како народи кои знаат да споделат и радост, но и болка, стои во објавата на Филипче на Фејсбук.
Македонија
АХВ: Од 41 дом за стари лица 14 не биле регистрирани – уништени 40 килограми небезбедна храна
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) од 29 до 31 октомври спроведоа вонредни инспекциски надзори во 41 дом за стари лица во земјава. Со контролите е утврдено дека 14 од нив не биле воопшто регистрирани како оператори со храна во АХВ.
Издадени се 16 решенија со наредби за отстранување на утврдени недоследности од кои кај четири оператори за незадоволителни хигиенски барања, а кај три оператори е утврдено дека вработените немале спроведено задолжителен здравствен преглед. Изречени се и парични кази за 18 оператори.
Според АХВ, кај пет оператори се запленети и нештетно уништени 40 килограми небезбедна храна.
Скопје
Герасимовски: Со инвестициите во образованието поставивме нови стандарди за квалитетен наставен процес
Лифтови, пристапни рампи, сензорни соби и санитарни јазли за потребите на учениците со потешкотии, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски го претстави отчетот за сработеното во изминатите три години.
„Во делот на образованието, сакам да истакнам дека Општина Центар посветува сериозно внимание на инклузивниот процес за учениците со потешкотии во движењето. Во доградбата на училиштето во „Коле Неделковски“ поставивме лифт, прилагодени санитарни јазли, пристапни за учениците со потешкотии во движењето, лифт и пристапни рампи поставивме и во новата градинка Пролет, а пред два месеца ги завршивме и пристапната рампа во училиштето „Кочо Рацин“. Дополнително, вложуваме и во подобрување на спортските објекти во училиштата. Ги реконструиравме спортските сали во училиштата „11 Октомври“, „Гоце Делчев“, „Кочо Рацин“ и свечената сала во училиштето „Димитар Миладинов“. Темелно ги реконструиравме и модернизиравме трпезаријата и кујната во училиштето „11 Октомври“, набавивме информатичка опрема во вредност од 6 милиони денари, отворивме сензорни соби и поставивме прочистувачи на воздух во секоја училница во сите училишта“, изјави Герасимовски презентирајќи го отчетот.
Центарскиот градоначалник исто така рече дека работеле и на реконструкции на санитарни јазли во пет основни училишта. Дополнително, обновени се крововите на градинката „13 Ноември“ во објектот „Јасмин“ и на градинката „Корчагин“, каде направена е целосна реконструкција на сите занимални.
„Три години по ред обезбедуваме бесплатни ранчиња и училиштен прибор за сите првачиња, со што го олеснуваме финансискиот товар на родителите. Општина Центар е единствената општина што обезбедува лични асистенти за децата во училиштата кои не се опфатени со проектот на Министерството за образование и наука“, потенцираше Герасимовски.