Македонија
Мицкоски: Бугарските политичари треба да клекнат пред споменикот на паднатите борци од НОБ

На денешниот протест на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на партијата Христијан Мицкоски упати неколку пораки во текот на своето обраќање пред граѓаните.
„Првата порака е до политичарите кај нашиот источен сосед. Ако мислите дека измисливте, пронајдовте или поддржавте квинслинг или квинслиншка влада овде во Македонија, се лажете, ниту тој квинслинг, ниту оваа квинслиншка влада од нашата колективна меморија и од нашите срца ќе ја избрише улогата, ликот и делото на Даме, на Гоце, на Питу, на Хаџи Арсов, на Хаџи Николов, на Поп Арсов затоа што тие се бореа за нова современа македонска држава“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека политичарите од Бугарија наместо да велат дека Мицкоски предводи анти-бугарска хистерија во Република Македонија, најдобро би било при првата посета на Скопје, пред споменикот на паднатите борци, недалеку од зградата на Владата, да клекнат, да го следат примерот на Вили Брант и да се извинат на македонскиот народ на тоа што им го направиле.
Втората порака тој ја упати кон претставниците на меѓународната заедница.
„Сум разговарал со многумина, сум ве гледал во очи, дека вие имате голема сипматија кон овој мал народ и оваа мала држава. Немојте да дозволите некои политичари од земја членка, наместо политика на иднина, да шират политики од среден век, ревизионистички политики, хегемонски политики на големи држави и нации. Немојте да дозволите да се погазат политиките на Де Гаспери, Аденауер и Шуман, ајде да зборуваме за вештачка интелигенција, да зборуваме за почист воздух, ајде да зборуваме и да му помогнеме на овој народ, да и помогнеме на Македонија еден ден да седне со вас на маса во европското семејство, во обединета Европа и да зборуваме за квалитетно образование. Дозволете му на овој народ на отпочне преговори со Европската унија, а овој народ ќе ви врати, ќе ви врати со сето срце и знаење кое го има, и ќе го изоди најбрзиот пат до полноправно членство во Европската унија“, истакна Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ упати порака и до Владата, до Зоран Заев, по никоја цена да не помислат да го продаваат македонскиот идентитет.
Од македонскиот народ, пак, побара да и помогне на својата татковина.
„До македонската нација, до Албанците, Турците, Власите, Ромите, Србите, Бошњаците, Египјаните, до сите наши сограѓани, излезете браќа и сестри и помогнете и на Македонија. Имам информација дека овој викенд се распарчува Македонија во Софија и се преговара за иднината на нашиот идентитет, да не дозволиме, и од утре внимателно да ја блокираме Македонија секој нареден ден и да не дозволиме овие луѓе да ни ја продадат верата, нацијата и кожата, тие одамна си го продале својот ген на ѓаволот“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: За време на СДСМ улица во Драчево е преименувана во Азем Морана

Срамно и дрско е СДС да зборува за темелите на македонската државност откако променија знаме, име и Устав на државата, реагира ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од СДСМ.
„СДС која тоне се подолу во рејтингот меѓу граѓаните, заборава дека име на училиште го дава општинскиот совет, а не Владата. За да ги потсетиме, токму тие во време Зоран Заев како премиер и градоначалник на СДС во Скопје, во Драчево улица е преименувана во Азем Морана, откако претходно се викала Јустинијан Први. СДС говори за македонска државност, а во нивно време се променија и името, и знамето и Уставот на Македонија. Ги распродаваа државните интереси на кој стигнат за ден повеќе власт. Затоа граѓаните не им дадоа доверба и тонат секојдневно се повеќе. Подлоста на СДС оди во невидени размери, а ние како ВМРО-ДПМНЕ сме вчудоневидени на нивното однесување“, пишува во реакцијата.
Македонија
Клиниките за Токсикологија, Неврологија и Кардиологија добија нови директори

Министерството за здравство информира дека се именувани нови в.д. директори во четири јавни здравствени установи.
На Универзитетската клиника за токсикологија за в.д. директор е именуван д-р Арѓенд Имери, на местото на д-р Андон Чибишев.
На Универзитетскиот институт за клиничка биохемија за в.д. директор е именувана д-р Мимоза Бафќари-Бакији, на местото на д-р Николина Граздановска.
На Универзитетската клиника за неврологија за нов директор е именуван д-р Игор Кузмановски, на местото на д-р Фатмир Меџити.
На Универзитетската клиника за кардиологија за нов директор е именувана д-р Даница Петкоска Спирова, на местото на д-р Беким Поцеста.
Новоименуваните директори ја извршуваат оваа функција почнувајќи од вчера.
Македонија
СДСМ: Осуда за скандалозната одлука за именување на училиште во Студеничани со името на Азем Морана

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија најостро ја осудува, како што велат, скандалозната одлука на Владата за именување на општинското основно училиште во Општина Студеничани со името на Азем Морана, според СДСМ, познат балист и соработник на фашистичкиот окупатор за време и по Втората светска војна.
„Ова именување е историски неосновано и претставува директно понижување на антифашистичката борба на македонскиот и албанскиот народ. Тоа е навреда за сите борци од НОБ, за жртвите од фашистичкиот терор, за вредностите врз кои е изградена нашата држава, слободна, демократска и европска Македонија. Преку рехабилитација на фигури поврзани со балистичкото движење што ја прават ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН се нарушуваат темелите на идеологијата врз која е изградена македонската државност: антифашизмот, народниот суверенитет и демократските вредности. Според десничарската матрица, тие свесно и систематски го бришат антифашизмот од колективната меморија заменувајќи ги партизанските имиња со имиња на балисти, соработници со фашистичкиот окупатор“, велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека бескомпромисната борба против фашизмот не е само дел од нашето историско наследство, туку е структурна вредност на нашиот уставен поредок, на нашиот идентитет и на нашата евроинтегративна определба.
„Срамно е една влада којашто тврди дека е за Европа да дозволува вакви опасни чекори. Наместо да ги едуцира младите за вистинските херои на слободата, таа ги учи да ги слават соработниците и поддржувачките на фашистичката идеологија. Тоа е образовно и морално злосторство за едно деморкатско општество коешто се стреми кон европските вредности“, велат од СДСМ.
Партијата ја повикува Владата итно да ја преиспита одлуката, водејќи се од почитта кон борците и да поднесе итна иницијатива до надлежните институции за нејзино укинување. Од СДСМ велат дека ќе побараат и отворена расправа во Собранието, како и поддршка од Сојузот на борците и од сите прогресивни сили во државата.
„Нема да дозволиме ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН да ја поткопуваат идеологијата на антифашистичката борба и македонската историја. Македонија е изградена врз темелите на антифашизмот, а не врз ревизионизам и така мора да остане“, велат од СДСМ.